Пеколот на Јуда

Зошто Данте ги сместил предавниците во адското дно, а Дамбладор им дал шанса? За изневерената љубов – апостол Павле, Јован Златоуст и Теофан Затворник.

3.angeli.so.truba
Јеромонах Димитриј Першин

Предаваат оние, од кои тоа не го очекуваш. На кои им веруваш. Роднини, пријатели… Не непријателите (затоа и се непријатели). А оние, кои, по зборовите на Висоцки, ми јадеа од рака. И животот се растура во изворот. И изгубено гледаш на победената правдина. И во ушите ја слушаш неговата „Песна за Земјата“: сè изгоре до темел, веќе во земјата не фрлајте семе…

А ќе можеме ли ние, после сè што се случило и да умреме, како што, да речеме, Дамбладор умре за оние кои го предадоа, за да го спречи нивното понатамошно распаѓање? Или како Хари Потер да им помогне да се извлечат од адскиот оган?

Волшебна сказка, ќе речете? – Да, но вкоренета во Беседата на Гората. И им се допаѓа на децата, што, за нас е важно да станеме слични на нив.

И токму тоа, предавството, ја срушило првосоздадената симфонија на битието.

Дел од ангелите решиле да ги искористат даровите на Творецот, пречкртувајќи го Самиот од срцевината на своето постоење.

Не да се возвишуваат од светлина кон светлина во општењето со Бога, но да му се поклонуваат на своето совршенство, својата убавина, да го обезобразуваат и да си го потчинуваат создадениот свет, заборавајќи на Изворот и на својата убавина и на самиот свет, покажувајќи претензии кон Оној, Кој и досега не ги одзема Своите дарови, вклучувајќи го и животот – ете каква трагедија се случила со збеснатите ангели, кои станали поднебесни духови на злобата (Еф. 6,12).

Имено со нив, ние, христијаните, по заветот на апостол Павле, водиме борба. Со нив – за себе и за луѓето, кои потпаднале во ропство на тие духови.

И иако архангелот Божји Михаил со ангелските сили, кои ја сочувале верноста кон Бога, го фрлил предавникот во крајната темнина, нивниот темен контрапункт на злото, лукаво е заплетен во историјата на слободните земјани.

Во она време, Ева се претворила во уво, гледајќи во устата на змијата, а Адам пак, залажувајќи се да стане бог, го изел веќе вкусениот плод од Ева (да не го мешаме со познатиот бренд, според протоѓаконот Андреј Кураев, тоа сигурно не било јаболко, а поскоро лозје). Тоа била истата светиња, која требало да стане за прародителите содржина на причесната.

Но, тие се причестиле недостојно и се скамениле во своето предавство, откажувајќи се да кажат „прости“ на предадениот од нив Творец. Како резултат на тоа, злото продрело низ нашите души до мозокот на коските, поробувајќи нè на адот, распадливоста и смртта.

И само Бог, станувајќи еден од нас и искачувајќи се на Голгота, ги препишал нотите на човечката вечност. И сега, наместо бесконечна смрт, која ги разделува душата и телото, за да ја измачува душата во пеколот, а телото да го распадне во земјата, нас нè очекува сеопшто воскресение и живот вечен.

При што, ако воскресението е наменето за нас, влегувањето во вечниот живот зависи само од нас. Затоа што вечна може да биде и таканаречената „втора смрт“ (Откр. 20, 14), која ќе настапи после воскресението и засекогаш ќе ги раздели не душата и телото, но овојпат човекот и Бога. Но, таа судбина, како Волдеморт, во текот на нашиот живот, самите слободно ја избираме. Бог не ги решава тие прашања за нас. Иако испраќа Свои Хари Потери да нè пробуди за покајание.

А сепак, зошто во Дантевиот ад, во најдлабокото дно – не се содомитите, крадците, убијците, и дури не се дрдорливите монаси како мене, но оние, кои ја предале довербата и ја изневериле љубовта, како Јуда, Брут и Касиј?
9 krug
Деветтиот круг на пеколот по Данте. Во центарот на преисподната – леденото езеро Коцит. Гравура на Густав Доре

Зошто Христос им советува на таквите воопшто да не се родат? (сп. Мт, 26, 24; Мк. 14, 21)

Затоа што адот – не е однадвор. Тоа е како врата, затворена однатре, како батискаф. Предавникот толку го изопачува во својата свест реалниот свет, што веќе не Го препознава во себе ни Бога, ни оние кои го опкружуваат. Тој ја оправдува својата подлост со уште поголемата подлост на другите.

