Кондак 1
 
Избрани проповедници на невиното Јагне, за нас заклано - Христос Бог, преславни апостоли Петар и Павле, вие со своето богопознавање сиот свет го осветливте и со благодатни води обилно го напоивте. И сега со љубов погледајте на оние кои сесрдно го почитуваат вашиот спомен; исполнете не со духот на премудроста, а срцата наши во верата утврдете ги, па непрестано благодарност да ви вознесуваме, со умиление извикувајќи :
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Икос 1
Блажени апостоли Петар и Павле, вие на земјата се покажавте како ангели благовесници, зашто, повикани на апостолска служба од самиот Виновник на нашето спасение, Господ Исус Христос, вие сета земја ја поминавте проповедајќи им Го на Евреите и на незнабошците Христа распнатиот - Божјата Сила и Божјата Премудрост. Затоа и ние, осветлени од светлоста на вашето учење, со срцата и устите вака ви извикуваме:
Радувајте се, ѕвезди светозрачни, кои од Исток засветивте и на сите луѓе патот кон Христос им го покажувате !
Радувајте се непоколебливи столбови и тврдини на Христовата Црква!
Радувајте се, бидејќи од Христа примивте власт да ги сврзувате и разрешувате  нашите гревови!
Радувајте се, бидејќи со вашите свети посланија не повикувате сите кон верата и надежта во Бога!
Радувајте се, бидејќи со своите животи, на оние кои грешат им постанавте пример да се обратат!
Радувајте се, бидејќи со зборови и дела ни ја покажавте возвишеноста на вистинската љубов!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Кондак 2
Апостоле Петар, Господ, кога те здогледа на Галилејското Море,  каде заедно со твојот  брат Андреј фрлавте мрежи во морето, ви рече: Појдете со мене, и ќе ве направам ловци на луѓе. И вие во тој час ги оставивте мрежите и по Него тргнавте. Затоа,  убавино на Вселенската Црква, со своето молитвено завземање, направи да бидеме брзи на вршење на божјите заповеди, а спори на гревот, та со детска злоба, да ја достигнеме сите во растот големината на човечката совршеност, пеејќи Му на Бога: Алилуја!
 
 
Икос   2
Боженствениот разум те осветли Павле, избран саду Божји, кога ти, со големо ревнување за татковските преданија,  брзаше во Дамаск да ја гониш Христовата Црква. Зашто, тогаш изненадно те осветли светлоста на славата Господова и дојде глас од небото: Савле, Савле зошто ме гониш? А ти, иако со телесниот вид ослепе, со духот ја согледа силата и славата на Христа распнатиот, Кој темнината ја осветлува и со љубов Својата Црква ја изградува. Тоа твојот дух го заплени, и ти со покајание послушно рече: Господи, што сакаш да направам? После тоа, примајќи го позивот на апостолството од самиот Господ и крштевајќи се со вода и Дух од блажениот Анание, ти чудесно постана избран благодатен сад и немолчелив сведок на нашиот Спасител, од Кого и ние просветени навикнавме да ти го принесуваме ова:
Радувај се, светлост на Црквата, која на чудесен начин од Светлоста Неискажана е запалена на патот да ги осветлува незнабошците!
Радувај се,бидејќи во твојот живот знаци на силата Божја чудесно си пројавил, и со тоа устата на непокорните за навек си им ја затворил!
Радувај се, избран саде, кој себе си смирено си се нарекол најмал меѓу апостолите и прв меѓу грешниците !
Радувај се , бидејќи како херувим тајновидец дури до третото небо со верата и љубовта си се воздигнал!
Радувај се, бидејќи како огнен серафим, заради ревноста за Бога непрестано си бил мачен и морен!
Радувајте се Павле и Петре, громогласни труби на благовестието, кои темелите на стариот свет како друг Ерихон ги разрушивте!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
 
Кондак  3 
Силата на Севишниот, која во слабостите се распознава, се излеа на тебе Павле, дијаманте на верата, како благодат врз благодат, бидејки вистината си ја кажал кога си објавил: Се можам во Исуса Христа Кој моќ ми дава. И навистина си го проповедал Евангелието со јавувањето на Духот и силата, творејќи големи и неискажливи дела, славни и ужасни. Така незнабошците на богопознавање се научуваа, своите тврди срца со елеј на милосрдие ги натопуваа, и сите расеани овци во трлото на Единиот Пастир одсекаде пристигнуваа и се научија сложно да Му пеат : Алилуја!
Икос 3
 
Имајќи смела љубов кон Господа, ти - Апостоле Петар, си тргнал по разбрануваните води како по суво. Но иако исплашен од сомнеж си почнал да потонуваш, сепак не си потонал во морската шир, бидејќи кон Спасителот си испружил раце и очи, молејќи Му се од длабочината на срцето: Господи, спаси ме!
И во тој час си добил подадена рака на помош од Христа, Спасителот наш. Така и ние во оваа земна долина, од опасности заплашувани и од бранови на страсти потопувани, вперуваме очи во тебе, кој мудро кон тивкото пристаниште не водиш, и со благодарност ти извикуваме вака:
Радувај се, скапоцен камену на верата, бидејќи си од Крај-аголниот Камен избран и утврден!
Радувај се, храме на Светиот Дух, бидејќи си од Него со различни дарови прекрасно украсен!
Радувај се, простодушен рибару, исполнет со мудроста Божја на која никој од луѓето не може да и се противи!
Радувај се, очевидецу на големината  Божја, бидејќи од Господа за навек си прославен повеќе од сите цареви и славни на земјата!
Радувај се, хартијо одухотворена, на која со огнени букви Словото Божјо е испишано!
Радувај се светило, еднакво со Апостол Павле и неугасливо!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Кондак 4
Бура на лути искушенија подигна во старо време исконскиот човекоубиец, сакајќи Црквата Божја да ја уништи и учениците на Спасителот да ги расфрла како пченица. Но Господ се молеше за тебе, Петре, твојата вера да не престане. И така, од Спасителот просветуван и од Него во немоќта закрепнуван, ти навистина ја скрши вилицата на ѓаволот и обраќајќи се, ги утврди браќата свои, пеејќи Му на Бога : Алилуја!
 
Икос 4
Слушајќи, премудар Павле, дека си чудесно избран да им го објавиш името на Господа Исуса Христа на народите, царевите и синовите Израилеви, и гледајќи дека си ти во зборот, во животот, во љубовта, во духот , во верата, во чистотата - светлост, поставена кај незнабошците за нивно спасение, неверните во верата се просветуваа, а верните ликувајќи Господа Го прославуваа. Затоа и ние, примајќи заповед да се радуваме со нив, со радосни гласови ова ти го принесуваме:
Радувај се, верен Христов служителу, бидејќи целото богатство на овој свет за ѓубре и прашини го сметаше, а заради Христа и Евангелието себеси пред сите се потчини!
Радувај се, светол војнику Христов, бидејќи во се-оружјето Божјо си се облекол и сите народи во послушност кон Христа си ги привел!
Радувај се, најугодна жртво, со Христа сораспнат, бидејќи си навикнал за Христа секој ден да умираш!
Радувај се, сеачу со многу солзи и окови, исповеднику преславен, бидејќи раните на Господ Исус Христос на своето тело радосно си ги носел !
Радувај се, славо и пофалбо на Црквата Вселенска; ти си бил поглед на светот , и за Христа често, глад, жед, голотија, тепање и исмејување си претрпувал !
Радувајте се, Петар и Павле,  украси на апостолите, на светот благовесници и тврдини на Црквата !
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле !
 
