3.angeli.so.truba

Свети Евдоким    

Роден во Кападокија од благочестиви родители, Василиј и Евдокија. Во времето на царот Теофил (829 г. – 842 г.) Евдоким беше млад офицер во војската. Но и како војник вложуваше секаков напор за да живее според евангелските заповеди. Непорочно ја чуваше својата чистота и одбегнуваше да зборува со која и да е жена освен со мајка му; беше милосрден кон бедните, грижлив во читањето свештени книги и уште погрижлив во молитвите кон Бога. Одбегнуваше суетни забави и празнословие.

„Сред метежот и суетата на светот, како крин меѓу трње и како злато насред оган“. Заради неговите необични добродетели царот го постави за војвода кападокиски. На таа висока положба Евдоким се грижеше да биде праведен пред Бога и кон луѓето. Но по Божја Промисла се упокои рано, во својата триесет и трета година. Неговите мошти се пројавија како целебни. Еден полуден човек се допре до неговиот гроб и оздраве, а и едно фатено дете се крена и стана здраво. По осумнаесет месеци неговата мајка го отвори ковчегот и го најде неговото тело како живо, без каков било знак на распаѓање. А од телото на светителот излегуваше прекрасен мирис. Подоцна моштите му ги пренесоа во Цариград и ги погребаа во новата црква на Пресвета Богородица, усторена од благочестивите родителите на овој праведен Евдоким.

 

Тропар на
светиот праведен Евдоким
31 јули / 13 август

Оној Кој те повика од земјата кон
Небесните населби,
Тој и по смртта го сочува неповредено телото твое,
о свети Евдокиме
ти во целомудреност и чистота
блажено си живеел,
неосквернувајќи ја плотта.
Затоа смелост имајќи пред
Христа Бога, моли Го за нашето спасение.


Извор МПЦ – ОА