ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светите Христови
маченици Прокло и Илариј
12 јули / 25 јули



Благословен си Ти Христе Боже наш,
кој Прокло Твојот слуга во родот Свој го присоедини,
надеж негова стана во маките и исповедта,
а тој бестрашниот, во познание и љубов кон Тебе,
го приведе Иларија.
По нивните молитви и нас утврди не,
на каменот на Твоите свети заповеди.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар
на светиот преподобномаченик
Симон Воломски
12 јули / 25 јули

Ја обручи душата твоја за Христа,
о Симоне оче преподобен,
а Он благодат ти подари и венец од дарови,
со кои браќа и немоќни нахрани,
а и сам слава и чест маченичка испроси,
за да посведочиш дека целиот слуга Божји постана,
кој и сега за нас пред Него колена преклонува.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Михаил Малеин
12 јули / 25 јули

Добар пастиру Христов,
Михаиле оче преподобен,
со подвиг на трпение Господовата благодат ја привлече,
и мноштво духовни ластари од тебе Спасителот изведе,
за кои ти непрестано се молеше и кон Него ги водеше.
И за нас сега застапи се оче свети,
кој претстоиш пред Оној Кој од младоста Го засака.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на чудотворната икона
на Пресвета Богородица
Троеручица
12 јули / 25 јули

Угодникот твој Јован припаѓајќи пред тебе Мајко Божја,
измоли благодат од силата која ти е подарена,
за свое спасение, но и за заштита и помош на многумина,
кои со твојата трета рака, ги милуваш и мајчински ги прегрнуваш,
за да сите ние ти воспееме:
Тебе ти се радува Благодатна секоја твар,
ангелскиот собор и човечкиот род!



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светата
Христова маченица
Марија Персијанка
12 јули/ 25јули

Голема е славата твоја на Небесата,
о Марио мајко наша преподобна,
ангелот ти ја измени телесната природна потреба
по Божјо благоволение гледајќи ги твоите за Христа страдања.
Радувај се ти преславно трпение,
радувај се ти ревносно исповедание,
и за нас моли се пред Оној на Кого душата твоја ја обручи.



 
*Поранешното име и беше Голиндуха

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светата
Вероника
12 јули / 25 јули

Силата во земниот живот која од тебе истекуваше Веронико света,
од допирот на Животот се претвори во благодат на верата,
надежта и љубовта, со која ти Него Го исповедаше пред луѓето и ангелите.
Радувај се и моли се за нас ти, верна слугинко Господова.

*крвоточивата жена која се допре до Господа

 
*катакомбна претстава

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (25.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Светите маченици Прокл и Илариј

Овие маченици беа родум од Калипта во Азија и Прокл му беше чичко на Илариј. Пострадаа во времето на Трајан. „Од кој род си?“, го праша судијата Прокл. Прокл одговори: „Христос ми е род и надеж и Бог“. Кога судијата му се закани со маки, Прокл рече: „Кога вие се плашите да ги престапите царските заповеди за да не паднете во краткотрајни маки, колку ли ние христијаните се плашиме да ја престапиме заповедта Божја за да не паднеме во вечни маки!“ Кога го мачеа Прокл, тогаш Илариј му пристапи на судијата и рече: „И јас сум христијанин“. После многу мачења обајцата беа осудени на смрт, и тоа Прокл го распнаа на крст, а на Илариј му ја отсекоа главата со меч. И отидоа обајцата во радоста на Господ.

sv.M.Malein.jpg

 

Преподобен Михаил Малеин

Човек од благороден и богат род. Во младоста ги презре земните богатства и се повлече на гората Малеа, кај Света Гора, кај што се подвизуваше и си го очистуваше срцето со пост и со молитва. Подоцна имаше многубројни ученици, од коишто најпрочуен е Св. Атанасиј Атонски. Се упокои мирно околу 940 година.

Светата маченичка Голиндуха

Персијанка, најпрво во брак со еден персиски волх, со кого живееше три години. Потоа имаше видение од ангел којшто ѝ го покажа оној свет: маките на грешниците и неверниците и радоста на праведниците. По ова таа го напушти мажот и се крсти. На крштението го доби името Марија. Гонета од мажот ѝ, беше осудена на доживотен затвор. Во затворот помина осумнаесет години и не се поколеба во верата. Потоа беше фрлена во некоја јама, но Бог ја спаси, а ја фрлија и пред некоја страшна змија, но змијата не ја повреди. Кога ѝ испратија некои злосторни момчиња за да ја осквернат, Бог ја направи невидлива за нивните очи. Восхитени од нејзините страдања мнозина Персијанци ја примија верата Христова. Го посети Ерусалим, каде што ја изобличи верата Севирова, којашто учеше дека Божеството во Христа пострадало, заради што читаа: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети бесмртни, Кој Си распнат за нас, помилуј нѐ!“ Најпосле проповедајќи ја вистинската вера мирно се упокои близу градот Нисивија, во 587 година.

Света Вероника

Тоа е крвоточивата жена којашто во она време Христос ја исцели (Матеј 9, 20). Од благодарност кон својот исцелител Господ, Вероника порача и ѝ направија статуа на Исус Христос и пред неа таа Му се молеше на Бога. Според Преданието оваа статуа била сочувана до времето на царот Јулијан Отстапник, којшто ја претворил во статуа на идолот Ѕевс. Ова е еден од вонредно ретките случаи во Црквата на Исток да бидат употребувани статуи со свети ликови. Како што е познато, подоцна тоа стана обичај во западните цркви. Света Вероника ѝ остана предадена на Христовата вера до својата смрт и мирно почина.

Светите маченици Теодор и Јован

Татко и син, по потекло Варјази кои беа крстени, па се доселија да живеат во незнабожниот град Киев. Разјарени незанбожци им ја урнаа куќата врз нив, па обајцата загинаа за Христа. Нивните мошти почиваат во Антониевите пештери. Ним најмногу им се молат бездетните и оние на коишто не им се додржуваат децата.