TViTer723

ДА НЕ ФРЛАМЕ КАМЕЊА НА ХРИСТИЈАНСКИ НАЧИН

           Таму каде што постои вистинска љубов, нема место за алчноста и зависта. Оној кој лесно се спротивставува и предизвикува поделби и немири (дури и држејќи ја и вистината како знаме), тој е далеку од љубовта, далеку од Христа.
           За жал, многу луѓе се непријателски настроени кон другите. Ги озборуваат, ги клеветат, ги понижуваат, зборуваат за нив во нивно отсуство. Многупати и анонимно се обидуваат да шират лаги само за да предизвикаат превирање и збунетост, болка и тага.
Но, вистината е, дека сè што прават е да ја покажат злобата што ја имаат во себе, комплексите од кои страдаат, потиснатите чувства што ги имаат. Затоа се занимаваат со животите на другите (особено на оние за кои мислат дека им се конкуренти во нешто) и не се задлабочуваат  во сопствениот живот.
Тие се плашат да се соочат со својот неуспех, па затоа го бараат неуспехот во животот на другите. Се плашат да го признаат сопствениот грев, сопствените страсти и затоа се фокусираат на недостатоците на другите (ако ги нема, си ги вообразуваат) и се трудат колку што можат да ги разоткријат, не за да им помогнат на луѓето, но за да им наштетат. Критериумот за овие луѓе не е да ги доведат луѓето до покајание, туку да им нанесат зло, да ги оклеветат, да ги осудат. Затоа што ако сакаа да им помогнат, ќе отидеа кај нив и ќе поразговараа. Но бидејќи умот им е изопачен и помрачен, зборуваат за сè освен за себе, се фокусираат кон другите, но не и кон себе.
         Лицето кое извршува такво злодело го допрело духовното дно. Категорично. Колку и поклони да прави, колку и да пости, колку и да кажува молитви, колку и „послушанија“ да исполнува кон својот отец, ако не престане да војува и да се спротивставува на другите, нема да постигне ништо. Тој не постигнува ништо затоа што, иако надворешно изгледа понизен и тивок, скромен и мирен, во реалноста е себичен и беспокоен, циничен, злобен и добромразец.
Ако забележите во себе непријателски мисли кон некоја личност, покајте се. Особено ако забележите дека вашето срце е фокусирано кон одредена личност, треба уште повеќе да се молите за неа а  не да се обидувате да и наштетите. Ако велите дека сте христијанин, докажете го тоа. Христос никого не навредил, никого не понижил, никому не се спротивставил, освен на сите оние страсни и горди фарисеи кои ги осудуваа другите и глумеа спасители и чувари на вистината.
           Никој нема да биде спасен затоа што војувал со својот брат. Никој нема да биде спасен затоа што војувал со ѓаволот. Спасен ќе биде оној кој проштевал и кој го љубел својот ближен. Спасен ќе биде оној кој живее како што сака Христос, како што живеел Христос. Се друго е “приказна“.
           Мора да престанеме да ги гледаме другите со омраза, завист, злоба, страст, презир, сомнеж, лукавство. Ова однесување само ги покажува нашите комплекси, несигурности, чувства на инфериорност, лудост, подлост, завист, злоба, алчност и неблагодарност. Но, надвор од тоа, единственото нешто сигурно е дека не само што духовно нè напредуваме, туку и стрмоглаво пропаѓаме во мракот на пропаста.
           Нема љубов таму каде што царува омразата. Не суштествува Христос таму каде што владее самооправданието и понижувањето. Не  суштествува Вистината таму каде што нашата вистина се користи за да им наштети на другите, да клевети и злослови, да разруши и да фрла сомнежи кон другите. Нема спасение кога, наместо да се трудиме да се излечиме од нашите страсти, се обидуваме да им ја наметнеме нашата вистина на другите.
Да не се правиме ничии спасители. Не знаеме да користиме ни компас, а се преправаме дека сме спринтери.
„Ако Бог отстапи од твоето сеќавање,и  љубовта ќе замине од твоето срце“ (Непознат преподобен).
„Кој со непријателство ги испитува животите на другите, никогаш нема да добие прошка за своите гревови“ (Св. Јован Златоуст).
         Завршувам со она што свети Пајсиј Светогорец го велеше: „Да не фрламе камења по луѓето...на христијански начин“.

TViTer722
           Ако како луѓе никогаш не треба да им се спротивставуваме на другите, колку повеќе треба како христијани.
Наместо да фрлате камења по другите, фрлајте камења кон сопствениот себеидол, разбијте ја неговата дрскост, престанете со вашата опсесивност, ослободете се од злобата. Ако сакате. Ако не сакате, тоа е повторно ваше право, но знајте дека порано или подоцна ќе ги вкусите плодовите од вашиот избор.
Што ќе дадеш, ќе добиеш, а што ќе посееш, ќе жнееш. Што си дал, тоа ќе ти биде дадено. Дали сте дале бакнежи, прегратки и простување? Тоа и ќе примите. Дали дадовте злоба, удари и омраза? Тоа е она што ќе го добиете. Рај си дал, рај ќе примиш. Пекол си дал, пекол ќе примиш...

Автор: архим. Павел Пападопулос
Извор - bogonosci.bg
За Преминпортал – Симеон Стефковски