(Обновено)


         Како црковни луѓе сите сме чуле дека постои Акатист, но не знаеме доволно зошто се чита, и каква полза имаме од него.

       Како поетско дело, им се припишува на свети Јован Дамаскин (икосите) и свети Јосиф Химнограф (тропарите). Акатистот е составен од 12 кондаци и 12 икоси, наредени според редоследот на алфавитот (грчката азбука) после кои народот пее „радувај се невесто неневестна“ и „алилуја“. Се смета дека химната „Тебе Богородице Војвотко“ е испеана во Цариград од страна на патријархот, клирот и верниот народ, како молитва и молба кон Пресвета Богородица, да го заштити нивниот град од нападите на незнабошците, и Богородица која бдее постојано за сите христијани, ја покажала својата сила, и на чудесен начин Цариград бил избавен од нападите во 626 година. Во чест на ова чудо бил формиран денешниот акатист.

       Но, зошто овој акатист се пее токму во Великиот пост? Постот е посветен на Воскресението Христово, а акатистот е еден вид предпразненство и попразненство на празникот Благовештение, кој секогаш се паѓа во постот и затоа нема свое пред и попразненство, па така канонот и акатистот го пополнуваат тој недостаток, и со овие неседални химни ѝ оддаваме чест на Пресвета Богородица.

       Втора причина, поради која токму во постот го читаме акатистот е, затоа што секојдневно сме напаѓани од многу демони, па како што некогаш Цариград се избавил од непријателите, по молитвите на Пресвета Богородица, така и сега, во текот на постот, ја молиме Мајката Божја да нѐ избави и нас од нашите непријатели, кои сакаат да ги погубат нашите души.

       Акатистот се чита во повеќе прилики, а не само во постот. Светогорското предание вели дека Пресвета Богородица им се јавила на повеќе светогорци и им објавила дека, оние кои секој ден ќе го читаат нејзиниот акатист, таа нема да ги остави сами ниту во овој живот, ниту на судот, туку Самата Таа ќе ги закрилува и нема да дозволи да бидат осудени. Затоа во манастирите се чита секој ден заедно со малото повечерие, а верниците го читаат во своите домови, особено во петок, бидејќи празникот „Животворен извор на Пресвета Богородица“ се слави во петок, и акатистите се читаат во петок, па така останал обичај во Црквата, секој петок да читаме акатист на Пресвета Богородица.

      До пред неколку децении постоел побожен обичај да се чита акатист и за оние кои биле на умирање, кои биле во кома, или повеќе денови се измачувале и не можеле да се упокојат. Роднините повикувале свештеник за да прочита акатист, да ја моли Пресвета Богородица да го ослободи болниот од демонските напади и да му даде покајание и праведна смрт.

         Има многу веќе објавени сведоштва за чудесната помош од Пресвета Богородица, постојат и цели книги со Нејзините чудеса, а овде би сакал да наведам две од многуте, кои се случиле после прочитаниот Акатист кон Пресвета Богородица. Познатиот свештеник Стефан Анагностопулос, познат брачен свештеник, духовник и автор на повеќе книги, сведочи за еден чудесен настан од времето на неговите родители, односно од почетокот на дваесеттиот век. Во тоа немирно време многу разбојнички банди го ограбувале народот, па во една таква банда, постоел еден разбојник кој од мајка му бил научен, уште од мали нозе, секој ден да го чита Акатистот на Пресвета Богородица. Тој не убивал, но секојдневно крадел и грабал, се веселел со другите разбојници, но навечер редовно, како од навика, го читал акатистот. Поради овој негов мал подвиг Пресвета Богородица му го сочувала животот во многу опасни ситуации, а потоа и преку една средба со еден монах, му дала до знаење дека, благодарение на читањето на акатистот, таа постојано била над него и го пазела. Ова откровение го довело разбојникот кон покајание, и тој го оставил разбојништвото и си ја спасил душата. И сето тоа благодарение на акатистот кон Пресвета Богородица.

        Второто чудо е од понов датум, а го раскажува една побожна медицинска сестра од Атина. Настанот е од 2010 година, кога во болницата бил примен 29-годишен пациент, биолог, кој боледувал од карцином кој целосно ги покрил неговите бубрези, како што се покажало на снимките. И покрај хемотерапиите, на неговото тело се појавиле многу метастази од ракот. Во текот на болеста, имал видение, како да го видел пеколот и рајот, нешто што го потресло многу, па сето ова ѝ го раскажал на медицинската сестра. А таа, бидејќи била воцрковена, му дала една бројаница, икона од Пресвета Богородица, и мала книшка со акатистот кон Пресвета Богородица, и го посоветувала да го чита акатистот секојдневно. Бил во тешка состојба, но го читал. По неколку недели побарал свештеник за разговор, па го повикале отецот Силуан, кој служел во болничкиот храм. Младиот човек се исповедал. Потоа му препорачале да оди на операција во Америка, па отецот му нашол пријатели, кои се нафатиле да ги покријат трошоците. Но, таму се случило нешто неочекувано. Новите снимки покажале дека нема никаква трага од ракот. Човекот дошол веќе излечен. Се јавил кај сестрата да ѝ го соопшти тоа. Потоа се вратил во Грција, и веднаш заминал на Света Гора, каде што станал монах, токму во градината на Пресвета Богородица, да живее по покајание, благодарност и нејзнајност за светот. Ете каква полза имаме, кога со вера го читаме акатистот. Затоа да се научиме да доаѓаме во црква на Акатистите, но и дома да се молиме, да ги читаме колку што можеме, не само кога сме во некаква неволја, туку и кога сме радосни, спокојни, да ѝ оддадеме чест на Богомајката, на Онаа која го роди нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

Амин.

Свештеник Јани Мулев

https://crkvaveles.wordpress.com/2019/03/14/polza-akatist/?fbclid=IwAR1FmzIltP4pxML6GbWG-TxBGRI8g2-aIDV_Gfe9L4tKZGSDCPyts7bdp1Q