Некој богат човек и неговиот син биле големи колекционери на ретки уметнички предмети. Кога започнала војната, синот отишол во војска. Тој се покажал како храбар и бестрашен војник и загинал, спасувајки некој друг војник. На таткото му кажале дека го загубил синот и тој многу тагувал поради тоа. После речиси еден месец, точно пред Божик, некој му тропнал на врата. Пред вратата стоел млад човек со голем пакет во раце. Тој му рекол:

– Господине, Вие не ме познавате, но јас сум војникот, поради кој Вашиот син го даде својот живот. Тој ден тој спаси многумина. Додека Вашиот син ме носеше на раце, куршум му го пронижа срцето и тој веднаш почина. Тој често ми раскажуваше за Вас и за Вашата љубов кон уметноста.

Со овие зборови младиот човек му го подал пакетот:

– Знам дека ово не е ништо, зашто јас не сум голем уметник, но мислам дека Вашиот син би сакал Вие да го имате ова.

Таткото го отворил пакетот. Тоа било портрет на неговиот син, насликан од младиот војник. Таткото многу се возбудил поради таа прецизност, со која војникот ги насликал цртите на лицето од неговиот син. Очите на младиот човек, кој бил нацртан на сликата, толку силно го трогнале, што тој не можел да ги сокрие солзите. Многу му се заблагодарил на војникот и му предложил пари за сликата.

– О, не, господине, јас никогаш не можам да се оддолжам за онаа жртва што ја направи Вашиот син. Ова е подарок.

Таткото ја закачил сликата во ходникот. И секогаш кога му доаѓале гости, тој најпрвин им го покажувал портретот на синот, а потоа и сите други слики.

По неколку месеци богатиот човек починал. После неговата смрт, сите негови слики биле ставени на аукција. На аукцијата се собрале многу луѓе, меѓу кои имало многу познати и влијателни лица. За нив тоа била одлична шанса да ги добијат вредните слики. На платформата била изложена сликата на која бил изобразен синот. Водителот на аукцијата удрил со својот чекан.

– Аукцијата ја започнуваме со слика која се вика “Син“. Кој ќе даде понуда за оваа слика?

Во салата настапила тишина. По извесно време од крајот на салата се слушнал некаков глас:

– Ние сакаме да ги видеме познатите слики, пропуштете ја оваа слика.

Но водителот и понатаму настојувал:

– Кој ќе понуди цена за сликата?

Се слушнал и друг, нервозен глас:

– Ние сакаме да ги видеме сликите на Ван Гог, на Рембрант. Нам ни треба вистинската уметност!

Меѓутоа водителот на аукцијата настојувал на својата понуда:

– “Син“! “Син“! Кој ќе го земе “Синот“?

Конечно, од последниот ред на салата се слушнал глас. Тоа бил градинарот, кој многу години му служел на богатиот човек и на неговиот син.

– Јас ќе дадам десет долари за ова слика.

Градинарот бил сиромав и тоа било се што тој можел да понуди.

– Прва понуда за сликата во износ од десет долари, кој ќе понуди дваесет? – објави водителот.

– Дајте му ја за десет долари. Ние сакаме да ги видиме ремек-делата!

-Имаме предлог за десет долари, дали некој ќе предложи дваесет?

Присутните почнале да се вознемируваат и да покажуваат незадоволство. Тие не ја сакале сликата “Син“, планирале многу попрофитабилно инвестирање на својот капитал.

Водителот удрил со чеканот:

– Десет долари – еднаш, десет долари – два пати, десет долари – три пати. Продадено за десет долари!

Човекот од вториот ред на салата извикал:

– А сега дајте ни ја вистинската колекција!

Водителот го оставил својот чекан и рекол:

– Мене ми е жал, но аукцијата е завршена.

– Како! А останатите слики?

– Се извинувам, но кога ме викнаа да ја водам аукцијата, ми кажаа за тајната наредба на сопственикот на колекцијата, но се до сега јас не можев да ја соопштам последната волја на сопственикот. Само сликата “Син“ требаше да биде ставена на аукција. Оној кој ќе ја купи оваа слика, тој треба да го добие во наследство целиот имот и целата колекцијата на сликите.

Човекот, кој го купил “Синот“, тој добил се!

 

Извор: Бигорски манастир

 

Друго: