3.angeli.so.truba

 

Литургијата на претходноосветени дарови може да биде означена, без претерување, како срце и центар на богослужението во Великиот пост. Во некои древни богослужбени ракописи таа се нарекува „Литургија на Големата четириесетница“. Всушност, оваа богослужба најдобро го опишува ова свештено време во годината.
Суштината на оваа богослужба ни се открива во самото име: тоа е „Литургија на претходноосветени дарови“. Се разликува од Литургиите на св. Василиј Велики и св. Јован Златоуст, во кои се совршува Евхаристијата – принесувањето и осветувањето на Даровите. За време на „Литургијата на Великата четириесетница“ се причестуваме со Светите дарови коишто се „претходно осветени, преосветени“, т.е. осветени на Литургија служена некој претходен ден.

Овие Свети дарови ни се дадени за да имаме можност да се причестиме со нив и да бидеме осветени преку нив. Со други зборови, Литургијата на Претходоноосветени дарови во суштина не е литургија, во смисол на Литургиите на св. Јован Златоуст или св. Василиј Велики, туку попрво, еден засебен чин на причестување.

Литургија на Претходноосветени даровиЗа да разбереме зошто е создаден овој чин на причестување со претходноосветени Чесни дарови, мора да погледеме во историјата. Нејзините корени лежат во древниот црковен обичај на причестување на верните на секоја Литургија. Вообичаено било, исто така, во деновите кога не се литургисувало, верните да се причестат со остатоците од Чесните дарови од претходната, воскресна литургија. На оваа основа, се издвоил посебен молитвен чин во манастирите: сите монаси се молеле заедно пред да се причестат, а потоа заедно и Му благодареле на Бога, Кој им овозможил да станат заедничари на Светите Таинства. Ова се случувало или после Вечерната, или после Деветтиот час (околу 15 часот). Со време, ова молитвено правило добило облик на кратка богослужба, на некој начин слична на Литургија. Оттука се развила Изобразителната, богослужба која денес се служи по Шестиот и Деветтиот час. Самото име, „изобразителна“, посочува на фактот дека во одредена мера оваа куса служба ја изобразува Литургијата. Во тој смисол, таа е предок на она што денес го разбираме како Преждеосвештена Литургија.

Во Великиот пост, потполна Божествена Литургија се богослужи само во саботите и неделите. Древното Црковно предание, потврдено со каноните од Соборите, го забранува служењето на Литургии во останатите денови за време на Великиот пост, бидејќи тие денови се целосно посветени на пост и покајание. Служењето на Божествена Литургија би било несоодветно на покајното обележје на таквите денови. Литургијата е Пасхално таинство, Празник на Црквата, исполнет со радост и духовна веселба.

Како што вели св. Василиј Велики, во времето во коешто живеел тој, верните се причестувале не само во саботите и неделите, туку уште барем два пати во текот на неделата – во средите и петоците. Оттука, се појавува прашањето: Како се причестувале без Литургија? А одговорот веќе го имамае: тие можеле да се причестат со Свети Дарови осветени на некоја претходна Литургија. Во тоа време под пост се подразбирало целосно воздржување од храна до зајдисонце, а причестувањето со Светите Дарови било круна и крај на еден посен ден. Поради оваа причина, во текот на овие седмични денови, причестувањето се случувало по Вечерната.

Литургијата на Претходноосветени Дарови се содржи од Вечерна на чијшто крај се раздаваат Светите Претходноосветени Дарови, а се читаат молитвите пред причест. Народот се причестува, по што следат благодарствени молитви. Поврзаноста на службата со Великиот пост се согледува во посебното „жално“ обележје. Божјиот престол во олтарот и светите садови во коишто се чуваат Светите Дарови се покриени со темно обоени прекривки. Молитвите се читаат со особено чувство на понизност и галежност. Сѐ на сѐ, целата служба е обележана со едно посебно чувство на таинственост.

Првиот дел од Литургијата на Претходноосветени Дарови се состои од Великопосна Вечерна со неколку особени обележја. Свештеникот е облечен во темнообоени одежди. Вечерната не започнува со вообичаениот возглас „Благословен е нашиот Бог“, туку со воведното литургиско славословење: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух…“. На овој начин, севкупната богослужба се насочува кон надежта на Царството, она исто исчекување коешто го обележува Великиот пост.

Потоа, како на секоја Вечерна богослужба, се чита 103 псалм. Овој „воведен“ псалм започнува со зборовите: „Благословувај Го, душо моја, Господа! Господи, Боже мој, Ти Си Се возвеличил…“. Овој псалм, во којшто се слави Бог, Создателот на сиот свет, е еден вид на „предговор“ на Вечерната, и со него започнува севкупниот дневен богослужбен круг, зашто според Старозаветното предание, вечерта и ноќта по неа се сметаат за почеток на денот.

По овој „предговор“, ѓаконот (или, во отсуство на ѓакон, самиот свештеник) ги повикува верните на заедничка молитва, во Великата ектенија, Мирната ектенија, којашто започнува со зборовите: „Во мир да се помолиме на Господа…“.

Потоа се чита oд 119 до 133 псалм. Овие псалми ја сочинуваат 18 катизма (поглавје) од Псалтирот, книгата псалми. Овие псалми се познати како „песни на искачувањето, степени). Во Старозаветно време, токму овие псалми се пееле при искачувањето по степениците на Ерусалимскиот Храм. Додека на певницата се читаат овие псалми, во олтарот свештеникот ги приготвува Светите Дарови на Жртвеникот . Претходноосветениот Агнец (Телото Христово, натопено со Неговата Сечесна Крв), кој бил оставен на Престолот претходната сабота или недела, се пренесува на Жртвеникот. Тогаш, во Путирот се додава обично, неосветено вино и вода, и Светите Садови се покриваат, како што се прави и при целосна Литургија. Сето ова се совршува во молк, без придружни молитви. Последованието на Божествената служба го нагласува ова особено обележје: сите молитви веќе биле прочитани на претходната Литургија, на којашто Светите Дарови биле осветени.

(продолжува)
Протопрезвитер Виктор Потапов
Извор: „Тавор“ бр. 2

http://koe.mk/liturgija-na-prethodnoosveteni-darovi-1/?fbclid=IwAR0yLpwmSYLghBALjnvtN8R5J94E3qYSLaAwZC6NDpMeJ6OHf_-t6aLH_f0