ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светата
Христова великомаченица
Недела
7 јули / 20 јули



Лекувајќи ја душата твоја Бог те умудри,
о света великомаченица Недело,
времето за тебе запре кога со вистината се украси,
без Љубов маките во животот се бреме неподносливо,
о света девојко, моли се за нас,
кои го празнуваме светиот спомен твој.

 

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобната мајка
Ефросинија Московска
7 јули / 20 јули

Благоверна слугинско Христова,
Ефросинијо мајко света,
радоста на лицето твое пред верните во Господа
го прикрија подвигот за Бога принесен
преку целиот живот твој земен за кого Христос те поведе, цветови на благодатта да собереш од градината на срцето.
Спомни си за нас мајко облагодатена
пред Женикот на твојата душа.

 
*кнегиња Евдокија, во монаштво Ефросинија


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите Христови
преподобномаченици
Епиктет и Астион
7 јуни / 20 јули

Радост наша сте, свети Христови маченици
Епиктете и Астионе, од чии имиња залиени
со благодат, треперат демоните.
Имајќи Го Христа на усните,
Господ стана господар на срцата ваши,
 од кои молитви за спасение кон небесата се подигнати.
Молете се за нас свети подвижници,
до крај да истрпиме од Неговата благодат закрилени.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите
Христови маченици
Перегрин, Лукијан, Помпеј, Исихиј,
Папиј, Саторнин и Гераман
7 јуни / 20 јули

На крв маченичка Црквата се зацврсти,
о свети Перегрине, Лукијане, Помпее,
Исихие, Папие, Саторнине и Германе,
и вие станавте дел од венецот кој
нејзините ѕидини ги зацврстува.
А ние кои чесниот ваш спомен го славиме,
не престануваме да се восхитуваме на верата ваша
во Господа и да молиме спасение по вашите свети молитви.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Тома Малеин
7 јули / 20 јули

Ревноста твоја по Бога,
Спасителот ја награди со столб огнен,
и патеводител во лицето на Илија свети,
а ти, о Томо оче преподобен колена не подигна,
непрестано разгорувајќи молитва огнена,
од која силата Господова од секоја напаст избавуваше,
и сечија болест исцелуваше.
Моли се за нас сега и во веки,
војнику Христов непоколеблив.


Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (20.07.2020)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Светата великомаченичка Недела    

sv.NEDELA.jpgВо времето на христоборните цареви Диоклецијан и Максимијан во Анадолија живееја две побожни стари души, Доротеј и Евсевија. Беа побожни христијани, богати, но и бездетни. Со непрестајна молитва испросија од Бога едно чедо, оваа Света Недела.

 Таа од детството Му се посвети себеси на Бога, воздржувајќи се од сѐ што прават разузданите деца. Кога порасна, прекрасна во телото и во душата, навалија многубројни просци, но таа сите ги одбиваше, велејќи дека е вереница на Господ Христос и дека ништо не сака, освен да умре како девојка. Еден од одбиените ги обвини Недела и нејзините родители како христијани пред царот Диоклецијан. Царот нареди и нејзините родители прво ги мачеа, а потоа ги протераа во градот Мелитина, каде што кончанието им беше во маки за Христа

. Света Недела пак, му ја испрати Диоклецијан на Максимијан да ја суди. Бидејќи ја потврди својата вера во Христа пред Максимијан, тој нареди и ја тепаа со воловски жили. Потоа царот им ја предаде на војводите, прво на Иларион, а откако тој умре на Аполониј. Овие ја мачеа ѕверски на сите можни начини, но сѐ им беше залудно.

Додека Света Недела лежеше во рани во затворот, ѝ се јави Господ Христос и ја исцели и ѝ рече: „Недело, не плаши се од маките, Мојата благодат е со тебе“. Христовата благодат навистина ја спаси оваа маченичка и од оган и од ѕверови, со што нејзините судии мислеа со сигурност да ја умртват. Многумина незнабожци, гледајќи го нејзиното чудесно спасение од толку смрти, поверуваа во Христа. Но сите беа заклани.

Света Недела му рече на Аполониј: „На ниеден начин нема да ме одвратиш од мојата вера. Ако ме фрлиш во оган, ги имам Тројцата младенци; ако ме фрлиш на ѕверовите, го имам за пример Даниил; ако ме фрлиш во морето, пример ми е Пророкот Јона; ако ме предадеш на меч, ќе се сетам на Чесниот Предвесник. За мене живот е да умрам за Христа.“ Тогаш Аполониј нареди да ја убијат со меч. Недела клекна на колена, ги подигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога да ја помилува и да ги спаси сите што ќе го слават нејзиниот спомен, а нејзината душа да ја упокои заедно со душите на нејзините родители. Кога ја заврши молитвата Му ја предаде душата на Бога, пред да се спушти мечот врз нејзината Света глава. Чесно пострада и се пресели во Небесното Царство во 289 година, во Никомидија.

 

Преподобен Тома Малеин    

Најпрво беше војвода, прочуен по богатсвото и по храброста. Во телото беше многу крупен и им задаваше страв на своите непријатели. Но кога Го засака Христа повеќе од светот и сѐ што е во светот, остави сѐ и се повлече во пустина, се замонаши и се предаде на подвиг. Му се јави Св. пророк Илија и го одведе на гората наречена Малеа, до Света Гора. Овде тој живееше сам со Бога во деноноќна молитва. Иако се криеше од светот, не можеше да се докрие. Кога дознаа за светоста на неговиот живот, луѓето почнаа да доаѓаат кај него и да му ги носат своите болни. И Свети Тома ги лечеше од секоја болест и неволја. А кога се престави кај Бога (во 10 век), неговите мошти продолжија да им помагаат на сите коишто со вера им притекнуваа.

Преподобните маченици Епиктет и Астион

Астион, единец на неговите родители, кон верата Христова го приклони свештеникот Епиктет и го замонаши. Потоа се отселија некаде во источните краеви во скитски предели и се населија во скитскиот град Алмирид (денешен Рамзин), кај утоката на Дунав во Црното Море. Мачени и убиени со меч заради верата Христова околу 290 година. Обајцата по смртта во голема светлина им се јавија на Астионовите родители, Александар и Маркелина, кои поверуваа во Христа и се крстија од епископот Евангел, којшто и самиот потоа беше убиен за Христа. „Евангел, сличен на ангел“, како што е воспеан.