Горан Трајкоски е македонски композитор на театарска и филмска музика, инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор на групите „Падот на Византија“ и „Анастасија“. Бил соработник на повеќе дискографски изданија и настапувал со групи и музичари како „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александар Велјанов, Deine Lakaien и Mooger Fooger. Студирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а музички се образовал во школата на Пеце Атанасовски. Соработувал и со фолклорни уметници како Вања Лазарова и Никола Цветковски, а со македонското и традиционалното источно црковно пеење се запознал под менторство на отец Стефан Санџакоски. Компонирал музика за повеќе од осумдесет театарски претстави и филмови во Македонија и во странство, а денес работи како музички соработник во Македонскиот народен театар.

ЗБОРОВИ, ЗБОРОВИ...

Тивко е и студено. Во очите и околу срцата.
Само беззаконието е живо, разиграно и „насмеано“ – сеприсутно и камуфлирано во одеждите на секојдневието. Повиено во пелените на навиките, закрилено со топлината на „традицијата“, запакувано во тренди амбалажата на модерноста и напредокот, и како такво е нацуцулено на големите билборди на најфреквентните точки од метрополите-некрополите. Го гледам како се множи, чувствувам како се мултиплицира, како се шири со незапирливи бранови. Сè е навидум така мирно, нормално, секојдневно и речиси незабележително.
На грев навикнати, навлечени, со болка од гордост во одежди сме облечени. Оддалечени...
И така, беззаконијата се намножија, а ете, и љубовта се олади.
Гледам, и тоа не е ништо туѓо, необично, како стара наследена традиција, одобрена и спроведена со премолчeн и спонтан вековен консензус – „едномислие за восхит“. Со толку длабок корен, невидлив, а татни од под земја со траорна сила на домашен пагански бог – тиранин. Чиниш поколенија наназад е одомаќинет, влезен во навика, под кожа, ниту заборавен, ниту пак, исповедан, а тука е како сенка, како хероинска зависност. Човекот е суштество кое се навикнува на сè, и мислам дека тоа е неговата најточна дефиниција, запишал големиот писател и скенер на човечките души во своите забелешки за книгата „Мртви души“.
Беззаконието е нашата пофалба. Еве го и во моите дворови неизметени, во моето од страсти неисчистено срце. Буди сомилосна допадливост, мами насмевка наместо презир во мене.
Зборови, зборови без дела, како нашите градови без села, без темел и без покрив.
Но Царството Божјо не е во зборови, туку во силата.
Што сакате? „Со стап ли да дојдам при вас, или со љубов и кроток дух?“  – грмнал гласот апостолски уште пред два милениума, праќајќи ни порака низ времето. Како ли знаел дека сме токму такви сега, во овој миг.
Тажна мелодија се лелее низ воздухот, а ние, номиналните, ние кои сме само бројка во и онака лажниот попис на бесмислата, зјапаме со усти отворени. Заличуваме на неми, безгласни риби. Нашите зборови немаат сила да покренат дејствие, нашите думи не глаголат.
Со кои зборови да Те пофалам Тебе, Беспочетниот!? Со истите ли оние со кои пред малку го понижив ближниот свој!? Кои се тие зборови досега неизречени, неизвалкани? Зарем со истата оваа уста не блуев навреди груби кон оние што ме ненавидеа? Да, се најдов сред вкрстен оган од призми, сред топовски салви од зборови груби, со лицето го „љубев малтерот на ѕидот“, а со што, пак, јас им возвратив? Бев ли поинаков? Бев ли подобар од нив? Бев ли светлина на светот?  „Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив.“  И дали и Тој им возврати со иста мерка на оние што Го распнуваа, а имаше сила од ангелски легиони со пустош на злото да им врати?
Зборови, зборови како пусти дворови, празни, со врати затворени.
Оти, му ги отворивме само вратите на срамот, кој влезе во голема слава со тапани и зурли. А, ние не го препознавме и со веселба го пречекавме. Веселба со лажна радост, без вознес и торжество, онаа лажна среќа без сретение, по која веднаш штом светлата ќе се изгаснат, остава само празнина и униние. Срам крунисан со златна круна и востоличен на тронот на лажното земно спасение.
Беззаконието слави – а слабостите мои се мојата единствена пофалба.
И, како што секое наше восприемање на реалноста е релативно, условено и во зависност од стихиите на поднебесието сè до нашата средба со Вистината, така и нашиот возљубен апостол најпрво се веел на ветерот, бил шут а бодел, сè додека самата Светлина на светов не го просветлила однатре, најпрвин ничкосувајќи го на земја и земајќи му го надворешниот вид, за потоа да го добие видот внатрешен, Светлината на Осмиот Ден, и гласот на постојаното покајание кое вели:
„Како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но при секоја слобода, како секогаш, и сега ќе се возвеличи Христос во моето тело – било преку животот, било преку смртта.
Оти, за мене живот е Христос, а смртта – придобивка“ .

 1 Кор. 4, 21.
  Види: Матеј 5, 14.
  Лука 6, 32.

  Филип. 1, 20–21.

 Извор:

ПРЕМИН бр. 131/132

 22ри декември 2018 лето Господово

Друго: