7.Vselenski.sobor

ПОЗДРАВНО СЛОВО
„Чуајте а верата и никоаш немојте да ми го забраете мојов манастир“


Со овие прекрасни и силни зборови на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, нашиот мудар преродбеник и игумен на Лешочкиот манастир, го започнувам овогодинешното поздравно слово упатено до сите Вас, почитувани читатели на новиот двоброј 12/13 на епархиското списание „Огледало“. И навистина нема подобри зборови од Кириловите со кои можам да Ве поздравам, а истовремено и да Ве посоветувам... Како надлежен епархиски архиереј на Тетовско-гостиварската епархија под чија јуриздикција е и Лешочкиот манастир, оче Кириле, уште од почетокот на мојата служба, се трудам никогаш да не го заборавиме твојот и наш манастир. Ако него го заборавиме и ако верата наша прадедовска не ја зачуваме, тогаш се забораваме себе си, своите корења и својот идентитет. А дека во нашите мисли секогаш е Лешок и грижата кон манастирскиот комплекс, и зачувувањето на спомените на неговите игумени – доказ е овој број на списанието. Како плод на тој незаборав, Редакцијата на списанието одлучи главната тема на списанието да биде посветена на Лешочкиот манастир и неговиот најпознат игумен, на отецот Кирил Пејчиновиќ.
Лешочкиот манастир и игуменот Кирил се нераздвојно поврзани. Секоја прошетка во Лешок, секое пролистување на неговите дела, секое предание за неговиот лик и дело – нè потсетуваат на него и на неговата исполнета дејност во Лешочката света обител. Токму затоа, не може да се пишува за животот и дејноста на јеромонахот Кирил, а да не се спомeне Лешочкиот манастир, и обратно. Не може да се пишува за манастирот, а да не се спомeне неговиот најпознат игумен Кирил, чиј гроб и епитаф ни се постојано сведоштво за еден праведен живот поминат во постојан труд, во борба за зачувување на верата, во просвета на народните маси, како и во надградба на манастирот и неговиот имот.
Преку овие научни трудови, чувајќи и надградувајќи го споменот на отецот Кирил, игуменот на Лешочкиот манастир – ние ја чуваме и верата, чиста и света како што ја проповедаше игуменот Кирил. Неговата проповед е жива и сеуште трае. Таа ќе трае додека трае неговиот свет спомен, а споменот на праведникот трае вечно. Затоа неговата проповед ќе трае вечно и ќе нè инспирира кон напредни идеи и ќе нè вдахновува кон творење на дела со кои ќе го развиеме манастирот, кој е светило на Полошкиот крај и пошироко.
Освен научното градиво поврзано со носечката тема на списанието, во овој двоброј вметнавме и други популарни трудови од областа на теологијата, но и текстови од областа на историјата и медицината, потоа рубриката вести и настани од епархијата, како и репортажа за Лешочкиот манастирски комплекс.
Се надевам дека и овој број на списанието ќе ни помогне да се сетиме на игуменот Кирил, да не го заборавиме Лешочкиот манастир и да ја сочуваме својата вера чиста, сега и секогаш и во сите векови! Амин.



Митрополит Тетовско-гостиварски
г. Јосиф,
главен уредник на списанието „Огледало“

 26ти октомври 2019 лето Господово

 

Извор:

http://tge.mk/vesnici/Ogledalo1213.pdf