Еден ден малиот Иван се враќаше дома од училиште. На прагот од куќата го сретна татко му, кој беше безбожник (атеист), па го запраша:

Кажи ми, дете, што те учеше денес отецот вероучител ?

Што ме учеше ? … Отецот вероучител ме учеше дека постои Еден Бог во Три Лица.

А, зарем не ви кажа дека Отецот не е постар од Синот, ниту пак Синот помлад од Отецот ?

Да, така ни рече мил тато – одговори Иван.

О, сине мој, каква глупост е тоа – одговори таткото атеист – Погледни сине, не сум ли јас твој татко ?

Да тато – одговори детето.

Ете, гледаш ли дете мое, ако сум јас твој татко, мора да бидам постар од тебе. Нели е така ?

Така е драг тато. Ти си постар од мене како човек, но, како татко ти не си постар од мене, бидејќи во оној момент и час кога ти стана мој татко јас станав твој син. Затоа, тоа што е Небесниот Отец од пред вековите, и Синот мора да биде од пред вековите.

Безбожниот татко ја наведна главата, се замисли и од тогаш не се осмели да го праша своето дете, што го научил вероучителот во училиштето.

„Духовни поуки“ – владика Николај

 

Извор:

МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