Врапчето

 

Две малечки сестрички ја слушнаа библиската приказна за протерувањето на Адам и Ева од рајот и му рекоа на својот татко:
– Тато, да бевме јас и Елена во рајот, никако немаше да го изедеме плодот од дрвото на познанието на доброто и злото. Господ им забранил да го допираат тоа дрво, нели, тато?
– Така е, – се насмеа таткото и ги одведе децата на спиење.
Утредента таткото станал најрано од сите, фатил врапче во дворот и го ставил во метално тенџере. Кога девојчињата станаа, тој им покажа тенџерето и им рече:
– Ве молам, немојте да го подигате капакот од ова тенџере додека не се вратам од работа. Кога ќе се вратам, тогаш сам ќе ви го покажам изненадувањето што е внатре. Ако бидете послушни, ќе ви купам нова играчка.
Таткото и мајката отидоа на работа, а децата останаа дома сами. Со сите свои сили тие се трудеа да ги тргнат мислите од тенџерето. Веќе ги изиграа сите игри што ги знаеја, но пустата љубопитност не им даваше мир – многу сакаа да погледнат што има во тенџерето. Најпосле, постара сестричка Марија ја наговори Елена, која сеуште се плашеше дека тато ќе ги кара, да погледнат во тенџерчето.
– Ние само со едно око ќе ѕирнеме внатре и веднаш ќе го затвориме капакот. – и рече таа. Тато нема ни да дознае.
Но само што Елена го поткрена капакот, врапчето веднаш излета надвор и избега низ прозорецот.
Исплашени девојчињата го затворија празното тенџере. Вечерта се врати таткото и кога забележа дека тенџерчето е празно, им рече на своите ќеркички:
– И сега, мои малечки Еви, – не издржавте, го пуштивте пиленцето. Исто така ни Ева не издржа а да го не проба плодот на разликување на доброто и злото.
– Тато, а какво дрво било тоа, и зошто од него не можело да се јаде, – го праша Марија.
– Дрвото било обично, и плодовите биле вкусни за јадење, но нарушувајќи ја забраната на Бог, првите луѓе по своја волја го избрале злото, наместо доброто, затоа што секое зло почнува од непослушание, а од послушанието се излегува на добро. Врапчето, денес, беше за вас исто како плодот од дрвото на разликување на доброто и злото, и вие, исто како Адам и Ева, не послушавте. Тестот на Адам и Ева се покажа и над вашите сили.

 

 

Приказна за малиот Лазар

 

Во еден мал град живееше момче по име Лазар, кое секое утро, точно во 7 часот доаѓаше пред црквата. Штом ќе се отвореа црковните врати, Лазар трчаше до олтарот, се прекрстуваше, стоеше така момент или два, па ќе се свртеше и отрчуваше во училиштето.
Еднаш старешината на црквата го праша Лазар како се моли и каква молитва користи. Лазар рече дека тој само вели:
– Добро утро Исусе Христе, дојдов да Те видам.
– И тоа е се? – праша свештеникот.
– Се! – одговори Лазар, и набрзина замина на училиште.
Момчето и понатака доаѓаше во црквата, кратко стоеше пред иконата Христова и потоа набрзина заминуваше.
Но еден ден тоa не дојде. Истото се случи и следниот ден… и така со денови. Свештеникот се загрижи за Лазар, па отиде да го побара во неговото училиште. Таму му кажаа дека Лазар доживеал сообраќајна несреќа и дека лежи во болница со многу тешки повреди. Свештеникот се упати во болницата, каде дежурната сестра му рече дека Лазар е во одделението за трауматологија. Потоа му раскажа дека сите во бoлницата се многу зачудени бидејќи и покрај тешките повреди и силните болки, Лазар е весел и го развеселува целото одделение, во кое инаку лежат најтешко болните.
Кога свештеникот влезе, беше зачуден колкава е радоста во таа соба, и покрај болките кои очигледно сите ги чувствуваа. Лазар весело се насмеа и го поздрави збунетиот свештеник.
За време на разговорот свештеникот го праша:
– Лазаре, на што се радуваш толку?
– На Исуса Христа! – одговори Лазар.
– Како тоа, па ти повеќе не доаќаш во црквата, не се молиш пред иконата на Господ наш Исус Христос? – праша свештеникот.
– Да – одговори момчето смеејќи се, – но сега Исус Христос секое утро доаѓа кај мене и ми вели: ДОБРО УТРО ЛАЗАРЕ, ДОЈДОВ ДА ТЕ ВИДАМ.

Кога свештеникот го слушна тоа, се му стана јасно, и повеќе ништо не прашуваше. Се радуваше заедно со Лазар.

 

Штурец и монета 

Во една прилика, некој човек го повикал својот пријател индијанец, на гости во голем град.
Го повел со себе во разгледување на градот и додека шетале, индијанецот одеднаш рекол: „Слушам штурче! “
„Невозможно е, во толкав метеж од брмчењето на автомобилите и гужвата, ти да го чуеш штурецот“ , му рекол пријателот. „Невозможно!“.
Индијанецот се наведнал, ја поткренал грмушката и му го покажал штурчето.
„Но, како?“ запрашал неговиот пријател.
Индијанецот побарал една монета и ја испуштил на тротоарот. Монетата заѕвечкала! Минувачите застанале и се свртеле накај местото, од каде што доаѓал звукот на паднатата монета.
„Она што си научил да го слушаш, ќе го чуеш…каков и да е метежот, каде и да си“ одговорил Индијанецот.
„Гледаш, овие луѓе во метежот ја слушнаа монетата, а јас го слушнав штурчето.“

 

 Глинени грниња

 Еден монах дошол кај својот духовник и му рекол:
– Оче, колку пати, еве, доаѓам кај тебе, се кајам за гревовите, колку пати ти ме поучуваше со своите совети, но, јас, не можам да се поправам. Каква полза имам од тоа што доаѓам кај тебе, ако после сите наши разговори, јас повторно паѓам во своите гревови?
Аввата му одговори:
– Синко мој, земи две глинени грниња – едно со мед, а другото празно.
Ученикот така направил.
– Сега, сине, погледни во празното грне и помирисај.
Ученикот го погледнал и помирисал грнето и рекол:
– Оче, празното грне мириса на мед и таму на дното има останато малку од густиот мед.
– Ете така, – му рекол старецот, – и моите поуки остануваат во твојата душа. Ако ти, поради Христа, прифатиш во својот живот макар и само дел од добродетелите, тогаш Господ, по својата милост, ќе го пополни тоа што недостасува и ќе ја спаси твојата душа за живот во рајот. Ни домаќинката не става бибер во она грне што мириса на мед. Така, ни Бог нема да те отфрли, ако ги сочуваш во својата душа барем зачетокот и семето на праведноста.

Бог е необјаснив

 

Уште пред Раѓањето Христово, во Сицилија живеел некој владетел по име Гиерон. Тој имал многу мудреци во својот дворец, но со својата мудрост особено се истакнувал неговиот советник Симонид.
Еднаш Гиерон му рекол на Симонид:
– Симонид! Напрегни ја твојата мудрост и објасни ми што е тоа Бог?
– Ми постави многу тешко прашање, владетелу, – му одговорил мудрецот. – Дај ми неколку дена да поразмислам.
– Добро. – се согласил Гиерон.
Поминале два дена и Симонид дошол кај царот, но наместо да одговори, го замолил за уште четири дена да размисли за одговорот. Поминале и тие четири дена, а Симонид го замолил царот за уште едно одлагање.
– Дај ми, владетелу, уште осум дена за размислување.
Гиерон се намуртил.
– Мора да се шегуваш, Симонид. Изгледа наскоро ќе почнеш да бараш прво шеснаесет дена за размислување, па потоа триесет, па триесет и два. Кога конечно ќе ми дадеш одговор?
– Сосема си во право, владетелу, – смирено му одговорил Симонид. – Ќе поминеа и осум дена, а јас ќе те замолев за шеснаесет, потоа за триесет и два, па дури и за шеесет и четири и така натаму. А што се однесува до прашањето, сметам дека веќе ти го одговорив.
– Како тоа! – се зачудил Гиерон. – Ти ништо не ми кажа за Бог, туку само ме молеше да ти дадам уште денови за размислување.
– Токму тоа е мојот одговор, – му рече мудрецот. – На твоето прашање, владетелу, никој не би можел да ти одговори. Колку повеќе размислуваш за него, толку појасно ти станува дека треба да молиш за уште повеќе денови. Ово прашање е како планина. Ја гледаш од далеку – и таа ти изгледа како нешто огормно, а колку повеќе се доближуваш, толку повеке таа почнува да расне пред тебе и ти се чувствуваш толку мал и беден. И кога една обична планина не можеш да ја опфатиш или покриеш со рака, како ти, владетелу, сакаш со ум да го опфатиш Оној, Кој и човекот и таа планина ги создал.
Ги разбрал Гиерон зборовите на Симонид, со стравопочит ги подигнал своите очи кон небото и прошепотел:
– Да, Бог е необјаснив!

 

Двата волци

 


Некогаш одамна едно старче му открил на своето чедо една животна вистина:

– Во секој човек се води војна, која многу личи на борба меѓу два волци. Еден од волците го претставува злото: завистта, љубомората, очај, егоизмот, амбициите, лагата. А другиот волк го представува доброто: мирот, љубовта, надежта, правдата, добротата и верноста.

Зборовите на старецот го допреле чедото до самото срце и размислувајќи за тоа, тој го прашал:

– А кој од волците победува на крај?

Старчето се насмеало и одговорило:

– Секогаш победува тој волк, кого повеќе го храниш.

 

 

 

 

 

 

 Извор: Бигорски манастир

Лето Господово 2019