Крштението е света тајна во која човекот, откако претходно ќе ја исповеда правата (православната) вера, преку трикратно целосно потопување во водата во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, се очистува од сите гревови, станува мртов за гревот и грешниот живот, повторно се раѓа во духовен, свет живот и добива обновување на образот Божји во себе, кој бил унакажан од гревот. Исто така, преку крштението се влегува во Црквата и се станува христијанин. Според зборовите на Спасителот: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо“ (Јован 3, 5). Во светата вода на крштението човекот се очистува од сè што е грешно и се преродува од Светиот Дух. Ако е дете, се очистува од прародителскиот грев; ако е пак возрасен, се очистува и од личните гревови. Со самото примање на крштението се станува член на Телото Христово – Црквата.

Тајната на Крштението ја востановил Самиот Спасител кога по Своето воскресение им дал заповед на апостолите: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Мат. 28, 19). Он и со својот пример го осветил крштението, примајќи крштение од Јован.

Тајната на крштението може да се изврши над секој кој има вера, а се кае за своите гревови. Тоа се гледа од зборовите на Самиот Спасител и на светиот апостол Петар. Спасителот вели: „Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен“ (Марко 16, 16), а апостолот Петар вели: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух“ (Дела 2, 38). Затоа возрасниот при крштевањето ја исповеда својата вера со читање на Символот на верата. А кога се крштеваат деца, кои не се во состојба да ја исповедаат својата вера, тогаш наместо нив тоа го врши кумот, читајќи го Символот на верата. Затоа и кумот зема обврска, да го научи кумашинчето, кога ќе порасне, на вистините на православната вера и на побожен живот.

Во чинот на крштение најважно дејство е трикратното потопување во вода на оној кој се крштева, при што свештеникот ги изговара зборовите: „Се крштева слугата Божји (се кажува името кое го дава кумот) во името на Отецот – амин, и Синот – амин, и Светиот Дух – амин“. Ова потопување означува погребување на стариот и воскреснување на новиот човек, зашто ја претставува смртта и воскресението на Спасителот (Рим. 6, 3-11).

 Извор: Повардарскаепархија

Посети: {moshits}

Крштението не се повторува, зашто тоа е духовно раѓање; и како што човекот еднаш се раѓа, така и еднаш се крштева. Затоа и се вели во Символот на верата: исповедам едно крштение.

Право за вршење на оваа света тајна имаат епископите и свештениците, како наследници на светите апостоли. Во краен случај крштението може да го извршат и ѓаконите, па дури и обични верници, кои се крстени во православната црква. Во таков случај, крштеникот три пати се потопува во вода, при што се изговараат зборовите: „Се крштева слугата Божји (се кажува името) во името на Отецот – амин, и Синот – амин, и Светиот Дух – амин“. Ако крстениот на овој начин остане жив, свештеникот го дополнува крштението, вршејќи го цел обред на крштението, освен трикратното потопување. (Крштението се врши со потопување во вода; само во краен случај, ако нема вода, и во некоја друга итна ситуација, крштението може да се изврши со истурање вода одозгора или попрскување.)