TVIT290.Kalistos.Ver

 

Всушност, ние, клириците, а особено монасите, кои немаме потреба да се грижиме за семејство и деца, ги разбираме тие услови, во кои живеат брачните христијани. Луѓето се принудени многу да работат, долго да патуваат до работното место и до дома, а навечер дома исто така имаат многу обврски… Треба да ги разбереме тие сложени услови, во кои живеат многу верници.

Без оглед на тоа, секој христијанин може да најде барем малку време наутро и навечер, за да се помоли пред иконата. Дури и пет минути наутро и навечер имаат огромно значење. Тие минути даваат „насока“ на целиот ден и ја даваат таа длабочина која поинаку не може да се достигне. Треба да се каже и за кратките молитви, кои може да се кажуваат во текот на денот. Можеме да се молиме, кога се тушираме, кога патуваме во метро, возиме автомобил или стоиме во сообраќајниот метеж.

Можеме да користиме кратки молитви, на пример, Исусовата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, или „Слава Ти, Господи, слава Ти“, или „Пресвета Богородице, спаси нѐ“, или некои други кратки молитви. Така можеме да се молиме дури и кога сме зафатени, на пример, кога одиме од едно место до друго. Многу е важно да увидиме, дека освен специјално одделеното време за молитва пред иконата (кое е неопходно за секого од нас), има можност слободно да се молиме и во текот на денот, на секое место. Но ако сакаме да се молиме во текот на денот, тогаш треба да ги одбереме за тоа најкратките и наједноставни молитви, како Исусовата.

Секогаш може да се извршува оваа молитва: Кога нешто чекаме, кога патуваме, шетаме, во моменти кога менуваме обврски на работа итн. Апостолот Павле пишува: „Молете се непрестајно“. Тој зборува за тоа, дека многу е тешко, но се почнува од најпростото: со чести кратки молитви во текот на денот. Со помош на такви молитви можеме да го исполниме целиот свој ден со присуството на Христос – и тоа е патот кон вистинската молитва. Барајте Го Христос насекаде.

Исусовата молитва може да ја извршуваат не само монасите или клириците, туку и верниците, кои имаат семејства и световни обврски. Кажувајте ја Исусовата молитва – не тогаш, кога е потребна поголема концентрација на вниманието, туку во сите слободни моменти.

Можеме да го соединиме времето за молитва и работата. Многу е важно на тој начин да се учиме на Исусовата молитва во нашиот секојдневен живот. И исто така добро е да ги учиме и децата на Исусовата молитва. Тие можат одвреме навреме да ја повторуваат Исусовата молитва уште од најрана возраст, бидејќи таа е многу едноставна.


Извадок од интервју со митр. Калистос Вер

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

 

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2022/08/15/%d0%b8%d1%81%d1%83%d1%81%d0%be%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%bc%d0%be%d0%bb%d0%b8%d1%82%d0%b2%d0%b0-%d0%b5-%d0%b7%d0%b0-%d1%81%d0%b8%d1%82%d0%b5/?fbclid=IwAR1Qt0fvhgwK-tTXrGY2DwN4AA8iF8GOE1vZd-vD3JWG4qe0ZH0XOztdZdQ