Тропар на светиот Христов
маченик Јулијан Тарсиски
и неговата мајка
21 јуни / 4 јули

Благословена си Ти Пресвета Богородице Утешителке,
Учителке и примеру на мајките,
кои ги следат челадтта на голгота,
блажен си ти о мачениче Јулијане,
кој ободрен од мајка си, закрепнат од Христовата благодат,
се откажа од минливите сладости на овој свет,
па поита да созрееш мажествено,
исповедувајќи дека Вистината е над сé,
Патот е Еден,
а животот е вреден само кога е Вечен.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 Тропар на светиот
новомаченик Христов
Никита Нисирски
21 јуни / 4 јули

Патот, Вистината и Животот те поврати
во лоното свое, свети новомачениче Никито,
и со благодат те обви испраќајќи те на подвиг славен,
тебе молитвеникот наш свет,
чиј спомен денес го чествуваме и Бога
Го прославуваме во вечни векови.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобните отци
Јулиј и Јулијан
21 јуни / 4 јули

Угодници свети Господови Јулие и Јулијане,
Храмови молитвени преку вас никнаа во слава Божја,
за спасение на многумина и прослава Спасителева.
Радувајте се верни слуги и за нас
спомнете си од Храмот Неракотворен Небесен.



 


 Извор МПЦ – ОА

Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (04.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021лето Господово

Од Верскиот календар:

Светиот маченик Јулијан Тарсиски  

Од благородно, сенаторско потекло; живееше во Тарс Киликиски, пострада во времето на Диоклецијан. Иако имаше само осумнаесет години кога беше подложен на мачење за верата, Свети Јулијан беше веќе доволно воспитан и утврден во христијанското благочестие. Царскиот намесник го водеше со себе цела година од град во град, постојано мачејќи го и наговарајќи го да се одрече од Христа. Мајка му оддалеку го следеше Јулијан. А кога намесникот ја фати и ја испрати да го посоветува својот син да се откаже од Христа, таа три дена му го зборуваше на синот во затворот спротивното, влечејќи го и храбрејќи го да не паѓа со духот, туку смело и со благодарност кон Бога да појде во смрт. Тогаш мачителите го зашија Јулијан во вреќа со песок, скорпии и змии, па го фрлија во морето. Мајка му исто така умре маченички. Неговите мошти брановите ги исфрлија на брегот, а верните ги пренесоа и чесно ги погребаа во Александрија, во 290 година. Подоцна тие мошти беа пренесени во Антиохија. Дојде време кога Свети Јован Златоуст одржа пофално слово за Светиот маченик Јулијан: „Од усните на мачениците исходеше свет глас и заедно со гласот се излеваше светлина појасна од сончевите зраци“. И уште: „Земи кого сакаш, избезумен или демонизиран и приведи од нив кај овој свет гроб во којшто лежат маченички мошти и ќе видиш како тој (демонот) веднаш ќе отскокне и ќе побегне како од палежен жар“. Од овие зборови е јасно колку многубројни чуда мора да се случувале на гробот на Свети Јулијан.

Преподобните Јулиј и Јулијан    

Родени браќа од грчката област Мирмидонија. Од малечки воспитани во христијанство, со завет дека ќе живеат секогаш во девственост, служејќи ѝ на Црквата. Јулиј беше презвитер, а Јулијан ѓакон. Од царот Теодосиј Помладиот издејствуваа грамат за да ги уриваат идолиштата, а да градат христијански цркви. Овие двајца браќа како двајца апостоли ги обраќаа нехристијаните во христијани вдолж Исток и Запад и ѕидаа цркви. Додека живееја изградија сто цркви. Се упокоија мирно во Господа, близу Медиолан. Жителите на Медиолан го повикуваат Свети Јулиј на помош против волците.