TVIT334
 
 
          Има страсти кои не убиваат... Да не ги прегрнуваме. Всушност, страста се раѓа кога семето на добродетелта и даровите е оставено необработено или загадено. Односно, кога наместо да го полеваме цветот на душата со Христовата вода, му даваме отров. Тоа се ситуации во кои внатрешната динамика на човекот, наместо да црпи живот од личноста Христова, влегува во однос со ѓаволот, така што сè во нас се запустува и се создаваат пукнатини кои нè водат кон духовна смрт.
 
               Невозможно е човек да преодолее и да ги исцели страстите без Божја помош. Можеби ќе направи некои надворешни промени, но внатре во него жедта на змијата постојано ќе го јаде. Борбата со страстите е борба со самите нас и со нашето минато, и се додека им го даваме нашето право, толку е потешко, но не и невозможно да се победи ѕверот. Сите овие состојби стануваат навика, навиката навлегува во нас и не освојува. Тогаш на страстите гледаме како на добродетел, постојано ги оправдуваме, ги храниме, додека тие не повредуваат и ни го „крадат“ внатрешното „оружје“ за да не војуваме со нив.
 
           Многу добар пример за тоа е пластелинот со кој си игравме како деца. Ако земете парче бел пластелин и поставите друго парче црн пластелин врз него, отстранувањето на црниот дел е лесно. Така, белата боја нема да се промени. Но, ако се измеша црното со белото,тоа ќе се претвори во нешто друго, парче друга боја, и отстранувањето на црното ќе биде многу тешка задача, а освен тоа, белото нема да го има, туку ќе се промени.
 
         На местото на белиот пластелин да ја поставиме чистотата на крштевањето, а на местото на црниот дел - страстите за кои ја отвораме вратата на нашето срце кои потоа стануваат навика, а лекувањето станува многу тешко. Таму, преку светата исповед ќе биде извршена соодветна операција со Божја помош и содејството на човечката слободна волја. Одиме на исповед за да ја исполниме нашата темнина со светлина, а не за да ја оправдаме.
        Страста, која не е излечена е онаа против која не сме се бореле, не сме ја дијагностицирале како нешто што нè убива, што сме дозволиле да гнои во нашето срце и да го зарази за да може ѕверот да го изгради своето царство на контрола во нас. Борбата со нашите страсти за да ги излечиме и промениме не може да се направи само со човечка сила. Човечката сила мора да работи заедно со Божја помош, во спротивно ќе бидеме како бран што се разбива во карпите, и постојано ќе бидеме болни и духовно исцрпени.
           Длабоката свесност за нашата грешност и слабост ќе ни го отвори патот да бараме Божја помош. Да се бориме, браќа и сестри, до крај и да се надеваме на Божјата милост, без изговори и алиби, но со решителност.
 
Автор: о. Спиридон Скутис / bogonosci.bg
За Преминпортал С.Стефковски
 
 22.03.2023 лето Господово
 
 
 
 

Simeon

 TVIT336