И на крај, веќе не е важно, минлива ли е таа подлост или некој отворено повредил. Сè станува подло, сите радости прегоруваат, зачинети со предавство, парите не радуваат, насладите презаситуваат, храната не оди во грло, останува само сува мачнина.

Токму таа состојба на опседнатост генијално е предадена од Мел Гибсон во неговите „Страданија Христови“. Јуда, кој на крај, сфатил, дека – е предавник, започнале да го опкружуваат дрски зли деца. И таа незабележлива ситница започнува да го гони, турка, дразни, да го исмејува. Тој бега од нив, ја напушта населбата и – наидува на мртво дрво, под кое лежи пцовисано магаре со ортома на вратот, се огледува – а околу него нема никој. Тоа било, како што сега велат, „виртуелната реалност“ – визуализираните помисли, кои го довеле до чкрапецот.

Дали би го примил Спасителот покајанието на Јуда? Несомнено. До седумдесет пати по седум Господ нè повикува да простуваме, што значи и Самиот би му простил на предавникот, како што го примил покајанието на Петар. Но, немало на кого да му прости.

Зашто Јуда умрел многу порано од неговото самоубиство. И, за разлика од Петар, не успеал да сфати, дека Бог – е љубов, а не суров образ на немилостива справедливост. Дека нему му е лошо од сопствената подлост, а не од несправедливоста човечка. Дека нему му платиле не за ситен договор, а за главата на Учителот.

И дека во најблиските посмртни часови, му претстои да го види предадениот од него, Исус Христос, како го разнесува адскиот затвор, ги крши неговите порти, ја уништува бесовската стража и ги изведува сите, кои го барале Бога – од Адама до Јована Крстител, од Ное до Симеон Богопримецот, и многу-многу други во предвечноста на сеопштото воскресение.

Но, имало ли во душата на очајаниот Јуда место за милосрдие и љубов? Би успеал ли предавникот да ја смести кротоста, да се откликне на повикот на Христос, Кој слегол во адот или уште подлабоко ќе се затвори себеси во своите навреди и претпоставки? Одговорот на ова прашање го знае Господ. А ние знаеме, дека патот на Јуда не води во Царството Божјо.

predavstvo

Каде нè води нашиот пат?

За тоа зборува Беседата на Гората: сакајте ги непријателите ваши, благословувајте ги оние што ве колнат и молете се за оние што ве навредуваат (сп. Мт. 5, 44; Лк. 6, 28).

За тоа зборува и Крсната молитва на распнатиот Спасител, исполнета со грижа за предавниците: „Оче! Прости им, зашто не знаат што прават“ (Лк. 23, 34).

За тоа зборува и претсмртната молба на каменуваниот прв ѓакон Стефан, кој се застапувал за своите џелати: „Господи, не земај им го ова за грев“ (Дела. 7, 60).

За тоа зборува дури и црковнословенскиот епиграф кон „Ана Каренина“, земен од посланието на апостол Павле: „Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатувам“ (Рим. 12, 19).

Јован Златоуст, вака ја појаснил оваа новозаветна интонација во посланието на апостолот:

„да се сеќаваш на навредата – значи веќе да си победен од злото“.

А ние, обратно, треба да помниме дека

„непријателот, дури и да е ѕвер, ако е нахранет, не останува непријател, и навредениот, дури и да е многу малодушен, хранејќи го и напојувајќи го непријателот, и самиот нема веќе да ја посакува неговата казна“.

А Теофан Затворник, за тој апостолски совет, пишува вака:

„Гневот никогаш не ја пази праведната мера, туку секогаш зема повеќе од мерата. За што, и апостолот Јаков напишал: „човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда“(сп. Јак. 1, 20)… Бог ја зема одмаздата врз Себе. Не се мешајте во ова дело, како да вели Тој, Јас Самиот ќе му вратам, тоа е Моја работа. Вие нема да знаете да го направите тоа како што треба. Според вас, сега треба да се возврати, а најдобро – е да се одложи одмаздата, или за некое време, или засекогаш. Некогаш може да се помине и без никаква одмазда: оној кој ве навредил самиот ќе се освести и ќе ја исправи својата неправда; а тоа е многу подобро“.

Со други зборови: прости им, Господи, но тие не знаат што прават, и воздржи нè нас од „одговори“, колку и да мавтаме со рацете. И сè нека биде во ред со нив.

Така-некако сме повикани да одговараме на предавството, праведно негодувајќи и истовремено приковувајќи ја на љубовта својата желба за брза и страшна справедливост.

Зашто во рајот нераспнати нема.

 

Извор: http://www.pravmir.ru/ad-iud/

http://www.pppe.mk/2015/pekolot-na-juda/