Како да простуваме

Простувањето не треба да биде формално, само со обични зборови, само изговорен збор, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите: „прости ми“ –  „простено ти е“.
Простивањето е завршено кога сме преминале од простување во љубов. Тогаш вистински сме простиле или вистински ни простиле. Тоа не е лесно, а не е ни тешко, бидејќи љубовта прави чуда. Простувањето е дело на љубовта.
Простувањето е слобода. Тоа ослободува. Силно е чувството на слобода што доаѓа со простувањето. Тоа е духовно миење, чистење на душата и ослободување од гревот со сите негови отрови.
Покајанието и простувањето значи менување на своето мислење и постапување. Кога ќе престанеш да мислиш како што си мислел претходно, кога ќе почнеш да говориш поинаку од претходното и кога ќе го правиш она што требало да го правиш – тогаш си се покајал и си простил.
Проштевањето е решеност повеќе да не се греши. Што, ако речеме: Ете, му простив и готово! Ми грешеше и ме навредуваше и сè ми правеше – и пак му простив, толку е, крај! Не, не. Тоа не е проштевање. Тоа е формалност. Гневот ти останал. Гревот те гризе. Ти не си се очистил, ниту него си го ослободил. Треба љубов да ви се всели во душата. А таа зрачи низ нашите мисли, зборови, чувства и дела.
Тие што не простуваат, не го разбирале Христа и Евангелието. Тие немаат право да се нарекуваат христијани. Тие не се христијани.

Кому да простуваме
На сите да им простиме сè. Дури и на непријателите. Така Господ направил. Од крстот рекол: „Оче, прости им,...!“ (Лука 23,34). Бог бара од нас да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост (Матеј 5,23-24).
Да простиш, значи да не дозволиш веќе во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов.
Ако е до грешност и до казна, сите сме грешни и сите сме за казна. Но, Бог не нè повикал да судиме и да казнуваме, туку да проштеваме. И поставила правило: Бог ќе ни ги прости нам гревовите, доколку и ние им ги проштеваме на оние што ни згрешиле (Матеј 6,14-15;18,35). И рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).

Колку да простуваме
Прости му целосно и сè. Ако не му простиш ти, ќе му прости Бог, а ти си наштетил на себеси, а не нему.
Колкупати да му простиме? Вака прашал и апостол Петар, а Христос му одговорил: „До седумдесет пати по седум“ (Матеј 18,22), што значи безброј пати.
 Откако ќе си простиме и ќе се измириме, во мир ќе го почнеме постот. Така започнуваат и богослужбите, со повикот: – Во мир да се помолиме на Господа!

(Извадок)

 

 

 


17.03.2013