3.angeli.so.truba

8. Кога без наша согласност ќе нѐ нападне некоја нечиста помисла, која не ја сакаме и кога ненадејно, како разбојник, ќе навлезе во нас, таа ќе успее насилно да завладее со нашиот ум. Но, сепак треба да знаеш дека и таа помисла произлегла од самите нас, затоа што по крштевањето сме се предавале на таа помисла, иако не сме ја извршувале на дело; или, пак, по наша слободна волја, сме задржале во себе си некои семиња на злото, поради што лукавиот се утврдува во нас. Тој нѐ држи преку овие семиња и останува во нас сѐ додека не ги отфрлиме. И тогаш нечистата помисла, која останува во нас додека правиме зло, штом престанеме да грешиме, бива изгонувана од нас, - тогаш ќе почнеме да раѓаме плодови достојни за покајанието - кога се трудиме за Господа.

Затоа за ваквите помисли, кои те вознемируваат, си виновен самиот ти, затоа што имаш власт да ги прогонуваш од себе си и да го очистуваш твојот ум штом почнат да те напаѓаат, а ти не си го правел тоа, туку слободно си собеседувал со нив, иако не си ги спроведувал во дело. Таквата помисла доаѓа кај тебе, на стоплено место, како при пријател (138).

9. Koгa почувствуваш помош во твоето срце, знај и биди уверен таа не дошла однадвор, туку дека е тоа благодатта, која ти е дадена таинствено во светото крштение и почнала пак да дејствува во тебе, као што дејствувала во почетокот, така и сега почнала да дејствува, откако си ја намразил лошата помисла (140).

10. Нашиот Господ Исус Христос, откако преку благодатта на светото крштение, нѐ избавил од силата на лошите помисли во нашето срце, не им забранил да се доближуваат до него, така што, бидејќи намразени од нашето срце, веднаш да бидат забележувани и одгонувани. Тие се задржуваат во нас само, ако ги сакаме, за да се пројави силата на Христовата благодат и силата на нашата слободна волја. Сѐ зависи од благодатните трудови на човековата волја и од човековото грешно самоугодување (140).

11. Нашите похоти и дејствувањето на лошите помисли дејствуваат едни со други заедно како некое лошо роднинство. Секоја помисла, која ќе се задржи во својот љубител, му бива предавана на својот ближен, па така човекот бива привлекуван со силата на навиката и против својата слободна волја. Зашто кој може да ја одбегне гордоста, ако е исполнет со суета? Или кој е тој, откако добро се наспие и се предаде на секакви наслади, нема да биде победен од блудната помисла? Или има ли таков човек, кој е алчен и исполнет со копнеж кон збогатување, што нема да биде совладан од немилосрдноста? А оние што се насладуваат со сето ова, како можат да ги одбегнуваат раздразнетоста и гневот? (141).

 

ДОБРОТОЉУБИЕ - TOM I
2. Поуки од свети Марко, извадоци од неговите други слова