Толкување на светата Литургија

(избор)

Свештеникот (Претстојателот): Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, и секогаш и во вечни векови.
Народот: Амин.

За тајната која земјата во Небо ја преобразува

 Светата Литургија е тајна на присуството Христово; следувајќи му на тоа, таа е и пројава на благословеното царство на Отецот и Синот и Светиот Дух, бидејќи присуството Христово е самото Царство Божјо. “Што е Царството”, прашува Христос преку сезлатната уста на светиот Златоуст? И одговара: “Моето присуство”1. Ова присуство се свештенодејствува на Светата Литургија. Христос, Кој заедно со Отецот седи на царскиот престол во часот на Светото Принесување “се открива во овие Тајни”2. Заедно е со своите чеда и ја извршува Тајната на Царството.
Христовото присуство на Светата Литургија земјата ја преобразува во небо: “Оваа Тајна на Светата Литургија заради тебе земјата ја чини Небо...  Зашто, она, најдостојното што постои на небото, тоа ќе ти го покажам на земјата...Ти Го покажувам Него, самиот Господар на ангелите и архангелите”. Местото на кое се собираат верните да Му заблагодарат на Господа е “место на ангелите, место на архангелите, Царство Божјо, самото Небо” 3.
“Колку што небото е оддалечено од земјата, толку од нас било далеку Царството Божјо пред воплотувањето на Синот Божји. Меѓутоа, кога ни дошол Царот небесен и го прифатил Неговото единство со нас, на сите нас ни го приближил Царството Небесно”4. Вратата на Царството е отворена со воплотувањето Христово, а со Светата Литургија минуваме низ вратата на Царството и ги предвкусуваме Неговите добра. Бидејќи, Литургијата е Трпеза на Царството и оние кои учествуваат во неа, од смртта одат “од Трпеза во Трпеза, од онаа која се уште е скриена кон онаа која веќе се открива”5.
Сите, кои учествуваат во Светата Литургија, чекорат спрема Трпезата на Царството Божјо која веќе се објавила. Чекорат спрема Трпезата каде заедно со Христа ќе вкусат ново вино (Матеј.26, 29).

Крстот е символ на Царството

Во моментот кога свештеникот, држејќи го Светото Евангелие, го нарекува благословено Царството Божјо, со него прави крстообразен знак на Светиот Престол. Првата смисла на Светата Литургија е благословот и блаженството. Првото дело на Светата Литургија е Крстот.
Светата Литургија е Царството Божјо во кое воведува Крстот на кој е распнат Христос, Царот на Славата. Крстот е доказ дека Христос е единствениот вистински Цар.
Разбојникот, кој беше распнат од Неговата десна страна, од височината на крстот богословствува: “Крстот е символ на Царството. Поради тоа, Него, Царот, го повикувам, зашто го гледам распнат; Бидејќи на Царот му е својствено да страда за поданиците. Затоа што душата своја ја положи, затоа го нарекувам Цар. Спомни си за мене, Господи, во Царството Твое6.
Пред распнувањето Христово “крстот беше символ на судот. Меѓутоа, сега стана предмет на свештено почитување. Претходно беше символ на осуда, а сега е темел на нашето спасение”. Поради Крстот повторно го најдовме патот кој води во Царството Божјо: “Благодарение на Крстот не сме повеќе залажувани во пустината, го запознавме вистинскиот пат. Не живееме повеќе надвор од Царството, зашто ја најдовме вратата Негова”7.
Преку Крстот ни е подарено Царството Божјо. “Рајот, кој беше затворен повеќе од пет илјади години, денес (значи, на денот на Распетието Христово) ни е отворен... Денес, ни ја предал древната татковина, денес повторно не привел во татковиот град”8. Така, Крстот не е само пат и врата на Рајот, туку најпрекрасниот Рај на Црквата9. Тој е Дрво на новиот и непропадлив Живот кој ги храни верните: Дрвото на горчината во Едем пред изгонувањето, низ крсното дрво со сладок живот процвета; додека Адам, вкусувајќи од него, во пропаст беше одведен, а ние оживуваме и се обожуваме таинствено хранејќи се со Телото Христово, вечното Царство Божјо задобивајќи го и затоа, со вера, да воскликнеме: Слава, Логосе, на страдањето Твое”10.
Христос е Царот на Царството кое дојде и кое доаѓа. Преку Крстот дојде и со Крстот доаѓа. Затоа, кога ќе дојде есхатолошкиот крај, тогаш ќе се појави знакот на Синот Човечки (Матеј. 24, 30). Кога конечно ќе згасне светлината на овој свет, тогаш ќе “свети и просветлува” знакот на присуството на Христа прославениот. На Царот ќе му претходат војски на “ангели и архангели, носејќи го на вратовите тој знак и најавувајќи ни го ова царско доаѓање”11.
Крстот е патот и вестител на Царството.

