Архимандрит Павлос Пападопулос

Кога срцето ни е подготвено за нешто, тоа ни дава сила. Знае што сака, знае што треба да направи.

Обично пречка за остварување на нешто ни е логиката, нашето знаење и страв. Нерешителноста е човечка особина. Таа особина влијае не само на плашливиот, но и на безбожниот. Човекот кој се предава на Бог, ризикува. Не се плаши од погибел, не е плашлив, не ја испитува несигурноста за наредниот ден. Се разбира, Бог ни дал разум, за да не правиме работи кои може да нѐ доведат до катастрофа. Со други зборови, да не велиме: „Јас верувам во Бог, Он ќе ми помогне…“ и да скокнеме без падобран од авион.

Но човекот кој верува во Бог, кој се предава на Бог, не се плаши. Многу луѓе додека живеат во лоното на Црквата, пројавуваат слабост, се колебаат пред да донесат решенија. Затоа многу пати таа своја обврска ја префрлаат на духовникот. А тоа е грешка. Човек може да побара совет од духовникот, но решение во животот треба сам да донесе: што сака да прави, за кого ќе се ожени, колку деца да има, или какви имиња да им даде итн.

Има многу луѓе кои сакаат да се оженат, но не го прават тоа (а како изговор кажуваат дека немаат пари или убава работа), сакаат да станат монаси, но не одат во манастир (како аргумент велат дека немале знак), сакаат да почнат свој бизнис, но не се осмелуваат. Сакаат нешто, но во пракса покажуваат дека не сакаат. Се кријат зад различни изговори. И тоа од една страна ги држи во „сигурност“ на недејствување, а од друга страна, таквиот живот реално се претвора во кал. Таквата нерешителност кај нив предизвикува и психички проблеми. Често пати се избувливи, нервозни. Паѓаат во депресија иако многу пати го мислат спротивното – дека тоа ги прави нерешителни.

Народот правилно вели: „Многу анализа води до парализа“. Од тоа страдаме. Божјиот човек ќе ги подреди работите на земјата, логички ќе размисли и ќе донесе решение, со Бога напред.

Многу луѓе постојано се жалат. Не се задоволни од животот, а причина за тоа е всушност таквата нерешителност. Кога знаеме, едно мислиме, друго кажуваме и осудуваме, трето чувствуваме, а четврто правиме. Е, затоа не ни е виновен животот, ниту другите!

Секој ја води својата битка и секој има право на избор. Подобро да преземеш некое решение, затоа што тој факт покажува дека не сакаш да си го оскверниш себеидолот.

Одлучи се на крај! Направи го и Бог знае. Помоли се, остави сѐ на Бог и тргни напред! Тој кој се колеба и лесните работи ги прима како тешки и неостварливи.

Како вели народот – „ако“, „може би“ и „но“ никој не го однеле никаде.

 

Превод: Свештеник Игор Пармачки

Православна светлина бр. 46

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/

15.09.2018 лето Господово