Vleguvanjeto.vo.Erusalim

ВЛЕГУВАЊЕТО ВО ЕРУСАЛИМ
ЦВЕТНИЦИ
                Oткако Господ Исус Христос го воскресна Лазар од Витанија, влегува во Ерусалим во пресрет на Неговите спасителни страдања.
               Оној Кому небото Му е престол, а земјата подножје на нозете Негови, влегува во Ерусалим, качен на осле. Каква кротост и смирение на Небесниот Цар! Радосно и посакувано било за Ерусалим доаѓањето на Спасителот. Пред Него ерусалимските граѓани ги простирале своите облеки и фрлале палмови гранчиња и цвеќиња, славејќи Го Оној Кој доаѓа во името Господово.
               Со љубов да излеземе и ние во пресрет на Христа, како мноштвото ерусалимски народ; да ја излиеме, како миро врз Неговата глава, нашата вера и љубов кон Него; да ги искршиме гранките на гневот што го имаме; да ги протегнеме пред Него, како облека, нашите добри дела; да воскликнеме како дечиња со незлобливи молитви кон Него; да одиме пред Него со милостина кон сиромашните, да Го следиме со смирение за да не ги уништиме напорите на четириесетдневниот пост, со кој се подвизувавме, чистејќи се од секоја нечистотија, за да влезе Христос и во нашиот Ерусалим – душите и телата наши;

             Да појдеме и ние со Оној, Кој оди на доброволно страдање, земајќи го својот крст на трпение од секоја навреда; да се распнеме во борбата против гревот за да ги умртвиме телесните похоти и да извикаме: „Осана во висините, благословен си Ти Кој си дошол на доброволни страдања, со кои си го уништил адот, си го извел Адам и си ја победил смртта!“

 

Православие.мк