„А дали може да се оспори оваа наша вера? Зашто ако не прилега Бог да се всели во човечко тело, тогаш уште помалку прилега да влезе во некој камен или дрво, дотолку повеќе што дрвото е далеку помалку вредно од човекот, освен ако тие не веруваат дека нашата човечка природа е полоша од тие нешта, кои немаат ниту чувства.

Тие се осмелуваат суштината Божја да ја стават во животни и кучиња, а многу еретици во нешто што и од нив е побесчесно. Ние, пак, ништо слично не проповедаме, ниту пак такво нешто сакаме да слушаме, туку учиме дека Христос од девствената утроба прими тело чисто, свето и непорочно и ниту на еден грев подложно, и дека со тоа го спаси целото создание. И не се ужасуваат ниту се срамат незнабожците, а со нив ни оние кои во злочестивоста манихејска се наоѓаат, тогаш кога ја ставаат суштината Божја во кучиња, и мајмуни, и во други ѕверови, зашто мудруваат дека душите на животните произлегуваат од Божествената суштина, а тврдат дека ние проповедаме нешто што е неприлично за Бога, иако ние ниту помислуваме на тоа, туку тврдиме дека Божеството, го спаси своето создание токму со доаѓањето на Синот Божји во тело.“ (Извадок)

 

 

 1ви јануари 2019 лето Господово