liturgija.spas1.jpg

Благодатта е сила Божја. Таа е посебна помош која им се дава на верните заради нивно осветување, морално усовршување и спасение. Името овој збор потекнува од црковнословенскиот збор - благодат што значи добар дар, благодатен  дар. Буквално преведено овој збор значи  својство кое кај човекот предизвикува пријатно чувство.
Извор на благодатта е Светата Троица. Благодатта секогаш ја дава Бог Отец поради заслугите на Бог Синот, а ја соопштува Светиот Дух. Благодатта му помага на човекот да ја сознае својата грешност, го побудува на покајание и повикува на спасение, дава опростување на гревовите, го просветува разумот  за да разликуваме што е добро и зло, за да го засакаме доброто, а да го намразиме злото.
Зборот благодат не значи само љубов, но и милост Божја. За ова имаме сведоштво кај ап. Лука ( 1, 30) кога Ангелот Гаврил, по повод Исусовото зачнување, на св. Дева Марија í вели: " Зашто си нашла милост пред Бога". По паѓањето во грев, човекот станал толку немоќен и слаб, што дури и покрај моралниот закон не можел да се оправда пред Бога. Затоа Бог му дава посебен вид помош - благодат Божја, без која човекот не може да се спаси. Човекот без благодат е како сува земја без влага или како дива маслинка која не дава плод, вели св. Иринеј Лионски. А Блажени Августин вели: "Како што окото, иако е потполно здраво, не може да види ништо без светлост, така човекот не може да живее праведно без Божјата благодат". Благодатта е неопходна потреба заради тоа што без неа не можеме да се обратиме кон Бога, ниту пак, да веруваме во Христа Спасителот, а камоли да вршиме добри дела.
Поради тоа што Г. И. Христос е Спасител на целото човештво и благодатта е наменета за сите луѓе. Бог сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината ( 1 Тим. 2, 4). Благодатта се дава како на праведниците за нивно напредување во доброто, исто така на грешниците заради нивно обратување кон доброто. Господ ги повикува сите кон себе, но сите не се обраќаат и заради тоа и не сите се спасуваат. Г. И. Христос вели: " Тесни се вратите и тесен е патот што води кон животот и малкумина го наоѓаат" ( Мат. 7, 14 ).Многу свети Оци и учители на Црквата зборуваат за тоа дека благодатта е сеопшта.
Св. Ефрем Сирин вели:  "Како што изворот со вода е пристапен за сите, така и изворот на благодатта е пристапен за сите. А кој е тој извор? Тој извор е Бог". Амвросие Милански вели: " Христос се роди на земјата за сите, пострада за сите и воскресна за сите. Ако некој не верува во Христа, сам се лишува од благодатта".
Човекот благодатта Божја ја прима преку св. тајни, кои се установени од Г. И. Христос. Со примањето на св. тајни човекот ја прима благодатта, но од него самиот зависи дали ќе успее да ја задржи во себеси и да се раководи според неа. Дали човекот ќе ја прими благодатта зависи од неговата слободна волја. Благодатта се нуди на сите, но не се наметнува со сила. Благодатта не ја ограничува човечката слободна волја. Иако благодатта е силна и активна, сепак не ја намалува слободната волја на човекот. За да дејствува  благодатта во човекот, таа мора да биде доброволно примена од него. Благодатта и слободната волја на човекот се тесно поврзани - благодатта и помага на слободната волја и обратно. Св.ап. Павле вели: "Со благодатта на Бога сум тоа што сум и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив само не јас, туку благодатта Божја, која е во мене" ( 1 Кор. 15. 10 ). Значи, да се биде во заедница со Христа зависи не само од благодатта, туку и од слободната волја. Хармоничната соработка меѓу благодатта Божја и слободната волја на човекот е неопходен услов за извршување подвиг на спасението од почетокот, па до крајот.

  Изборот: од свештенството на  храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)             о.О.П

 

Посети:{moshits}