СИНАКСАР
Стихови:

Исусе, Ти плачеш како смртен човек,
Но, како Бог, Ти го воскреснуваш својот пријател.

lazareva.sabota3.jpgВо тој ден го празнуваме воскреснувањето на светиот и праведен пријател Христов четвородневниот Лазар. Тој беше Евреин по потекло и припаѓаше на сектата фарисеи и син, како што некаде стои, на некој фарисеј по име Симон, од селото Витанија. Додека нашиот Господ Исус Христос одеше по земјата заради спасение на нашиот род, Он се спријатели со Симона. Бидејќи Христос често разговараше со Симона, зашто овој, последниов, високо го ценеше учењето за воскресението на мртвите, и Он често влегуваше во неговиот дом, Лазар стана негов близок пријател; и не само тој, туку и неговите две сестри Марта и Марија.

Бидејќи веќе наближуваше спасителното страдање, требаше да се даде посигурно уверување во тајната на воскресението. Исус престојуваше од другата страна на Јордан, каде што најнапред ги воскресна Јаировата ќерка и синот на вдовицата. Погоден од тешка болест, умре и Неговиот пријател Лазар. Исус беше далеку, но им рече на своите ученици: „Лазар, нашиот пријател заспа" и, по малку време, додаде: „Лазар умре". Откако го остави Јордан, дојде во Витанија, замолен од неговите сестри. Витанија се наоѓа на пет стадии од Ерусалим. Сестрите Лазареви Го пресретнаа, велејќи: „Господи, да беше Ти овде, нашиот брат немаше да умре, но и сега, ако сакаш, ќе го воскреснеш, бидејќи можеш". Исус го праша народот: „Каде го положивте?" И веднаш го одведоа кај гробот. И, кога го тргнаа каменот, Марта рече: „Господи, веќе мириса (смрди), бидејќи веќе има четири дена." Тогаш Исус, откако се помоли и пролеа солзи над него, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!" И веднаш мртвиот излезе, го одврзаа и си отиде во својот дом. Ова необично чудо предизвика завист кај оние Евреи кои негодуваа протв Исуса. Исус пак се склони оттаму. Првосвештениците помислуваа да го убијат дури и Лазара, бидејќи мнозина, гледајќи го, приоѓаа кон Христа. Но тој, кога ги разбра нивните планови, побегна на островот Кипар, каде што престојуваше. Подоцна апостолите го поставија за епископ на градот Китеј. Откако таму поживеа добро и богоугодно, триесет години по неговото воскреснување, пак умре и беше погребан таму, правејќи бројни чудеса.
Се вели дека по неговото оживување (воскресение) тој не јадеше ништо друго освен благо, и дека Пречистата Мајка Божја му го подарила својот омофор што го направила со своите сопствени раце. Неговите чесни и свети мошти, пронајдени таму благодарејќи на едно божествено видение, премудриот цар Лав ги пренесе во Константинопол, во црквата што тој ја изградил во негова чест, и чесно и свечено ги положил во десната страна од црквата на влезот од храмот крај ѕидот спроти олтарот. Неговите свети мошти и сега се наоѓаат таму, испуштајќи некаква неискажливо пријатна миризба.
Овој ден е определен да се празнува неговото воскресение, бидејќи светите и богоносни отци, како и светите апостоли, сметајќи дека светите страдања на Господ наш Исус Христос треба да се поместат по четириеседневниот пост за наше очистување, и затоа што сметаа дека ова чудо беше почетокот и причината на јудејскиот бес против Христа, затоа и ова натприродно чудо е поместено овде. Евангелистот Јован е единствениот кој пишува за овој настан; другите евангелисти се воздржуваат од тоа, најверојатно затоа што Лазар бил се уште жив и видлив. Се вели дека ова последно евангелие е напишано заради него и дека другите евангелисти не рекле ништо за беспочетното раѓање на Христа. Бидејќи се бараше да се има уверување во тоа дека Христос е Син Божји и Бог, и дека воскресна, и дека ќе има воскресение на мртвите; а со воскресението на Лазара е многу полесно во тоа да се верува. Меѓутоа ништо не е кажано за престојот на Лазара во адот, или затоа што не му било дадено да види точно што има таму или, откако ги видел, добил заповед да молчи за тоа. Оттогаш и секој човек што умира е наречен „Лазар", а гробната облека се именува „лазарома", за спомен на првиот Лазар. Бидејќи, ако тој воскресна по зборот Христов и пак оживеа, така и оној што ќе умре сега, откако ќе воскресне при звукот на последната труба, ќе живее вечно.


По молитвите на Твојот пријател Лазар, Христе Боже, помилуј не и нас. Амин.

  Grobot.sv.Lazar1.jpg

  Grobot.sv.Lazar1.jpg

  Grobot.sv.Lazar1.jpg

 

Извор: ПОСЕН ТРИОД

-  СИНАКСАР - Не спомнувај ги гревовите на умрените, ...

- СИНАКСАР - Кога ќе седнеш, Судијо на сите, да ја судиш сета земја,...

 

Издавач: МПЦ Црква Св. Петка-Мил Парк, Викторија- Австралија и Австралиско- новозеландска епархија и Преспанско- пелагоника епархија

Превод: преводот и препев од црковнословенски јазик, го направи   д-р Јован Таковски

 Друго:

takovski.jovan9.jpg
Интервју со протопрезвитер- ставрофор д-р Јован Таковски

 

markov.prezde2.jpg

  •  
     

     

    •   Похвала за четиридневниот Лазар од свети Климент Охридски


    Ете, ни доаѓа напред светлозарното торжество, предвесник на Христовото воскресение. Ете, ни засветли светлозарниот празник на Лазар, кој ги отсликува Христовите чудеса. Ете, четиридневното воскресение Лазарево ги носи плодовите на тридневното воскресение Христово. Ете, вториот Претеча – Лазар, им се јави на оние што седат во мрак и во смртна сенка, навестувајќи Го Христа Избавителот, Дарителот на светлина. Денес се откри првата причина за уништувањето на адот. Денес Христос го исполнува светот со прекрасни чудеса. Денес Он, откако ја врза силата на смртта, воскреснува мртовец кој лежел во гробот четири дена. Денес Он го преднапишува образот на Своето пресветло воскресение, откривајќи им го на Своите ученици и на целиот свет преку овој четиридневен мртовец. Денес Јудеите, дојдени на гробот на Лазар, се собраа како за сведоштво, та, гледајќи ја Божествената власт и сила на Христа, што Он ја има над живите и мртвите, да не почнат да говорат: „Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?“ Но тие требаше да ја видат Неговата сила и Божествената власт, и да бидат готови да поверуваат во Христовото воскресение. Со тоа чудо Он повеќе сакаше да го убеди народот и да ги увери Своите ученици во Своето воскресение.

    ***

    А древниот непријател, ѓаволот, им ги ожесточи срцата на противниците. Тие говореа: „Ако овој не умре, тогаш целиот свет ќе поверува во него“. И веднаш се собраа првосвештениците и книжниците и направија совет против Него, да Го убијат не само Исуса, туку и Лазара, заради тоа што поради него мнозина поверуваа во Исуса Христа.

    Заради тоа ли, о беззаконици, вие станавте законоучитeли, за да се кренете против Законодавецот? Поради тоа ли се бунтувате против Бога, затоа што ве ослободи од Египетското ропство, откако го казни фараонот со многу неволји?8 Затоа ли, о беззаконици, ковете завера против Него, зашто ве преведе преку Црвеното Море и во пустината ве хранеше со небесна храна четириесет години? А вие, о престапници, сега го нарековте и измамник, затоа што и мртовец ни воскреснува и извршува секакви исцеленија. Затоа ли велите: „Измамник е“. А кога ви испраќаше храна од небото, тогаш Го благословувавте! Не се ли срамите, законопрестапници Јудеи? Наместо пофалба, ковете завера против својот Создател. А требаше да Му оддадете пофалба и чест, гледајќи дека Он воскреснува мртви, на слепите им дарува светлина, изгонува бесови, исцелува секакви болести – Оној Којшто дојде да го сапаси човечкиот род!

    Но да го оставиме настрана јудејското беззаконие и безумие, и да го пофалиме Лазаревото благородство, зашто Лазар стана свето живеалиште на Пресветиот Дух.

    Лазар – красна фиданка на Божјата градина.
    Лазар – медоносна капка на Божјата мудрост.
    Лазар – извор на духовната благодат.
    Лазар – неовенлив цвет на рајската градина.
    Лазар – високолетечки орел на вишната Премудрост.
    Лазар – сокровиште на Божјото гостопримство, исполнето со љубов кон бедните.
    Лазар – втор Претеча за оние што седат во темнина и во смртна сенка.
    Лазар – лут посрамител на силата адова.
    Лазар – мил љубимец на Христа.
    Лазар – прв предобразител на тридневното воскресение Христово.
    Лазар – светлозарен сожител на ангелите.
    Лазар – строг изобличител на Јудеите.

    Кога мноштвото народ го виде Лазара, воскреснат од мртвите на четвртиот ден по неговата смрт, поверуваа во Господа и Му ја оддадоа должната почит како на свој Создател. Едни ја постилаа својата облека по патот, а други кршеа гранки од дрвјата и викаа заедно со децата: „Осана! Благословен е Оној што иде во името на Господа, Царот Израилев. Мир на земјата и слава во висините. Благословен е Оној што дојде да ја обнови човечката природа, и да го спаси загубеното“. Осана во висините на Бога, славен во три лица заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.

    СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА
    во редакција на протопрезвитер Јован Таковски
    во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012