Кондак 5
Ти, Павле се покажа како од Бога водена свезда,  кога своето патување што славно го започна од Дамаск, го продолжи се до Рим; и како што порано свездата од исток ги научи мудреците да се поклонат на Сонцето на правдата, така и ти, Богомудри, им го покажа патот кон Христа на сите кои сакаа да достигнат спасение, смело довикувајќи им на сите: Угледајте се на мене, како јас на Христа. Нему и нас не научи со една уста да Му пееме: Алилуја!
Икос 5
Гледајќи ја на гората Тавор славата на Единородниот од Отца, облечен со светлост како со облека, а Кој, заради нас, посака да се облече во облека на потсмев, ти –Петар, гледајќи ја неискажаната слава на оние избавени преку крвта на Невиното Јагне – Христос, зборуваше : Господи, добро ни е да бидеме овде.
Заради тоа и ние, далечните народи, лишени од светлозрачната чистота, иако недостојни, но од твојот апостолски глас повикани кон бесмртното наследство, чисто, несвенливо, чувано на небесата, како заедничари на славата која ќе се пројави, ти извикуваме вака:
Радувај се благословен, од Вечната Вистина со право наречен благословен!
Радувај се преубав Бисеру, од Господа кај езерото најден и со Светлоста од Светлоста осветлен!
Радувај се, од самиот Избавител на човековиот род пратен да го проповедаш Евангелието !
Радувај се, ти се покажа како вистински ловец на луѓе, бидејќи, како и порано, со благодат ги одведуваш помрачените души во чудесната светлост на Христа Бога!
Радувај се, животворен изворе, бидејќи си потекол од изворот на вечниот живот и од богатите дарови на Светиот Дух жедните души ги напојуваш!
Радувајте се, Петар и Павле, бидејќи вие како шестокрили Серафими покрај престолот на Царот на славата лебдите и светлоста на Божјите тајни ја гледате !
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Кондак 6
И по смртта твоја, Богосносен Петар, ти се покажа немолчалив проповедник, бидејќи од мисловното небо, како таинствен гром, ти на разни начини ги потсетуваш христијаните на нивниот позив. А ние, знаејќи за љубовта  твоја која никогаш не престанува и молитвата  која кај престолот Божји постојано за нас ја твориш, со возбудени срца пееме: Алилуја!
 
Икос 6
Откако, великоименит Павле, Светиот дух ти нареди во Антиохија да почнеш преголема апостолска служба за незнабошците, ти засвети со знаменија и чудеса. Потоа, доаѓајќи на Кипар, ти врачарот Елим го ослепе и проконзулот Сергиј со светлоста на вистината го осветли . Удостој не и нас, кои зедовме учество во таа светлост, да ги прославиме твоите прекрасни дела со духовни песни и пеење и да ти извикуваме вака:
Радувај се, светлост на кротките и разумни срца, кој како доилка грееш и ги воспитуваш со своите боговдахновени записи !
Радувај се, жезол на укорувањето, кој садовите на лаги и измами ги разбиваш, а скрушените срца на непоместливиот камен на верата во Христа ги подигнуваш!
Радувај се, бидејќи Христовото Евангелие  во себе си го овоплотил, и заради тоа над се видливо си бил воздигнат и прославен.
Радувај се, ти со твоите медоточни усти објави голема радост на апостолите и верните, бидејќи со тебе Господ им ја отвори на сите незнабошци вратата на спасението!
Радувај се, ревнителу по Бога, нов Илија, бидејќи не ѕидаш на туѓи темели, и со својата ревност далечни земји проодуваш!
Радувајте се Павле и Петар, вие целиот свет го поделивте помеѓу себе : едниот да биде спасител на незнабошците, а другиот да проповеда кај избраниот народ!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Кондак 7

Сакајќи вистината да ја утврдиш и Црковниот мир да го осигураш, ти, апостоле Павле, поборнику на правдата, си дошол во Светиот Град. Таму, на Соборот на светите апостоли и верниците си сведочел заедно со Петар и Варнава: дека Светиот Дух дише каде што сака, давајќи им благодат во изобилство на Евреите и незнабошците, обрезаните и необрезаните, спасувајќи ги сите и се со вера, а не со мртви дела на стариот закон. И така, сите верници, навистина добивајќи слобода и мир, сврзувани со нитката на љубовта, благодарно Му пеат на Бога: Алилуја!    
 
Икос 7
За нов Архангел, гласник на тајната од векови сокриена, те избра Господ апостоле Петар, кога ги праша учениците свои: А вие што велите, кој Сум Јас? - Тогаш ти, од Небесниот Отец просветуван, ја објави вистинската основа на верата наша, говорејќи Му на Господа: Ти си Христос, Син на живиот Бог. Заради тоа и ние, почитувајќи те што надежта на нашето спасение отворено си ја исповедал, ти извикуваме вака:
Радувај се, нов Синај, бидејќи на луѓето јасно им ги покажа таблиците на спасението и им ја објави слободата во Христа !
Радувај се, од Небесниот Ѕидар првопоставен камену на верата и исповедувањето, на кого Христовата Црква несоборливо е заснована !
Радувај се, бидејќи Господ прво тебе те постави за вратар на рајот ветувајќи дека ќе ти ги даде клучевите на Небесното Царство!
Радувај се праведен судијо, бидејќи со останатите апостоли ќе им судиш на дванаесетте израилеви колена!
Радувај се, бидејќи твоите благословени очи и уши Го слушнаа и видоа на земјата во тело Христа, нашиот Спасител, Кого пророците пламено посакуваа да Го видат!
Радувајте се Петар и Павле, зашто имајќи осветени срца и прекрасни благовестителни  нозе, вие на Евангелието Му послуживте и евангелски проживеавте!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли  Петар и Павле!
 
Кондак 8
Апостоле Петар, ти се покажа како необично и тешко разбирливо чудо за оние кои умуваат на земјата, бидејќи Господ те избра тебе, незнаен и ништожен во очите на светот, и ти мудри посрами, царства победи, многу и многу помрачени кон вистинската Светлост приведе, и се досега, како огнен столб ги осветлуваш сите земнородни, покажувајќи им го сигурниот пат во блаженото отечество. Заради тоа, восхитувајќи и се на богатата благодат во тебе, ние Му пееме на Бога: Алилуја!
 
Икос 8
На сите си бил се, богославен Павле, со љубов опфаќајќи ги сите, со спасителни зборови достигајќи ги далечните и блиските, со вера победувајќи се; зашто и во Филипи, благовествувајќи мир, иако со стапови луто си бил тепан и во темница окован фрлен, сепак таму, заедно со Сила, си Му пеел чудесни пофални и благодарствени песни на Бога, Кој им одговори на своите слуги со голем земјотрес, а со тоа темелите на затворската темница ги разниша и вратите се отворија. А ние, гледајќи те премудар, како мракот на темницата со светлината на Богопознавањето го осветлуваш и Христова слобода на затворениците им даваш, ти извикуваме вака:
Радувај се, Христов затворенику, бидејќи затворската темница во храм си ја претворил и со своите окови си ги разрешил луѓето од демонските синџири!
Радувај се силен, бидејќи слабостите на слабите си ги понел, сакајќи да им угодиш на блиските, а не себеси!
Радувај се прекрасен, бидејќи со синџирите и неволјите си се фалел, и си ги поучувал луѓето да се радуваат со радосните и да плачат со уплаканите!
Радувај се, ти си умрел за гревот, но секогаш си жив за Бога, бидејќи тебе Христос ти е живот, а смртта добивка!
Радувај се, примеру на неуморно залагање, кој она што поминало го заборава, а се стреми кон она што е напред и со сиот разум трча кон почеста на небесниот позив!
Радувајте се Петар и Павле, бидејќи маченички Му послуживте на Господа се до смртта, и со неа како со венец својот подвиг го овенчавте!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Кондак 9
Сите кон Христа приведувајќи ги, славен апостоле Павле, ти во Атина, на оние кои се сметаа себе си за мудри, им објави мудрост што слегува одозгора, за да можат тие, кои за ништожни работи дотогаш знаеа,  да Го препознаат непознатиот им Бог и да Го допрат, бидејќи во Него живееме и се движиме и во Него сме. Затоа и ние, по неискажаната благодат примајќи го познавањето на вистината, и со срцето вистински осетувајќи дека Господ е благ, Му пееме Нему со цврста вера, како онаа од Тома со прст допрена: Алилуја !
 
Икос 9

Човечкиот јазик не можеше да зборува кога Господ на Силите им ги миеше нозете на слугите Свои и со крпа ги бришеше. А ти Петар, иако вака повика обземен од страв: Господи, никогаш Ти нема да ми ги измиеш моите нозе, - веднаш потоа се претвори во послушност, кога Господ ти рече: Ако не те измијам немаш удел со мене. И со сето срце си извикал: Господе не само нозете мои, туку и  рацете и главата! Ние пак, знаејќи дека со тоа како злато во оган си се очистувал и со смирение до послушност си се воздигнувал, се поклонуваме на таинствената Божја промисла и со смирено срце извикуваме вака:
Радувај се Петре, орлови очи со кои Сонцето на правдата, Христос Бог, си Го гледал како Јудините нозе ги мие, и како овој потоа, со лукав бакнеж Го издава!
Радувај се, ти твојата душа засекогаш си ја подарил на Христа бидејќи како јагне следејќи го Невиното Јагне, до колењето свое верноста си ја сочувал!
Радувај се  неугаслив жару, непрестано распламтуван со божествената љубов од небесниот жртвеник!
Радувај се светилнику кој гориш и светиш, со светлоста на правдата осветлувајќи поколенија и поколенија!
Радувај се богат грозду на Христовата лоза, за радост на многутажниот свет однегуван!
Радувајте се Петре и Павле, бидејќи Христа Бога во себе верно го оформивте!
Радувајте се, свети и првоврховни апостоли Петре и Павле!
 
