НЕДЕЛА НА ПРОСТУВАЊЕТО: „Ни вашиот Отец нема да ви прости...“


Отец Александар Шмеман

3.angeli.so.truba
 
Адам и Ева – Протерувањето од Едем


    Во православната црква, последната недела пред Великиот пост – денот на кој, на вечерната, Постот литургиски е најавен и претставен, се вика – Недела на простувањето. Наутро во таа недела, на Божествената Литургија, ги слушаме зборовите Христови:
    “Бидејќи, ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки“ (Мат. 6, 14-15).
    Потоа, на вечерната, откако ќе го чуеме најавувањето на постот преку великиот прокимен: „Не одвраќај го лицето Твое од чедото Твое; бидејќи страдам, бргу услиши ме; пази ја душата моја и избави ја“, влегувајќи во великопосното богослужение, кое со своите посебности и молитвата на светиот Ефрем Сирин, при што преку матанија – бараме прошка еден од друг,  го извршуваме обредот на простување и помирување. Приближувајќи се еден кон друг со зборови на помирување, хорот ги пее пасхалните песни, исполнувајќи ја црквата со очекување на пасхалната радост.


    Што е значењето на тој обред? Зошто црквата сака да ја почнеме великопосната сезона со простување и помирување? Овие прашања се во ред, зашто за многумина Постот првенствено значи, па дури и исклучиво, промена на диетата, исполнување на црковните регулативи што се однесуваат на постењето. Тие го сфаќаат постењето како крај сам за себе, како „добро дело“ што Бог го бара, носејќи ја во себе својата заслуга и награда. Но, Црквата не се воздржува да ни открие дека постењето има посебно значење, едно од многуте, и води кон посебна цел: духовно обновување на човекот, негово враќање кон Бога, вистинско покајание, а оттаму и – вистинско помирување. Црквата не се колеба да не` опомени и против лицемерното и фарисејско постење, против сведувањето на верата на очигледна површна обврска, како што вели една великопосна песна:
    „Душо, попусто се радуваш во нејадење, зашто од храна се воздржуваш, но од страсти не си очистена. Ако не отстапиш од гревот, постот бесцелен ќе ти биде“.
    Простувањето е во самиот центар на христијанската вера и на христијанското живеење, зашто христијанството само по себе, пред се` – е религија на простување. Бог ни простува, а Неговото простување е во Христа, Неговиот Син, Кого Тој ни Го прати, па споделувајќи ја Неговата човечност да имаме дел во Неговата љубов и вистински да се помириме со Бога. Се разбира, христијанството нема друга содржина освен љубовта. Првенствено тоа е обновување на таа љубов, враќање кон неа, растење во неа, што преку молитва ја посакуваме за време на Великиот пост, со сиот дух и со сиот напор во великопосната сезона. Така, навистина простувањето е и почеток, а и неопходен услов за великопсната сезона.
    

Секако, некој ќе праша: Зошто би го применувал тој обред, кога немам „непријатели“? Зошто би барал прошка од луѓе што не ми направиле ништо и што едвај ги познавам? Да се поставуваат овие прашања, е несфаќање на православното учење, што се однесува на простувањето. Вистина е дека отвореното непријателство и личната омраза можеби се отсутни од нашиот живот, но и ако ги вкусиме, можеби ни е полесно да се покаеме, зашто таквите чувства отворено се противни на божествените заповеди. Но, Црквата ни открива дека постојат многу попрефинети начини за повреда на божествената Љубов. Тие се: незаитересираност, себичност, вистинска негрижа за останатите луѓе, или накусо – ѕид што го подигаме ококлу себе, мислејќи дека со тоа што сме „љубезни“ и „пријателски настроени“ – ги исполнуваме Божјите заповеди. Затоа, обредот на простување е така значаен што, макар и за само една минута, не тера да осознаеме дека – нашиот однос кон останатите луѓе е погрешен и ни овозможува да вкусиме средба на едно Божјо чедо со друго, на едно Божјо создание со друго, ни овозможува да почувствуваме заедничко „признавање“, што страшно ни недостига во нашиот студен и обесчовечен свет.
    Таа вечер, слушајќи ги радосните пасхални песни, повикани сме да направиме духовно откровение: да вкусиме друг начин на живот и однос со останатите луѓе, на живот, чија суштина е – љубовта. Христос, Кој Самиот е божествената Љубов,  можеме да Го откриеме секогаш и на секое место, зашто стои меѓу нас, трансформирајќи ја нашата меѓусебна отуѓеност во братство. Како што се приближувам кон другиот, и како што другиот мене ми приоѓа, почнуваме да сфаќаме дека – Христос е Оној, Кој и двајцата не` зближува со Неговата љубов.
     Откако тоа ќе го откриеме, и затоа што тоа откровение е самото Царство Небесно, царство на Мирот и Љубовта, на помирување со Бога и во Него, со се` што постои, ги слушаме песните на Празникот, што еднаш годишно „ни ги отвора вратите на Рајот“. Тогаш знаеме зошто ќе постиме и ќе се молиме, што ќе бараме за време на долгото великопосно патување и поклонение. Неделата на простувањето е ден на кој добиваме сила, што го прави нашето постење – вистинско постење; нашиот напор – вистински напор; нашето помирување со Бога – вистинско помирување.

  

 Сираќуз, февруари 2020                                 

Превел од англиски,                                                                                    

 Протоереј-ставрофор Бранко Постоловски