Св. Јован Златоуст

o.Partenij.sv.Sofija.jpg

За што се употребува псалмопението? Бог, гледајќи дека многумина од народот се немарни духовно, дека се досадуваат при читањето на Светото Писмо, дека без желба се посветуваат на тој труд, и сакајќи тој труд да го направи сакан истребувајќи го чувството на здодевност, прибавил кон пророштвата и мелодија, та сите, откако ќе се насладат од хармоничноста на напевот, со голема усрдност да Му вознесат свештени песнопенија. Зашто ништо, вистински ништо друго така не ја возвишува и не ја окрилува душата, не ја одвојува од земјата, не ја избавува од игото на плотта, не ја наместува да мудрува и да презира се житејско, како хармоничното пеење и складно составената божествена песна.

Нашата природа така се насладува на убавата песна и хармоничната мелодија и има таква склоност кон нив, оти и доенчињата кога се неспокојни и плачат, ги заспиваат со песни: доилките, носејќи ги на раце и движејќи се напред – назад, им пеат било каква детска песна и со неа очичките им потонуваат во сон. Често и патникот, од горештина истоштен, потерувајќи го добитокот, го продолжува својот пат со пеење и со тоа си ја олеснува тежината на патувањето. И не само патниците, но и земјоделците, и пастирите и лозарите: и кога ораат, и кога го пасат добитокот, и кога копаат - пеат. И стото го прават и морепловците движејќи ги веслата: тие пеат и песни. И жените в куќи – било кога предат, било кога чистат, било кога мијат – пеат поодделно или општо. Сите: и жени, и морнари, и лозари, и пастири, и земјодлци, и патници, го прават ова за да ја олеснат со песна тешкотијата во работата, бидејќи душата при звуците на хармоничната песна полесно ја поднесува и здодевноста и тешкотијата.

Поради ова, бидејќи вашата душа природно е склона кон тој вид на насладување, и за да не ја расипат злите духови преку предлагање на развратни песни, Бог, како заштита од нив ги востановил псалмите, кои создаваат чисто задоволство и истовремено полза. Од световните песни може да се изроди штета, погибел и други зла – лошото и неприродното во нив ја расипуваат душата и ја развратуваат; а духовните песни донесуваат голема полза, голема поука, големо осветување, и служат како раковдство кон љубомудрие. Нивните зборови и мелодии ги просветуваат и облагородуваат душие кои ги пеат и слушаат, и Духот Свети набргу слегува над нив! Каде што има нечистотија трчаат свињите, а каде што има цвеќе и арома, живеат пчели, така да, каде има развратни песни се собираат бесови, а каде што има духовни песни, слегува Духот Свет и ги осветува срцата.

Сите – мажи и жени, старци и деца, да пееме духовни песни, особено на трпеза, при празници, зашто тогаш ѓаволот најмногу кова сплетки, најмогу искушенија пушта и многу пленици зема!

Извор: http://www.mpc-svpetka.com/