Верниците кои одговараат со Амин

Верниците го потврдуваат славословниот возглас на свештеникот, говорејќи: Амин12. Со ова одговарање верниците, од една страна ја прифаќаат и исповедаат вистината која се содржи во возгласот на служителот, а од друга страна се молат да ги вкусат добрата на Троичното Царство.
Свети Никола Кавасила истакнува дека верниците “одговараат со Амин и така свои ги чинат сите прозби на оној кој претстојува во нивно име”13. Свети Кирил за она Амин што го кажува народот го пишува следното “дека низ благодатта на свештеникот се надополнува она што е можно да недостасува од црковниот народ и дека Бог ги прифаќа малите со големите во единството на Духот”14.
Благословот на свештеникот, со согласноста на народот, влегува во наднебесниот Жртвеник. Верниците учествуваат и делуваат заедно со служителот (претстојателот). Светата Литургија во секој свој момент го оправдува своето име: таа е дело на целиот народ Божји (како на оние од служебното свештенство: епископ, презвитери, ѓакони, така и од оние од царското свештенство - верниот народ Божји; прим.ред)15.

Човекот е храм Христоносен

На човекот, од Бога Творецот му е дадена можноста да постане Негов храм: “Човечката природа, единствена меѓу се сетилно, може да биде вистински храм Божји и Жртвеник”. Оваа можност повторно е дадена од Христа со пресоздавањето на човекот: “Секој верник во сегашно време, по Воплотувањето на Христа, е дом и храм Божји, бидејќи го поседува Христа во себе”16.
Свети Игнатиј Богоносец пишува дека ние верниците сме “карпи од Храмот на Отецот, подготвени за градбата која ја подигнува Бог Отецот”. Значи, треба целиот наш живот да биде таков, самиот Господ да се всели во нас: “Да постанеме храмови Негови, а Тој да обитува во нас, нашиот Бог”17.
Во Светиот дом Божји верниците го примаат осветувачкиот дар на Утешителот и постануваат благословена граѓа со која се ѕида Црквата: “Бидејќи, Црквата не е ништо друго, освен Дом изграден од нашите души”18.
Светиот Ерма, писател од апостолско време, во својата книга Пастир го наведува видението кое го имал: Шест момчиња, на кои им помагаат многу други, ѕидаат на вода огромна Кула. Ѕидањето на Кулата е толку совршено што не се распознаваат споевите на камењата. Црквата е претставена во ликот на една уважена Госпоѓа која го толкува видението: “Кулата која ја гледаш дека се гради, тоа сум јас - Црквата. Се гради на вода, бидејќи нашиот живот е спасен и ќе се спаси преку водата на Светото Крштевање. Шесте момчиња се светите ангели. Камењата за градба се апостолите, епископите, учителите и ѓаконите кои живееле чесно пред лицето Божјо. Едните се уште се живи, а другите веќе се упокоиле. Секогаш биле меѓусебно согласни и твореле мир. Затоа во ѕидањето на кулата споевите се совпаѓаат”19.
Со Светата Причест целиот човек постанува “храм Христоносен” и секој член на Неговото Тело е еден дел од храмот Христов. Евхаристиската Трпеза, вели преподобниот Никола Кавасила, “нас не предава на Христа и ни го дава Христа. Христос за нас е и Дом и Домаќин. Среќни сме поради својот Дом и среќни сме, бидејќи сме постанале дом на таков Домаќин”20.
Свети Максим Исповедникот вели дека човекот е “мистична Црква”. Телото е централниот дел од храмот, душата е Светиот олтар, а духот е престолот. Со умот, како со жртвеник, човекот со “друга многусловна и многузвучна тишина, повикува - во длабочините на невидливото и необјасниво велегласие - на многуопеаната тишина на Божеството. И се вселува во неа, колку што тоа му е можно на човек, со мистичкото богословие. Постанува, како што треба да биде, оној кој се удостоил да го посети Бог и кој е запечатен со сесветите светлини Негови”21.
Храмот гледа спрема Исток, за ние да гледаме спрема Рајот22. Поминувајќи го морето на животот, одиме кон незалезната Светлина на неминливиот Живот. Лебот на Животот е Светлината која им свети на Светите во нивниот земен подвиг. Таму “стигнуваат во вечен живот осветлени со оваа Светлина, со која живееле заедно цело време”23.
Итаме кон горниот Ерусалим. Таму, каде ноќ веќе не ќе има и не ќе бидат потребни светилки, ни светлина сончева, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува Светите. Таму, каде Бог е конечно и непроменливо Храм на Светите: Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Агнецот се неговиот храм24.


