Ученикот: Дај точен и подробен поим за прелеста. Што е прелест?

 

Старецот: Прелеста е повреда на човечката природа со лага. Прелеста е состојба својствена за сите луѓе, без исклучок, предизвикана од падот на нашите прародители. Сите ние сме во прелест. (Почеток на третата беседа на преподобен Симеон Нов Богослов, издание на Оптина Пустина, 1852г.) Знаењето за тоа е најдобра заштита од прелеста. Најголема прелест е човек да се смета себеси за слободен од прелест. Сите ние сме измамени, сите ние сме заведени, сите се наоѓаме во лажна состојба и имаме потреба да се ослободиме преку Вистината. Вистината е нашиот Господ Исус Христос. (Јован  8, 32 и 14, 6). Да ја усвоиме таа Вистина со вера во неа, да крикнеме со молитва кон таа Вистина и таа ќе нè извлече од пропаста на самоизмамата и соблазната демонска. Бедна е нашата состојба! Само темница, од која се молиме да ја изведеме нашата душа за да Го прославуваме името Господово (Псал. 141, 7). Во мрачна земја сме во која врагот што ни позавиде го собори и го изгони нашиот живот (Псал. 142, 3). Нашата состојба е плотско мудрување (Рим. 8, 6) и лажно наречен разум (1 Тим. 6, 20), со кој е заразен сиот свет, кој не ја признава својата болест, прогласувајќи здравје во полн процвет. Нашата состојба е тело и крв, кои не можат да го наследат царството Божјо (1 Кор. 15, 50). Во состојба сме на вечна смрт, од која, уништувајќи ја, нè излечи Господ Исус, Кој е воскресение и живот (Јов. 11, 25). Таква е нашата состојба. Еден поглед на неа и имаме нов повод за плач. Со плач да крикнеме кон Господ Исус, за Тој да нè изведе од темницата, да нè извлече од бездните земни и да нè истргне од челуста на смртта. Господ наш Исус Христос, вели преподобен Симеон Нов Богослов, затоа и слезе кон нас, зашто сакаше да нè избави од ропство и од најзла прелест.  (Почеток на Слово 3)

 Ученикот: Тоа објаснување не му е доволно достапно на моето поимање. Имам потреба од поедноставно објаснување, поблиско на мојата моќ на поимање.

Старецот: Средството кое паднатиот ангел го употреби при погубувањето на човечкиот род беше лагата (1 Мој. 3, 13). Токму заради тоа Господ го нарече ѓаволот лажец и татко на лагата и човекоубиец од почетокот (Јован 8, 44). Поимот за лага Господ тесно го поврзал со поимот за човекоубиство, зашто второто е неминовна последица на првото. Со зборот од почеток се укажува на тоа дека лагата од искона му послужила на ѓаволот како орудие за човекоубиството и постојано му служи како орудие за човекоубиство, за погубување на луѓето. Почеток на злото е лажната мисла! Источник на самоизмамата и бесовската прелест е лажната мисла! Причина за разновидни штети и пропасти е лажната мисла! Со посредство на лагата ѓаволот со вечна смрт го поразил човештвото во самиот негов корен, нашите прародители. Нашите прародители биле опрелестени, т.е. ја признале лагата за вистина и, примајќи ја лагата под маска на вистина, самите себе се повредиле со неисцелив смртоносен грев, за што сведочи и нашата прамајка. “Змијата ме измами, вели таа, и јас јадев” (1 Мој. 3, 13). Од тоа време, нашата природа заразена од отровот на злото, се стреми самоволно и неволно кон зло, што му се претставува како добро на изопачената од наслада волја, на развратениот разум, на развратеното чувство на срцето. Своеволно, зашто сè уште имаме остаток на слобода при нашиот избор на добро или зло. Неволно, зашто тој остаток на слобода не делува како полна слобода. Тој делува под неизбежното влијание на стекнатата со гревот повреда. Ние такви се раѓаме, ние не можеме да не бидеме такви и затоа сите ние, без исклучок се наоѓаме во состојба на самоизмама и бесовска прелест. Од ваквиот поглед на човечката состојба во однос на доброто и злото, на состојбата во која нужно се наоѓа секој човек, произлегува следната, потполно задоволувачка определба на прелеста: прелеста е усвојување на лагата што се прима како вистина од страна на човекот. Прелеста прво делува на начинот на мислење. Откако ќе биде примена и ќе го изопачи текот на мислите, веднаш му се соопштува на срцето, изопачувајќи го чувството на срцето. Загосподарувајќи со суштината на човекот, се разлева низ сета негова дејност, го труе самото тело, кое Творецот нераскинливо го поврзал со душата. Состојбата на прелест е состојба на погибел или вечна смрт.

Од времето на човековиот пад, ѓаволот добил постојан слободен пристап кон човекот (цитат од преподобен Симеон Нов Богослов, во Слово 7, гл. 2). Ѓаволот има право на тој пристап бидејќи човекот се потчинил своеволно на неговата власт, отфрлајќи ја послушноста кон Бог. Но, Бог го искупил човекот. На искупениот, избавениот човек оставена му е слобода да му се повинува или на Бог или на ѓаволот, а за да може таа слобода непринудно да се изрази, на ѓаволот му е дозволен пристап кон човекот. Природно е што ѓаволот ги употребува сите сили за да го задржи човекот во поранешниот однос кон себе или да го доведе дури и до поголема потчинетост. За тоа го употребува поранешното и вечно свое оружје, лагата. Тој се обидува да нè прелаже и да нè измами, земајќи ја во предвид нашата состојба на самоизмаменост. Нашите страсти, нашите болни нагони тој ги придвижува, ги облекува во благовидност нивните погубни барања, настојувајќи со сета сила да нè наведе кон задоволување на страстите. Верниот на Словото Божјо нема да си дозволи задоволување и обуздувајќи ги страстите, ги одбива нападите на непријателот (Јаков 4, 7). Дејствувајќи под раководство на Евангелието, против сопствената самозаблуда, скротувајќи ги страстите и така уништувајќи го, малку по малку, влијанието на паднатите духови врз себе, тој полека излегува од состојбата на прелест во областа на вистината и слободата (Јован 8, 32), чија полнота ќе ја добие преку осенувањето со Божествената благодат. Оној што не верува во учењето Христово, следејќи ги својата волја и разум, му се потчинува на непријателот, па од состојба на самозаблуда преминува во состојба на бесовска прелест и така губејќи го остатокот од својата слобода, паѓа во целосна потчинетост на ѓаволот. Разновидна е состојбата на луѓето што се наоѓаат во бесовска прелест. Соодветствува на онаа страст од која човекот е измамен и поробен и соодветствува на тој степен во кој човекот е поробен од страста. Но сите кои паднале во бесовска прелест, т.е. оние коишто преку развивање на сопствената  самозаблуда стапиле во општење со ѓаволот и му се потчиниле, сите тие се наоѓаат во прелест и се храмови и орудија на бесови и жртви се на вечна смрт. Живеат во темниците на адот.

 

Свети Игнатиј Брјанчанинов

 

 Извор; http://www.mpc.org.mk/svetootecko-predanie.asp?id=3674

 

Друго: