Детско катче

ЗА ЉУБОВТА


Ако добро размислам, сè околу мене е поврзано со овој збор. Уште од првиот мајчински поглед и начинот на кој ме гледаше кога бев мал, до татковите поуки и семејната атмосфера која владее во нашиот дом – сè е поврзано со љубовта. Родителите уште од мал ме учеа да си ги сакам пријателите и соучениците… Се сеќавам, и уште се смеам на една случка од второ одделение, кога сакав да разделам две деца од осмо одделение кои се караа. Отидов и им реков дека не е добро да се караат и – за возврат добив еден шамар. Но, ова не ме запре да верувам, и понатаму, во љубов и хармонија.

Години минуваа; цело време бев опкружен со добрина и љубов. Иако понекогаш реалноста ми прикажуваше и не баш убави слики, јас сепак, одлучив да се водам според советот на Старец Паисиј: да бидам пчелка, а не мува. Да ги барам цвеќињата и поленот, и да собирам нектар, да имам силна вера и да се надевам дека сè ќе биде добро. И, така ми е убаво...

Ланската година учествував на литературен државен натпревар во Радовиш, со тема за љубовта. Напишав песничка и освоив прво место за најубаво напишана поезија. Со истата песна конкурирав и на натпревар во Србија, но таму не освоив ништо.

Секоја година учествувам и на општинскиот натпревар по уметничко рецитирање. А, оваа година решив да рецитирам од Посланието на светиот апостол Павле до Коринтјаните – За љубовта. Иако до натпреварот имав уште три цели месеци, јас почнав да ја учам песната, без да ѝ кажам на мојата наставничка по македонски јазик за мојот избор на песна што ќе ја рецитирам, мислејќи дека наставничката ќе се согласи, а и сигурно ќе ѝ се допадне. Натпреварот се ближеше.

На крајот од часот по македонски јазик, наставничката ме викна во канцеларијата. Знаев дека е нешто во врска со натпреварот, уште по насмевката на нејзиното лице и по пликото што стоеше на катедрата пред неа. Седев и гледав како го отвора пликото. Извади од него две ливчиња, едното ми го даде мене и ме праша: која песна ја подготвувам за рецитирање? Ѝ раскажав дека уште од мал таа песна ми се допаѓа и се решив за неа. Откако слушна, некако насмевката ѝ стана неприродна, не беше задоволна од тоа што го реков. Знаев дека многу работи ќе ме праша за песната – од „како стигна до неа?“ до „нели има некоја друга?“

По оваа не баш пријатна дебата ми позајми пенкало и ми рече да го пополнам ливчето за учество. На ливчето долу, под празното место за насловот на песната имаше место за името на авторот на песната. Напишав дека авторот на песната е светиот апостол Павле. Напишав и уште некои лични податоци за да можам да учествувам и ѝ го подадов ливчето на наставничката додека таа го разгледуваше листот со правила за учество.

Едно од наведените правила (ново правило) гласеше дека песната треба да се рецитира напамет, не како минатите години додека смеевме да читаме. Па, се родија нови прашања: „Да не е долга песната? Ќе ја запамтиш ли?“ Сите прашања од нејзина страна беа песимистички и како со цел полека да се откажам од песната. Бев упорен и таа го виде тоа, па рече дека ќе се договориме утре на час. Ѕвончето ѕвонеше, најавувајќи го почетокот на следниот час.  

Дома, по навика, на крајот од вечерата почнавме да разговаравме како секој го поминал својот ден и што придонел. Кога мама ме праша како беше денес и што направив со песната, тажно ѝ одговорив дека наставничката сака некоја друга песна, да не мешам вера. Тато, слушнувајќи, стана од столот и ми рече: „Или оваа песна ќе ја рецитираш, или на таков настап не се појавуваш!“ Потполно го сфатив, а и јас самиот сакав да се појавам со таа песна, иако знаев дека потоа ќе зборуваат за мене. На крајот си реков: „Господи, што биде, нека биде. И да не му се допадне на жирито, јас со друга песна не одам!“

Утредента наставничката ме праша што одлучив, а јас цврсто ѝ реков дека или одам со таа песна, или воопшто не се појавувам таму. За да не одам во поштата да го пратам пликото, наставничката ме пријави преку телефон и искористи можност да праша дали од друштвото се согласуваат и дали може да се учествува со таква песна, на што следеше краток одговор: „Ако не е навредлива за некого, зошто да не?“

