(Обновено)

7.Vselenski.sobor

Еднаш, си бил некој човек којшто го сметал Рождеството Христово за некаква измислица. Тој не бил лош, дури бил и многу добар, дарежлив кон семејството, чесен во своите односи со другите луѓе. Но тој не верувал во она што на Божик се кажувало во црквите. А бил премногу чесен за да се преправа дека верува.

          „Не сакам да те нажалам,“ ѝ рекол тој на својата жена, која била верничка и редовно одела во црква, „но јас едноставно не можам да го сфатам тоа дека Бог станал човек. За мене тоа е вистинска измислица.“

          На Божикната вечер неговата сопруга  пошла со своите деца на сеноќно бдение во црква. Човекот одбил да појде со нив. „Ќе се чувствувам како лицемер“, им објаснил тој, „подобро ќе останам дома и ќе ве чекам.“

          Набрзо откако заминале тие, започнало да врне снег. Тој се доближил до прозорецот и видел дека снегулките стануваат сѐ поголеми и поголеми. „Но, добро, кога веќе е Божик, редно е да биде снежен“.

          Се вратил на својата фотелја крај каминот и почнал да чита весник. По неколку минути го стаписал некаков тап удар. Потоа се слушнал уште еден. Па уште еден. Се зачудил кој би можел во тие доцни часови да фрла снежни топки во прозорецот.

          Кога ја отворил вратата за да види од каде доаѓаат звуците, тој забележал јато премрзнати птици. Веројатно тие, зафатени од невремето, удирале во стаклото обидувајќи се да се засолнат.

          „Не можам да им дозволам на кутрите птици да замрзнат“, се замислил тој. „Но како да им помогнам?“ Се сетил на шталата каде што ги чувал коњите. Тоа било навистина погодно место за птиците да се засолнат. Брзо го облекол дебелото палто и чизмите и се упатил низ длабокиот снег до шталата. Широко ја отворил вратата и го запалил светлото. Но птиците не влетале тука.

          „Треба да ги примамам со нешто“, си рекол тој. Брзо се вратил дома по леб, го раздробил и со трошките го посипал снегот во правец на шталата. За негова жал, птиците го игнорирале лебот и продолжиле да се борат со длабокиот снег.  Тој се обидел и да ги потера во правец на шталата одејќи, околу нив и мавтајќи со рацете. Птицате бегале на разни страни, само не во топлата, светла штала.

          „Веројатно им изгледам чуден и страшен“, си рекол тој, „Како да им покажам дека можат да ми веруваат? Да можев барем на неколку минути да станам птица, ќе можев да ги поведам кон безбедното засолниште.“ Во тој миг силно се огласиле црковните камбани.

 Тој застанал во место и се внел во звукот на камбаните, кои ја возвестувале благата вест на Рождеството. Поразен паднал на колена во снегот. „Сега сфаќам,“ прошепотел тој. „Сега знам зошто Ти си го направил тоа“.

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/bozhikna-prikazna-chovekot-i-pticite/

 

29ти декември 2019 лето Господово