sv.jovan.zlatoust.jpg

2
(од свети Јован Златоуст)

Господи, Боже мој, знам дека не сум достоен да влезеш под покривот од домот на мојата душа, зашто целиот е пуст, паднат и нема место во мене каде глава да потслониш. Но Ти, заради нас, слезе од висините и се понижи; снижи се и сега кон моето смирение. Како што се согласи да легнеш во пештерата, во јаслите на бесловесните животни, така влези во мене, во јаслите на мојата бесловесна душа и на моето осквернато тело. Како што не сметаше дека е недостојно да влезеш и да вечераш заедно со грешници во домот на Симона Прокажени, така благоволи да влезеш и во домот на мојата смирена, губава и грешна душа. Ти не ја отфрли блудницата грешна, слична на мене, кога дојде и се допре до Тебе; така смилувај се и на мене грешниот, бидејќи доаѓам при Тебе и се допирам до Тебе. Ти не се згнаси од нејзината нечиста уста кога ги бакнуваше Твоите нозе, така не гнаси се и од мојата осквернавена уста и од мојот нечист јазик, но жарта на Твоето пресвето тело и на Твојата драгоцена крв да ми биде за осветување, просветување и за здравје на мојата смирена душа и на моето тело, за олеснување на тежината на моите многубројни согрешенија, за запазување од секакво ѓаволско искушение, за прогонување и ослободување од секаква лоша и грешна навика, за умртвување на страстите, за придобивање на Твојата света благодат и на Твоето царство. Пристапувам кон Тебе, Христе Боже, затоа што се надевам на Твојата неискажлива благост и, отстранувајќи се за подолго време од соединување со Тебе, да не бидам грабнат од духовниот ѕвер - сатаната. Затоа Ти се молам, само Ти си свет, Владико, освети ја мојата душа, освети го телото, умот и срцето мое и се што е во мене - обнови ме целиот. Вкорени страв пред Тебе во моето битие и помогни ми Твојата светост да не биде одземена од мене. Биди ми помошник и застапник. Насочувај го кон мир животот мој и удостој ме да застанам од Твојата десна страна, заедно со Твоите светии, по молитвите и молбите на Твојата Пречиста Мајка, на Твоите бестелесни служители и пречисти небески сили и на сите светии кои од секогаш Ти благоугодувале. Амин.