Кондак 10
Неиспитливото пространство на спасението во Христа, и огромната сила на покајанието се покажа во тебе, Петре, кога, по претскажувањето, трипати се одрекна од Господа: "Не го познавам тој човек!" - кога се колнеше и преколнуваше во дворот на свештеничкиот поглавар; но веднаш потоа, спомнувајќи си за Исусовите зборови, потрча надвор и горко плачеше. А ние, со умиление гледајќи на овој пресветол пример на скрушеност кој ни е подарен за поука и изобличување на скаменетите наши срца, Му пееме на Господа, Кој пак прекрасно те возвеличил : Алилуја!
Икос 10
Тврдина и непобедливо оружје беше, Павле, против управителите на темнината на овој свет, бидејќи ти го разурна нивното царство во Коринт, Ефес и дугите градови на вселената, одгонувајќи ја темнината на многубоштвата и утврдувајќи го познавањето на вистината, бидејќи вистински си се покажал како Божји слуга во многу трпеливост, во неволјите, во бедите, во тешкотиите, во раните, во темниците, во буните, во трудовите, во неспиењето, во постот, така што ни нашиот ум не е во состојба да го искаже богатството на добрината твоја и деноноќните подвизи со многу солзи. Поради тоа, гледајќи го морето на твојата љубов, ние смело молиме: услиши не нас, бедните, кои со грешните свои усти го зборуваме ова:
Радувај се непобедлив благовеснику, кој си умрел за гревот, бидејќи најпрво победувајќи го во себе стариот човек, ти си се сораспнал со Христа!
Радувај се многуплоден учителу и  на грабливите волци разобличувачу, бидејќи преку себе на верните им покажа пример, секогаш стражарејќи и поучувајќи не  двоструко: со зборовите и со животот воден според зборовите!
Радувај се обогатувачу на сите, бидејќи постанувајќи сиромашен и немајќи ништо - ти се си имал!
Радувај се огнен ревнителу за Христијаните, кој ги посврши за Христа како чиста девојка, беспрекорна невеста!
Радувај се многунапатено срце, ти во страшни маки беше поради децата свои, додека во нив не се вообличи Христос!
Радувајте се Павле и Петре - единка сложна во духот, зашто во ист град верноста кон Христа ја запечативте со крв!
Радувајте се свети првоврховни апостоли Петре и Павле!
 
Кондак 11
Праведно е да се опеваат и возвеличуваат оковите и страдањата твои Павле многустрадален, бидејќи оковите, предскажани од пророкот Агава ги прими не само со големо трпение туку и со радост, и тоа на Кесариската Црква и го потврди со овие свои зборови: Јас не само што сакам да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим готов сум за името на Господа Исуса. Нему, прекрасниот во Светиите Свои, и ние Му пееме песна: Алилуја!
 
Икос 11
Со светлоста на неискажаната радост и со божествената љубов беше осветлен ти - Богокрасен Петар, кога Господ, по воскреснувањето Свое ти се јави тебе пред  останатите апостоли. И после тоа, пак јавувајќи се, Господарот на животот те праша три пати:  Симоне Јонин, Ме сакаш ли ? А ти, од огнот  на боженствената љубов распламтен, топло одговараше : Господи, Ти знаеш дека Те сакам. Поради тоа и ние, осиромашени во духот, спомнувајќи си за потокот на твоите солзи и твојата љубов, поради која Господ повторно те повика во поранешното апостолско звание, побожно ти извикуваме:
Радувај се учителу на покајанието, бидејќи со горчливи солзи ја здоби висината на смирението и од Оној Кој од гроб воскресна беше за навек воведен во неискажливата радост!
Радувај се премудра длабочино, смиреноумна височино, пламену на љубовта; ти на сите  верници си им покажал пример на живот!
Радувај се пријателу на Господа Исуса; ти јаремот на благовестието со голема ревност си го носел, над наследствата Божји не си сакал да владееш, а си се научил на послушност кон властите!
Радувај се апостоле Христов, зашто змиската мудрост и гулабовата чистота во себе си ги обединил и со твојата смрт на крстот крајна смиреност си покажал!
Радувај се верен Господов слуго, бидејќи дадениот талант си го умножил и во Господовата радост си влегол!
Радувајте се Петар и Павле, бидејќи вашите срца со љубов цел свет во себе го сместија и сите краеви на вселената ги просветија!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Кондак 12
Благодатта на Духот Утешител која во вид на огнени јазици се излеа врз главите на верните, веднаш се изли од устата твоја со огнени зборови, боговдахновен Павле, за да го благовестиш со голема сила Христа распнатиот, не само на изгубените овци од израилевиот дом, туку и на безплодната црква на незнабожците, за и таа да Му донесе плод на Бога: бесмртен крин на чистота и покајание.  Измоли и за нас, блажен апостоле, милост од Господа, Кој преку тебе врши големи и прекрасни дела, со раката твоја воскреснувајќи мртви и со твојата смрт на крстот разгорувајќи ја нашата замрена љубов, за непрестано да Му пееме : Алилуја!
 
Икос 12
Славејќи го твојот прекрасен спомен Богомудар Павле, ние со право ги величаме неискажаните подвизи, страдањата и трудовите кои си ги поднел во бдеења, во глад и жед, во пост, во зими, во голотии. Зашто, кој ќе ги наброи раните, тагите и неволјите твои во градовите, во пустините, на морето, опасностите од разбојници, опасностите од сродници, опасностите од незнабожци и лажни браќа? Кој е сличен на тебе? Си се потрудил повеќе од сите апостоли. Затоа те молиме: Не гневи се на нас грешните кои ти се молиме, туку како што си бил на сите се, така и сега услиши  го ова што со немоќни гласови ти го принесуваме:
Радувај се Христов затворенику, бидејќи со зборовите и посланијата од затворската темницата светлост си раширил и во окови многу си се потрудил, зашто Божјото Слово навистина не се врзува!
Радувај се неиспитано пространство на љубовта, бидејќи искрено си сакал заради браќата твои да бидеш одлачен од Христа!
Радувај се прекрасен подвижнику, бидејќи со добар подвиг си се подвизувал, патувањето си го завршил и со својата крв Црквата си ја украсил!
Радувај се, ти излеваш море на чудеса, бидејќи твоите крпи и убруси твои болести лечеа и ѓаволи изгонуваа!
Радувај се нераздвоен заедничару во Божјата љубов; ти за небесното мислиш, а не за земното затоа и си посакал од телото да се ослободиш и со Христос да бидеш!
Радувајте се Павле и Петре, засадители на Христовата вера, напојувачи со вода на побожност и водачи со вера кон вечното пристаниште!
Радувајте се, свети првоврховни апостоли Петар и Павле!
 
Кондак 13
О, преславни благовесници Петар и Павле, молејќи се за нас, слушнете ги воздишките на нашите срца, бидејќи молитвата на праведните може многу пред Бога. Побрзајте и сега да не потсетите на небесниот позив и на христијанскиот крај на нашиот живот; привлечете не кон убавината на Евангелската вистина; Заврзете не со јаремот на Христовата љубов, та сите, одрекувајќи се од беззаконијата и светските желби, да влеземе во радоста на нашиот Господ, пееќи Му со Ангелите и со соборот на Светиите: Алилуја!
(овој кондак се чита три пати, а потоа Икос 1 и Кондак 1)


 
МОЛИТВА КОН СВЕТИТЕ  ПРВОВРХОВНИ АПОСТОЛИ ПЕТАР И ПАВЛЕ


 О, преславни апостоли Петар и Павле, вие целиот евангелиски пат од земјата  до небото незадржувајќи се сте го поминале, бидејќи на него не можеше да ве запре, ниту да ве принуди од него да скршнете: никаква неволја, никаква мака, никаква, тага, никакво патење, никакво старадање, никакво гонење, никаква закана, никаква опасност, никаков страв, никаков меч, никаково мачење, никаква смрт. Помогнете ни и нам, грешните, тој свет пат без препреки да го поминеме и да влеземе во Царството Небесно. Заради Господа Христа вие се сте оставиле, но затоа Него сте Го добиле; Него - единствениот Бог на небото и земјата, а со Него и сите Негови богатства : вечната Божја вистина, вечната Божја правда, вечната Божја љубов, вечниот Божествен живот. Поделете ни и нам, грешните, по некоја трошка од Неговата Божја вистина, од Неговата Божја правда, од Неговата Божја љубов , од Неговиот Божествен живот, па и од нас, безобзирните, да побегне секоја лага, секоја неправда, секоја омраза, секоја злоба, секоја пакост, секоја гордост, секоја алчност, секој гнев, секој јад, секоја завист, секоја лукавост, секоја страст, секое зло, секој грев, секоја смрт, секој ѓавол, секој пекол.
Херувимски неболетни Првоапостоли, вие со своето Евангелие ни објавивте прекрасна благовест: дека нашето живеење е на небесата. О, погледајте од небото кон нас: еве, ние се валкаме во блатото на нашите гревови и се давиме во калта на нашите страсти, - ве молиме, испружете ни ги милостиво светите раце свои, извадете не од смрдеата наша, и поведете не од земјата кон небото; измолете за нас од Господа Евангелско покајание, Евангелска љубов, Евангелска молитва, Евангелски пост, Евангелска смиреност, Евангелска добрина, Евангелска милост, Евангелско трпение, сите добродетели на Евангелието, за да тие насочени кон небото добродетели, преку боженствена сила што е во нив, ги пренесат нашите души од земјата на небото, па ние, иако со телото на земјата,  со душата на небото да живееме. Ние знаеме, ние чувствуваме: секој наш грев е воденички камен околу вратотот на нашите души  и со својата тежина постојано не влече надолу и ќе не одвлече во вечното царство на гревот  - пеколот, ако вие, о свети Првоапостоли, не ни дојдете на помош и не не ослободите од гревовите наши, воденичките камења наши, кои не потапчуваат во темнина, во мрак, во духовна смрт.
О, на Богот на љубовта семилостиви Апостоли : научете не да се молиме - за спасение на нашите души; научете не да постиме - за спасение на нашите души научете не да љубиме - за спасение на нашите души; научете не евангелски да живееме и евангелски да умираме, та ниеден од нас да не живее за себе и да не умира за себе, туку да живееме за Господа и  да умираме за Господа, за да би се удостоиле со вечен живот во Небесното Негово Царство, и така и на нас да се исполни вашата Евангелска вистина, свети Првоапостоли : Ако живееме, ако умираме - Господови сме.
О, преголеми благовесници на Спасителот, вие не научивте на Евангелската вистина: дека нашиот човечки живот на земјата е само подготовка за вечниот живот на небото. Затоа ве молиме од сета душа: подарете ни ги сите божествени сили кои ни се потребни за побожен живот на земјата и за вечен живот на небото. Подарете ни вера: во неа е силата на љубовта; подарете ни љубов, во неа е силата на надежта; подарете ни надеж, во неа е силата на молитвата; подарете ни молитва: во неа е силата на постот; подарете ни пост: во него е силата на трпението; подарете ни трпение, па тоа во нас нека го доврши делото на светата вера и сите свети  способности, за да можеме во овој и во оној свет радосно и сесрдно да живееме за Господа Исуса - вечната наша надеж, вечната љубов наша, вечната наша радост, вечниот живот наш.
О, богомудри Првоапостоли, вие свети и непогрешливи водачи и раководители наши, ве молиме и ве преколнуваме: Водете не и раководете не низ овој свет и овој живот, со сесветата и сепросветителна ваша благодат живеејќи во нас, молејќи се во нас, љубејќи во нас, постејќи во нас, мислејќи за нас, чуствувајќи во нас, делувајќи во нас, извршувајќи ги евангелските заповеди во нас, и така нас, многугрешните, немоќните и слабите, воведете не во Царството Небесно, за да можеме и овде и таму со сето срце, со сета душа, со сета мисла, со сета сила своја вечно да Му служиме на чудесниот и чудотворен Господ и Спасител наш - Исус Христос, Кому нека е и од нас, преку вас, секаква пофалба, чест и слава, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.

Извор: www.mpc-svpetka.com  (Акатисти и Канони)
Ако на горенаведената страница случајно ви излегува кодиран текст, проверете дали вашиот интернет пребарувач е подесен да декодира текст со UTF-8 фонтот.

  Македонска Православна Црква „Св. Параскева - Петка“
2056 N Kedzie Ave, Chicago, IL 60647ж