ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 


 

Тропар на светите Христови мироносици
Марта и Марија
4 јуни / 17 јуни

Вонмен, о роде човечки,
еве Патот кој се покажа Он и се отвори,
само едно е потребно – следете го Господа и поучувајте се од Него.
Земјата е подножје на нозете Негови – нив помазувајте ги зошто свети се,
а со покривалото на вашата глава бришете ги,
зашто Он ја излива благодатта Негова на главата ваша.
О свети мироносици Марта и Марија,
молете се благодатта да не престане да се излива на свештениците Божји,
како миро на глава, што се слива по брада, брадата Аронова, по полите на одеждите негови.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Астиј епископ Драчки
4 јуни / 17 јуни

Телото, свет епископе Астие, го издаде подвигот твој:
 на крстот ги распна страстите и похотите,
пастир примерен со тоа постана,
кој многумина со благодат Христова
избави од прелеста на овој свет.
Радувај се свештеномачениче и за нас моли се
пред Вистината која ослободува.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светите
Христови маченици
Фронтасиј, Северин, Северијан
и Силан
4 јуни / 17 јуни

Главата ваша Христос Спасителот,
го сочува умот просветлен во телата маченички,
о, Фронтасие, Северине, Северијане и Силане,
а Богомајката чесно ве пречека уште на земјата,
воведувајќи ве во слава Божја на небесата,
каде сега за нас молете се,
радувајќи се во сладоста неискажлива.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

  Тропар на светиот
Христов маченик
Конкордиј
4 јуни / 17 јуни

О Конкордие свети, напоен со благодат Христова,
небесата со мачеништвото ги освои,
срцата на многумина од верата твоја за Христа се стоплија, вратата црковна од непоколебливоста се зацврсти
и мноштво повикаа: Боже Конкордиев смилувај се на нас!
Господи по неговите свети молитви помилуј нѐ.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот Митрофан
прв патријарх Цариградски
4 јуни / 17 јуни

Велики Митрофане, Божји угодниче, пастиру благодатен,
тебе Великиот те удостои да видиш синови од синовите,
кои Христос преку тебе ги возведе,
да го пасат стадото Негово,
а ти сега живеејќи во бесконечниот живот
и за нас спомни си во твоите архипастирски молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобната мајка
Софија
4 јуни / 17 јуни

Блажена си ти Софијо света која Бог ја посети,
Оној Кој дава, Тој и зема за спасение на многумина,
благословено е Неговото име затоа што Тој
е садот од кого пиеме, црпејќи постојано опростување.
А преку тебе мајко блажена
повторно силата Негова се покажа,
по твоите свети молитви за сите принесени.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

 Тропар на преподобниот
Христов епископ
Зосим Вавилонски (Каиро)
4 јуни / 17 јуни

Пустината ги исуши страстите твои о, Зосиме преподобен,
и благодатта те припреми за жезол пастирски
да наследиш во слава Господова.
Достојно мноштво кон спасение приведе
оче свети, надеж во Господа полагајќи,
и сега моли се свет епископе да се спасат нашите души.

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 

 Православен календар за 17/06/2018  

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2018 лето Господово