Архимандрит Хризостом Пападаки

Денес многумина се богатат на нечесен начин: Или преку крадење од некого, или преку кратење на платата на вработените, што е рамно на крадење, и потоа, стекнатиот имот (куќи, станови) бараат да им бидат осветени, мислејќи дека со тоа ќе им се прости гревот или уште подобро, би им се легализирал. Но, примерот кој следи ни дава јасно до знаење на сите, дека она што е украдено, не може да биде благословено, и поради тој грев, така стекнатиот имот не може да добие благослов Божји. Најдобро е да се покаеме и да го вратиме украденото, и да им даваме на оние кои живеат во сиромаштија, за да ни се прости гревот, и да го добиеме благословот Божји.

Еднаш преподобен Партениј се најде во Крусона, и таму еден овчар побара од него да го благослови неговото стадо од овци и кози. Старецот се согласи и отиде во мандрата, каде што беа собрани животните и со чудотворниот крст за благословување што го носеше секогаш со себе, го благослови стадото, кажувајќи разни молитви.

Овчарот, знаејќи дека старецот не јаде месо за да го нагости во својот дом, колејќи некое одживотните, му рече да одбере некое од животните, коза или овца, за да мудонесе малку млеко. Преподобниот прифати и му рече:

Да, со задоволство би се напил малку млеко од козата, што јас ќе ти ја покажам. И му покажа од која сака млеко. Овчарот отиде да ја фати козата, но не можеше. Ја бркаше многу време, но и покрај тоа што беше питома, и секој ден ја молзеше, но сега не можеше да ја фати. На крајот, истоштен му вели на старецот:

Старче, гледаш, не можам да ја фатам...

Не можеш, затоа што ја имаш украдено. Не е така?

Да, старче, ја украдов, - рече и ја наведна главата.

Да ја вратиш козата во нејзиното стадо, од каде што ја зеде, бидејќи благословот Божји не може да остане на твоето стадо.

На овој чудесен начин преподобниот Партениј го поучи овчарот, дека туѓите нешта, украдените, Бог не ги благословува, туку и го спречуваат благословот Божји за другите законски нешта, кои сме ги стекнале со пот.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 33