ЧОВЕКОВОТО СРЦЕ – ВИТЛЕЕМСКА ПЕШТЕРА

TViTer761

         Светата Црква нè повикува денес умствено да се пренесеме во светата Витлеемска пештера, каде заедно со пастирите и мудреците кои дојдоа од Исток кај нашиот Господ Бог, кој се воплоти и беше распнат за наше спасение, ќе се поклониме и ќе пееме со ангелите: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2:14). Всушност, таа ноќ бевме и ние таму - во светиот град Витлеем, и ја видовме чудната, неискажлива и преславна тајна кога се роди Беспочетниот Бог и се роди Несместливиот – и сето тоа беше направено за наше спасение.

          Затоа, нашата душа беше преплавена од благодарност и ние се запрашавме: што треба да направиме во животот за да ја изразиме нашата благодарност кон нашиот Бог кој се Воплоти?        А одговорот, како да дојде сам по себе: дарот што Воплотениот Бог го бара од нас се состои во тоа да Го примиме Самиот Него во нашето срце, да Го положиме таму и да Го упокоиме, за срцата наши да се претворат во благословени и свети јасли. Колку само би било прекрасно доколку нашите срца секогаш беа како јасли во кои почива Господ Исус Христос!    

Како може нашето срце да се преобрази во јасли, така што Господ Исус Христос би посакал да почива во него?

           Прво, со посредство на верата. Верата го привлекува Господ Исус Христос во нашето срце. Ова е првиот и главен услов за Христос да се всели и да заживее во нашето срце.

           Второ, преку покајание. Ако живееме во страсти и самоволие, кршејќи ги светите Христови заповеди, ако сме полни со гревови, како тогаш Христос би можел да живее во нашето срце, дури и да имаме вера? За тоа е неопходно покајание и очистување од гревот и страстите, од престапувањето на светата волја Божја, преку покајничките солзи и покајничкиот подвиг на нашето срце. Тогаш нашиот Господ Исус Христос ќе најде место за Себе во нашето срце.

Трето, неопходни се таинствата на Црквата. Преку црковните тајни, Богочовекот Христос се соединува со нас и пребива во нас, како што возвестува една од молитвите на Божествената Литургија: „Имајќи го Христос во срцата наши, ние ќе бидеме храм на Светиот Дух“.

TViTer762

           Четвртиот и последен услов, кој е особено важен и еднаков на оние што веќе ги наведовме, е непрестајната молитва. Затоа што и да имаме вера, дури и да се покаеме и да се причестуваме, ако не се молиме непрестајно, т.е. ако забораваме за Христос, ако Го предаваме на заборав, како тогаш Тој може да живее во нашето срце? Затоа светите отци ја сметаат оваа состојба - непрестајната молитва и сеќавањето на Бога - за основно и најсуштинско правило, без кое не би било возможно Христос да го направи нашето срце Свој постојан дом. А непрестајната молитва, како што знаеме, е: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“. Благодарение на оваа молитва - ако ги почитуваме горенаведените услови - Христос ќе живее во нашето срце.

           Тоа се четирите главни и неопходни услови, благодарение на кои Господ Исус Христос ќе живее во нашето срце. Да го извршиме овој подвиг, браќа мои, да ги отелотвориме овие состојби во нашиот живот и да се трудиме секојдневно Христос да почива во нашето срце, а потоа ќе ни го даде Својот мир, Својата благодат, Своето просветлување и Својот благослов.

           Големо место е светата Витлеемска пештера. Оние кои ја имаа можноста да ја посетат и да се поклонат таму почувствуваа голема благодат. Но, би рекол дека многу поголема благодат има човечкото срце, кое станало телесна пештера на Божественото Младенче Исус Христос. Тоа го постигнаа сите светии. Светиите целосно се предале на Христа, Христос се вселил во нив и станале христоносци и богоносци, надминувајќи ги светите Витлеемска јасли и пештерата.

             Го молиме Богочовекот, нашиот Спасител, да ни прости што постојано Го огорчуваме во животот, затоа што ни недостасува благочестие (т.е. не сметаме дека е чест да се жртвуваме за другите и не се стремиме кон тоа) , ни недостига желба и разумност да се издигнеме како што доликува да одговориме на Неговата неизмерна и неискажлива љубов кон нас, а напротив, во животот манифестираме уште поголемо самољубие и себичност.

            Да си спомнеме на прекрасната приказна за Свети Јероним. Свети Јероним бил подвижник и древен црковен писател. Еднаш, кога бдеел во Витлеемската пештера, му се јавил Господ. А свети Јероним Го прашал: „Каков подарок сакаш да Ти принесам, Господи?“. А Господ му одговорил: „Твоите гревови, за да ги простам.“ Ова е дарот што Богочовекот Христос го побара од Јероним, од човекот кој беше Негов верен слуга. Христос истото го бара од нас денес. Тој го сака нашето срце, нашите гревови, за да ги прости, но и нашата решителност да започнеме нов живот.

            Живееме во свет исполнет со беспокојство. Но, оној што го носи Христос во себе среде овој свет, полн со збунетост, несигурност, вознемиреност и толку многу стравови, во кој сè е толку неизвесно и суетно - и во овој свет ќе најде мир, сигурност и безопасност, зашто во тој човек се влеал божествениот живот и тој веќе живее во божествената вечност.

             Со такви мисли, смирено им посакувам на сите отци и браќа од манастирот, како и на сите браќа од светот кои дојдоа да слават со нас и да се поклонат на светињите во светите манастири, Господ обилно да ја дарува Својата благодат и уште од овој ден и час цврсто да се трудиме Христос да се всели во нашите срца.

Света Гора, манастир „Григоријат“, 1986 г.

Автор: архим. Ѓорѓи Капсанис - Извор: azbyka.ru/ богоносци.бг

Подготвил: Симеон Стефковски