Ѓаконот: За блаженејшиот архиепископ наш (...), за чесното презвитерство, во Христа ѓаконство, за сиот клир и верниот народ, да се помолиме на Господа..

За оној кој началствува на местото Божјо

Во првото вршење на Евхаристиската Тајна, служителот бил извршител на нашето спасение - Владиката Христос. По Вознесувањето, Неговото место на Евхаристиското собрание го презеле Дванаесеторицата, а во продолжение епископите, кои овие ги ракоположиле. Кога со времето локалните Цркви се зголемиле, епископите почнале на презвитерите да им наложуваат да служат Света Литургија. Преемството е нераскинливо, па служителот, на тој начин е наследник Христов. Седи “на престолот  Христов ...  за со Неговата Црква чесно да управува”25.
Во службата на епископот го гледаме самиот Христос: “Јасно е дека на Епископот треба да се гледа како на самиот Господ”26. Присуството на епископот на Светата Литургија, или неговата согласност за служење на истата, е потврда на чистотата на Тајната: “Да се смета за исправна онаа Литургија која ја служи епископ или оној кого тој ќе го одреди”27.
Кога, во првите византиски години, Светата Литургија почнувала со денешниот мал Вход, првиот литургиски чин бил влегувањето на епископот во храмот. Во продолжение епископот, во средиштето на храмот, ги облекувал архиерејските одежди, што многу пати се случува и денес, пред почетокот на Светата Литургија. Како што “Логосот Божји, бидејќи бестелесен, во свето Тело се облече од Пресветата Дева”28, на сличен начин и архиерејот се облекува во светите одежди, кои “го изразуваат очовечувањето на Христа и настаните врзани за истото”29.
“Архиерејот е Христов пратеник, оној кого Домаќинот Христос го испраќа да ги уреди работите во Негово име”30. Доаѓа во Домот Божји да служи на делото Христово: изгубената овца да ја поведе кон Светиот Жртвеник, на Престолот Божји. Одеждата, по која Епископот се разликува од презвитерот, значи омофорот, го символизира токму “спасението и повторното повикување на прелажаните овци”...31 Затоа ѓаконот, во моментот кога епископот го става омофорот, говори: “Кревајќи ја на рамениците Свои, Христе, прелажаната  природа човечка, си ја привел на Бога и Оца”.
Влегувањето на Епископот во храмот, дочекувањето од страна на верниците, кои веќе се собрале, неговото облекување во средиштето на храмот ја истакнува посебната важност на присуството на епископот на Светата Литургија. Литургиската пракса ни открива дека епископот е жива икона на Владиката Христос, благословениот кој доаѓа во името Господово. А верниците, кои се собрале во храмот се новиот Израил, Израил по благодат (новозаветен народ Божји; прим.ред), кои го дочекуваат образот на Месијата.

За време на Светата Литургија, епископот е “оној кој началствува на местото
Божјо”, а презвитерите “на местото на соборот на Апостолите”32.
Божествената Литургија е Тајната Вечера, на која сега, заедно со Христа и Дванаесеторицата (епископот, презвитерите, ѓаконите), присуствуваат и сите верни.
Верниците го чувствуваат величието на свештеничката служба и опасностите со кои служителите се сретнуваат. Бидејќи ја знаат силата на заедничката молитва, се молат на Господа за епископот. Светиот Златоуст вели: “Ако било кој од многуте вас ви нареди посебно да се молите за спасение на епископот, секој тоа би го одбил, верувајќи дека тоа е бреме над неговите сили; меѓутоа, кога сите заедно го слушате ѓаконот како се моли и говори: Да се помолиме за епископот..., не избегнувајте да ја направите таа прозба, а со ревност воскликнете на молитва, бидејќи знаете каква е моќта на вашиот собор”33. Верниците се потпираат на оваа сила и се осмелуваат да го замолат Господа за оние кои стојат блиску до “блажената и чиста природа”34. Господи, помилуј го нашиот отец Епископот, презвитерите и  ѓаконите Твои.


