логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Од завчеравечер во Мала станица е отворена изложба на која може да се видат дела кои ретко се изложуваат во тој обем и која за сите заинтересирани љубители на уметноста ќе биде отворена до 9 декември. Посетителите имаат можност да видат над 50 дела на еминентни македонски уметници, инспирирани од надреализмот и фантастиката

Најзначајните остварувања во доменот на надреализмот и фантастиката, создадени од еминентните македонски уметници, од завчеравечер можат да се видат во галеријата на објектот „Мала станица“.

Отворањето на изложбата предизвика голем интерес, а присутните имаа можност да ги видат сликите и скулптурите на авторите од нашата држава кои оставија впечаток на македонската ликовна сцена и тоа од 60-тите години на минатиот век до почетоците на 21 век, поточно во период од педесетина години.

Оваа изложба на која може да се видат дела кои ретко се изложуваат во тој обем и која за сите заинтересирани љубители на уметноста ќе биде отворена до 9 декември, ги воодушеви посетителите, а како што велат во Националната галерија веќе се најавени и организирани групи на ученици и студенти.

Во галеријата се претставени над 50 дела, меѓу кои сликите на: Васко Ташковски, Спасе Куноски, Кирил Ефремов, но и на Миле Корубин, Трајче Јанчевски, Милош Коџоман, Рубенс Корубин, Владимир Величковски… Од скулпторите кај кои се евидентни овие тенденции се фантастичните етнолошко-митолошки композиции на Анета Светиева… Во колекцијата се и остварувањата Владимир Георгиевски, Вана Урошевиќ, Илија Пенушлиски, Благоја Николовски, Атанас Ботев, графичарите Доне Миљановски, Виолета Чауле, Дијана Томиќ-Радевска, Славица Јанешлиева, скулпторите Томе Аџиевски, Димче Димески и др.

„Целта на проектот е да се истражи и претстави развојот и влијанијата на овие правци во современата македонска ликовна уметност преку избор на репрезентативни дела на македонските ликовни уметници кои се наоѓаат во колекцијата.

Потребата да се претстават делата и авторите кои припаѓаат на овој правец и/или во кои се воочливи влијанија од истиот се должи на фактот дека само мал дел од нив се претставени во постојаната поставка на Националната галерија на Македонија, изложена во Даутпашиниот амам“, вели директорката д-р Дита Старова-Ќерими.

Делата произлегуваат од богатиот фундус во сопственост на Галеријата, но се наоѓаат во депоата и се ретко изложувани. Со ваквото претставување пошироката јавност и публика добива можност да се запознае со овој период од развојот на современата македонска уметност, односно проектот има и едукативен карактер.

Од вчера изложбата во Галеријата на Мала станица организирано започнаа и посети од страна на ученици и студенти, за кои запознавањето со македонската ликовна сцена и влијанието кое надреализмот и фантастиката го извршиле врз развојот на современата македонска уметност во минатото, како и рефлексиите кои можат да се согледаат сè до денешните остварувања.

 

 

https://www.vecer.press/%d1%84%d0%b0%d0%bd%d1%82%d0%b0%d1%81%d1%82%d0%b8%d1%87%d0%bd%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%b2%d0%be-%d0%b4%d0%b5%d0%bb%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bc%d0%b0%d0%ba%d0%b5%d0%b4%d0%be%d0%bd%d1%81%d0%ba/

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie