Старица Гаврилија Папајанис (1897-1992)

– Сестро, за среќа, вие не сте се родиле како монахиња! Затоа што сте стекнале опит од човечкиот живот, поинаку, ако бевте станале уште од детството, тогаш би биле многу еднострани… Не знам, дали би имале таква можност, како што имате сега, да го преживувате секое човечко чувство и проблем, со какви што доаѓаат луѓето кај вас по совет.

– Да бев уште од младоста монахиња, тоа би значело, дека јас веќе би била совршена, да ме земел Бог веднаш на тоа ниво, така што да живеам во Неговата радост уште од четиринаесет години…

– Да, но вие им помагате на многумина во светот. Практично!

– Не е битно каде сум јас. Бидејќи, кога немаш можност практично или лично да му помогнеш на човекот, испрати му известување на Бога, – земи го тој човек, во мислите положи го пред нозете Христови, моли Го Он да му го даде Својот благослов, и тогаш ќе бидеш во ред. Тоа се случува постојано. Тоа го прават и монасите, кои живеат далеку од светот. Заминале, не затоа што не го сакаат светот, туку затоа што го сакаат светот, за да не прават ништо друго, освен тоа што се молат за него. Монасите се молат и постат – двете највисоки скалила на љубовта кон Бога. Нивната молитва станува бомба и очистува милиони хектари. Не само пустината, туку и половина свет. И ако денес светот стои на нозе, тоа е затоа што илјадници монаси се молат за него. Кога ќе ги земете и прочитате пустинските подвижници, тогаш ќе ги сфатите нивните мудри зборови… Каква простота, какво смирение… Како ништо да не направиле, а истовремено, останале вечни. Оној кој не знае, вели: „Ех, што прави монахот? Се моли? Глупости! Дела! Дела! Нам ни требаат дела!“ Но тие не се во право. Затоа што посилно дејство од дејството на молитвата нема. „Голема сила има молитвата“ – вели Писмото, а особено засилената. Бидејќи се покажува како сила, енергија. Гледаш, велат, и со молитва и вера може и планина да преместиш. Отец Лазар добро рече, дека планината што ја поместуваме со вера, тоа е нашата гордост… Планина! И ја фрламе во морето!

– Прекрасно, но како да ја фрлиме?

– Не прашувај, само со благодатта Божја. Кажи Му: „Господи, земи ја од мене гордоста“… Следниот ден Он ја започнува работата. Во секој случај, на крајот од краиштата доаѓаме до заклучок, дека никој од нас, не гледајќи на љубовта, не може да го измени другиот, ни да го посоветува, ни да повлијае на него. Сфаќаме, дека само преку молитвата можеме да помогнеме.  До овој заклучок дојде и сестрата Марија, која педесет години е отшелничка. „Се чувствувам – вели – многу поблизу до целиот свет, отколку кога одам по универзитетската улица…“

– Какви треба да бидат денес манастирите?

– Треба да бидат отворени. Нека ги отворат вратите на гостољубието, за да ги слушнат проблемите и тешкотиите. Тоа е голема помош, која може да ја даде христијанинот. Се сеќавам, кога бев во манастирот Нов Ерусалим, еднаш дојде една група луѓе, кои викаа и се влечеа еден со друг, се подбиваа, и не беа долично облечени. Јас ги видов од прозорецот. Затропаа на манастирската порта. Јас не излегов. По извесно време ги видов како си одат. Сега беа сосема поинакви. Молчаливи, замислени се спуштаа низ патеката. Излегов и ја прашав старицата: „Кои беа овие, кои дојдоа?“ – „Дојдоа некои луѓе, едниот раскопчан, другиот без кошула, третиот на кратки пантолони… Влегоа и викаа, и едниот од нив ми рече: ,Старицо, ќе нѐ примите ли вакви какви што сме?‘ – ,Манастирот не е мој. Тој е на Богородица‘ – им рекла таа. ,И тие влегоа‘“.

– Прекрасно.

– И продолжува. „И влегоа, полека полека почнаа да се доближуваат до светињите, палејќи свеќи. Ми рекоа: ,Многу ви е убав манастирот!‘ И кога си заминуваа им реков: ,Да бидете добри, чеда мои. Неговиот благослов да биде со вас‘. И тие си заминаа“. Знаете ли какво зло ќе направеше старицата, ако таа, гледајќи ги такви, им речеше: „Надвор од манастирот!“ Бидејќи, кога си одеа, јас ја видов разликата…

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 47

Извор:https://crkvaveles.wordpress.com/2018/12/07/monashtvo-gavrilija/?fbclid=IwAR2bKtUQkMT_qSBIQA391aFBSlKltbHOiTfRNBYg1zsc75WS0LITP04XwFc