Входот со евангелието и свештените читања

Кога се пее третиот антифон се случува малиот вход со Евангелието. Свештеникот и ѓаконот доаѓаат и застануваат на средината на храмот, побожно приклонувајќи ги главите свои.
Ѓаконот: Да се помолиме на Господа. Господи помилуј.
Свештеникот ја кажува молитвата на входот: Владико, Господи Боже наш, Кој си ги востановил чиновите на небесата, и војските на ангелите и архангелите за служење на Твојата слава. Направи го входот наш да биде и вход на светите ангели, кои сослужуваат со нас и ја сославословуваат Твојата благост.
 Зашто, Тебе Ти прилега секоја слава, чест и поклонение, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, и секогаш и во вечни векови. Амин.
Ѓаконот на свештеникот: Благослови го, владико, светиот вход.
Свештеникот, благословувајќи, говори: Благословен е входот на Твоите светии, Господи, постојано, сега, и секогаш и  во вечни векови. Амин.
Ѓаконот: Премудрост, да застанеме исправени!
Народот го пее входното: Пријдете да Му  се поклониме и да паднеме пред Христа: Сине Божји, Кој си дивен во светиите, спаси не нас, кои Ти пееме: Алилуја.

Ангелите и луѓето соучествуваат на Светата Литургија

До седмиот век Светата Литургија започнувала со Входот на Евангелието. Служителот ги облекувал одеждите во ризницата на храмот, оттука го земал Евангелието и заедно со верниците влегувал во храмот35. Во случај да служел епископ, во овој момент влегувал во црквата, се облекувал пред верниците и влегувал во олтарот.
Входот со Светото Евангелие се нарекува Мал Вход. Според свети Герман тој го изобразува “присуството на Синот Божји и Неговото влегување во овој свет”36. А влегувањето на епископот во храмот го иконизира тоа Христово присуство во светот: “Входот на архиерејот во црквата е икона и образ на првото присуство во тело на Синот Божји во овој свет... Со ова свое присуство Христос повторно ја привел човечката природа во првобитната благодат на Царството”37.
Христос сега, преку Светата Литургија, го повикува секој човек да постане заедничар на Неговата Трпеза во Царството, да се облече во облеката на покајанието и да седне на свадбената Трпеза.
Влегувањето на верниците во храмот, кое во првите векови се случувало во овој момент, непосредно пред влегувањето на Архиерејот, го означувало нивното “преместување од злото и незнаењето во добродетелта и познанието”38. Човекот го менува усмерувањето. Центарот на неговиот живот постанува Светата Литургија. Така, влегувањето на верниците во храмот за свештено Собрание не е едноставно символика, туку едно дело: тоа е влегување во Животот Христов. Тоа е заедничарење на човекот во Животот на Богочовекот.
Според денешниот поредок на Светата Литургија, свештеникот го зема од Светиот Престол Евангелието, символот на Христа, го држи во височина на лицето за тоа така да биде покриено со Христос, кој доаѓа и излегува, во храмот. На Светото Евангелие му претходи свеќата, символот на Светиот Претеча, кој е светило, што гори и свети. Претечата ни покажува како Христос доаѓа во светот: Еве Го Јагнето Божјо. Свештеникот возгласува: Премудрост. Смерно да стоиме! Исто како да разгласува: Ете, ви објавуваме радост голема, која е за целиот народ. Верните го доживуваат чудото на ангелското јавување: И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога”39.
Како во Витлеем, така и на Светата Литургија: Ангелите и луѓето сопостојат; бидејќи, таму каде што е Царот присутен и законите на природата се укинуваат40. Служителот се моли верниците да ја живеат оваа тајна на ангелското присуство и сослужување. Да ја живееме, како што ја живееле нашите Богоносни оци.
Светиот Златоуст пишува дека некој раскажувал за еден чудесен старец кој некогаш, за време на извршувањето на Светите тајни, се удостоил да види мноштво ангели во светли одежди, како, наведнувајќи ги лицата, го опкружуваат светиот Жртвеник, како што верниците стојат пред царот. Исто така, за свети Спиридон, се наведува: “Кога служи, присуствуваат светите ангели, кои сослужувајќи со него, кога тој ќе речеше: Мир на сите, однадвор сладчајше одговарале: И на духот твој. На сличен начин одговарале и на останатите прозби, како што е познато”41.

Народот ги пее тропарите и кондакот на денот.
Ѓаконот: Да се помолиме на Господа.
Народот: Господи помилуј.
Свештеникот: Зашто си свет, Боже наш, и Тебе слава Ти вознесуваме на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш.
Ѓаконот: И во вечни векови.
Народот: Амин. И ја пее Трисветата песна: Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј не (три пати)42.
Свештеникот: Боже Свети, кој почиваш во светиите, Кој со трисвет глас си воспеван од серафимите, и славословуван од херувимите, и Ти се поклонуваат сите небесни Сили. Ти, Кој од небитие во битие си привел се; си го создал човекот по Својот образ и подобие, и си го украсил со секаква Твоја дарба; Ти Кој му даруваш премудрост и разум на оној Кој Те моли и не го презираш грешникот, но си одредил покајание за спасение; откако не удостои нас, смирените и недостојни слуги Твои, и во овој час, да застанеме пред славата на Твојот свет жртвеник и да Ти принесуваме должно поклонение и славословие, Ти, Самиот, Владико, прими ја од устите на нас грешните, трисветата песна и посети не со Твојата благост.  Прости ни го секое согрешение, волно и неволно; освети ги нашите души и тела и дај ни во светост да Ти служиме во сите денови од нашиот живот, по молитвите на света Богородица и на сите свети, кои отсекогаш Ти благоугодиле.
Потоа свештеникот и ѓаконот, наизменично говорејќи ја Трисветата песна, заедно прават три поклони.
Потоа ѓаконот му говори на свештеникот: Повели, владико.
Свештеникот оди во предложението, говорејќи: Благословен е Оној што доаѓа во името Господово43.
И повторно доаѓајќи, ѓаконот говори: Благослови го, владико, горниот престол.
Свештеникот: Благословен си на престолот од славата на Твоето царството, Ти, Кој седиш на херувимите44, постојано - сега, и секогаш и во вечни векови.
Ѓаконот: Амин.

Заедничка слава на небото и земјата

За време на Светиот Вход, заедно со Христа, влегуваат и светите ангели. Со Входот ангелите и луѓето ја пеат Трисветата песна.
Свети Герман на следниот начин ја толкува ангелската Трисвета песна: “Свети Боже - то ест, Отецот, Свети Силни - Синот и Логосот, бидејќи преку Крстот ги разрушил моќните за нас врски на ѓаволот, односно, оној кој ја има моќта на смртта, и ни дарувал живот, сила и моќ да газиме по него. Свети Бесмртен - Светиот Дух, животворен, во Кого целата твар оживува, пребива и воскликнува, говорејќи: Помилуј не' . . . Се говори пак, три пати Трисветото, бидејќи на секое од Трите Лица од едното Божество му одговара по едно Трисвето. Секој од Нив е и Свет и Силен и Бесмртен”45.
Свети Никола Кавасила пишува дека “Трисветата песна е примена од ангелите и од книгата на свештените псалми на пророк Давид. Составена е од Црквата Христова, а посветена е на Света Троица. Бидејќи, Свет, што се говори три пати, е од ангелската химна, додека Бог, Силен и Бесмртен, е од блажениот Давид кој вели: Жедна е душата моја за Бога, Силниот, Живиот. Светата Црква го составила псалмот со ангелската песна и ја додала прозбата: Помилуј не..., да се истакне, од една страна, поклопувањето на Стариот Завет со Новиот, а од друга, единството на ангелите и луѓето во една Црква, на едно место”46.
За време на Светата Литургија “се радуваме заедно со ангелите, општиме со архангелите, пееме со серафимите”. “Замисли си ги оние со кои заедно славиш”, не поттикнува светиот Златоуст, “и тоа е доволно да те одведе во трезвеност, значи, кога ќе се сетиш дека иако обвиткан во тело и месо, си се удостоил, заедно со бестелесните сили, да Го прославуваш Господа на сите”47.
Ние грешните и слаби луѓе ја вознесуваме Трисветата песна заедно со ангелските Сили. Колку се големи даровите Христови. Горе, на небото, Го прославуваат легиони ангели. Долу, во светите храмови, луѓето пеат како ангели. На небото серафимите ја пеат Трисветата песна. На земјата, во светите храмови, истата песна ја вознесуваат мноштво на верници. Се изградува слава на небото и земјата. Благодарење, радување, радосно чинодејство. Тоа е изградено низ неописивото снисходење на Господа, компонирано од Светиот Дух, а хармонијата на јазикот на чинодејството е сочинета од волјата на Отецот. Оваа Евхаристија (=Благодарење), од небото ја прима хармонијата на песните. Света Троица ја придвижува како по некои клавиши, ја пее благодарната и блажена мелодија, ангелската песна, непрекинатата симфонија”48.
Небото и земјата заеднички стремат кон жртвеникот. Видливата и невидлива творба заедно се собрале на местото евхаристиско (епу то ауто) и прославувајќи Го Господа заеднички слават.

(Продолжува)

Издавач: Скопска епархија

Библиотека КЛУЧ

Уредник: Презвитер Игор Калпаковски

Посети: {moshits}