По завршувањето на телефонскиот разговор, наставничката го спушти телефонот и ме погледна со истата таа насмевка со која ме погледна кога слушна со која песна сакам да учествувам на рецитирањето. Се согласивме со едно „добро“ и го чекавме денот кога ќе треба да се покажеме. Стигна и последното рецитирање, и проверување, и со надеж во Господ излеговме, упатувајќи се кон салата, во која останаа уште неколку вработени, кои ги правеа последните подготовки пред почнувањето на натпреварот.

Седнавме како и сите други и го чекавме започнувањето, со предговор одржан од некој од жирито. Почнаа да излегуваат деца (другари) на моја возраст, а и некои помали. Сите со своја песничка, која значела нешто за нив. Се редеа веќе 11-ти број, 12, 13... и 18. Јас. Си разменивме еден поглед со мама и излегов пред жирито, мало поклонување пред нив и почнав. Иако салата беше полна, пред очите ми беше само иконата на Мајката Божја заедно со Господ Исус Христос. Мислев, и навистина сето тоа го правев за Господ.

По завршувањето го повторив истото мало поклонување, момент на збунувачка пауза во големата тишина на салата и од некаде се слушна едно мало ракоплескање, кое за миг се претвори во громогласен аплауз. Прекрасно чувство, многу бев радосен, се вратив на своето место некаде меѓу толпата учесници и наставници што беа седнати, а аплаузот како да не стивнуваше.

Се изусти и последната песничка и стигна моментот што сите го чекаа. Тоа беше моментот кога некој од судиите ќе излезеше на истото место каде претходно се рецитираше и отворајќи го списокот на наградени ученици, ги повикуваше, еден по еден, за да му ја даде скромната награда што го означуваше трудот што ученикот го вложил за да стигне до тоа место. Момент кога ќе го слушнеш твоето име со наградените и ќе се израдуваш, или момент кога ќе ги прочитаат имињата на наградените деца, а твоето го нема.

Повеќето деца се знаевме, така што ништо не ни значеше дали ќе добиеме нешто или не. Сите ја делевме истата радост, а потоа си ги увидувавме грешките и си ги разменуваме песничките. Ете, тоа беше суштината на натпреварот меѓу децата – покрај рецитирањето, и радоста што ја делевме. Сепак, ќе се најдеше по некое дете кое тоа не го разбираше, но тоа не е важно.
Задолжениот наставник веќе почна да ги чита имињата, почнувајки од пофалените. Стигна до третото, па до второто место. Веќе почнав да губам надеж дека ме има, знаејќи дека повеќепати ги имаат изоставено училиштата од селата на вакви настапи.

„Оваа година, за првпат, доделуваме три први места!“ – оваа реченица ја кажа наставникот, кој бавно читаше за да нè држи во возбуда. Стара финта . Токму меѓу тие тројца бев и јас.
Како што нè повикаа, така се појавија три глави, секој на различна страна од салата, со мала збунетост дека стигнавме до првото место. Одејќи по примерот на постарите другарчиња кои стигнуваа до првото место, а ние ги гледавме, така беше и сега. Едно мошне долго ракување, како за пред камера, и доделување на наградите.

Мама, како и обично, се трудеше да не пушти некоја солза, но се гледаше дека не ѝ успева. Наставничката, која и самата не беше баш сигурна дали судиите ќе ја прифатат песната, сега многу се израдува и како што се вели – насмевката ѝ беше од едното уво до другото. Тато, кој беше на работа, ја прими убавата вест и ми рече дека љубовта е голема работа, и дека победник не сум јас, туку самата таа!
А, за мене најважно беше дека успеав да го рецитирам светиот апостол Павле, во полна сала со луѓе, од кои половината од нив воопшто и немаа слушнато за него и за Посланието за љубовта. Чудесно, нели!? Ама, тоа е светиот апостол Павле...

А, сега остануваат овие три работи:
верата, надежта и љубовта;
најголема меѓу нив е љубовта.

Лука Митев (14 год.)

Извор:

 

 

ПРЕМИН бр. 131/132

 22ри декември 2018 лето Господово

 

Друго: