Свето Евангелие од светиот апостол Марко (зач. 10)


Во она време минуваше и Му се случи во саботен ден да минува преку нивјето, и почнаа учениците Негови, врвејќи, да кинат класје. А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?“ Но Он им рече: „3ар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и огладне сам тој и оние, што беа со него? Како влезе во домот Божји, при првосвештеникот Авијатар, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него?“ Потоа продолжи: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата. Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.“

И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака. И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат. А Он му рече на човекот со исушената рака: „3астани насреде!“ Ним, пак, им кажа: „Во сабота позволено ли е да прави човек добро или зло; да спаси една душа или да ја погуби?“ Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој ја протегна и таа му стана здрава, како и другата.