логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

Го добив, чедо, твоето писмо и во него ја видов твојата загриженост. Но, не тагувај, чедо, немој толку да се вознемируваш. Ако повторно си паднал, пак подигни се. Ти трчаш кон небото, па затоа не е чудно да се сопнува оној кој трча. Само треба да се има трпение и покајание секој миг.

Значи, прави метанија секогаш кога грешиш и не губи време. Зашто, колку што одолговлекуваш да побараш прошка, толку му дозволуваш на лукавиот да пушта корени во тебе. Не му оставај простор да добива право врз тебе. Така, немој да очајуваш кога ќе паднеш, но откако ќе се подигнеш, бодро направи метанија и речи: „Прости ми, Христе мој, човек сум немоќен“.

Не си напуштен. Но бидејќи сеуште има во тебе световна гордост, многу суета, те остава Христос да погрешиш, да паднеш. Така секој ден од искуство ќе ја учиш твојата слабост и ќе имаш трпение за грешниците. Да не ги осудуваш браќата кога грешат, но да имаш трпение спрема нив. Па така, колку и да паѓаш, повторно да стануваш и да бараш прошка.

Не оставај тага во своето срце, зашто радост на лукавиот е тагата, очајот, од кои се раѓаат многу работи што ја полнат со горчина душата која ја исполнуваат тие. Од друга страна, подготвеноста на покајникот вели: „Згрешив, прости ми, отче!“ И ја изгонува тагата. „Зарем – вели – не сум човек немоќен? Тогаш, што треба да правам?“ Навистина, чедо, така е. Имај храброст.

Само кога благодатта Божја сака, тогаш човек застанува на нозе. Инаку, без благодатта тој постојано е привлекуван и постојано паѓа. Треба да имаш машкост и да не се плашиш воопшто.

Гледаш како твојот брат го трпеше искушението, како што пишуваш? Истото прави го и ти. Стекни јуначка размисла за спротивставување на помислите кои доаѓаат против тебе. Тие посекако ќе дојдат, а дури и имаш потреба од нив, зашто без нив нема очистување. Остави што ти вели безволноста и мрзливоста, не им се плаши. Бидејќи со благодатта Божја поминаа претходните, така ќе поминат и овие – си ја бркаат работата. Искушенијата се лекови и лековити билки кои ги лечат видливите страсти и невидливите рани.

Значи, имај трпение за да добиваш секојдневно, да си зачувуваш плата, одмор и радост во Небесното Царство. Зашто доаѓа ноќта, односно смртта, кога никој повеќе не ќе може да работи. Затоа трчај, зашто времето е кратко.

Знај го, пак, и ова: подобар е еден ден живот, полн со победи, награди и венци, отколку многу години проживеани во невнимание. Зашто еден ден борба со знаење и душевен осет вреди за педесет нечии години, без знаење и со невнимателна борба.

Не чекај да се ослободиш од страстите без борба и без крвопролевање. Трње и троскот ни раѓа земјата после непослушанието. Добивме заповед за очистување, но со голема болка, со крвави раце и со многу воздишки се искоренуваат. Значи, плачи, пролевај реки од солзи и омекнувај ја земјата на твоето срце и, откако ќе се навлажни земјата, лесно ќе ги откорнеш трњата.

 

Извор: Бигорски манастир

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie