(8/21 ноември)

(За ангелите)

Бог ги создал ангелските чинови уште пред создавањето на светот и човекот. Како што вели свети Григориј Палама, Бог „ги создаде ангелите пред нас, заради нас, за да се испраќаат како ѓакони (служители)“. Свети Јован Дамаскин вели дека тоа се духовни битија, постојано во движење, слободни, бестелесни, кои Му служат на Бога и по благодат се несмртни. Нивната форма и состојба на постоење ја знае само Бог. Тие се бестелесни и постојано во движење во споредба со луѓето. А во споредба со Бога, едниствениот бестелесен, се неподвижни и материјални. Создадени се од фин материјал. Само Бог вистински е нематеријален и бестелесен.

Според свети Димитриј Ростовски, Православната Црква го поставила „соборот“ на светите архангели Михаил и Гавриил и на сите „небесни сили“ на 8 (21) ноември, поради следнава причина:

Според древниот ромејски календар, прв месец во годината е Март, а Ноември е деветти (како што се гледа и од неговото име на латински јазик). Бидејќи ангелите се делат на девет чинови, нивниот празник бил поставен во деветтиот месец.

Бидејќи ангелите ќе Го придружуваат Исуса Христа при второто доаѓање и ќе содејствуваат на разни начини при спасението на луѓето при изгревањето на вечниот ден, на „осмиот ден од Создавањето“, нивниот празник беше поставен во осмиот ден од деветтиот месец.

На крајот, на истиот ден, 8 ноември, се празнува настанот кога архангел Михаил го сопрел отпаѓањето на ангелите кон Светлоносниот ангел (Луцифер) извикувајќи среде небото: „Да застанеме добро, да застанеме со страв Божји“.

Празникот на ангелите не е „спомен“, бидејќи не постои ден на упокојување на ангелите, туку само „собор“, т.е. собирање на сите христијани за да ги прославуваат. Други празници на ангелите се „Собор на архангел Гавриил“ на 26 март (следниот ден по Благовештението), и чудото на архангел Михаил во Колоси (6 септември). Исто така секој понеделник од седмицата е посветен на ангелите (поради второто доаѓање).

(Секој ден од седмицата е посветен на одредена личност или настан: понеделникот – на ангелите, вторникот на свети Јован Претеча, Среда на Пресвета Богородица и на Крстот, четврток – на светите апостоли и на свети Никола, петокот на Крстот Христов, саботата на упокоените, и неделата на Воскресението Христово).

Според преданието на Православната Црква ангелите се делат на три ерархии и девет чинови. Првата ерархија ги опфаќа: шестокрилатите Серафими, многуоките Херувими и Престолите; втората ерархија ги содржи: Господствата, Силите и Властите; третата ерархија: Началства, Архангели и Ангели.

Освен деветте чинови на ангелите, преку преданието на Црквата дознаваме и некои лични имиња на ангелите: архангелите Михаил, Гавриил, Рафаил и Уриил (последниов се појавува и во видението на свети Нифон).

Особено во Руското Православие познати се имињата и на други небесни сили.

Михаил на еврејски јазик значи „Оној кој е како Бог“, или „Кој е рамен на Бога“; Светиот архангел Михаил се слика од првите христијански времиња како воин, кој држи во десната рака копје со кое му заповеда на Луцифер/Сатаната, и во левата рака една зелена гранка од палма (феникс). Архангелот Михаил се смета дека е чувар на православната вера и борец против ересите.

Гавриил – значи „човек Божји“. Тој е предвесник на тајните Божји, особено на Вочовечувањето на Христос и на сите други таинства поврзани со тоа. Се слика вака: во десната рака држи еден фенер со запален фитил во него, а во левата рака, едно огледало од зелен јаспис. Огледалото ја означува мудроста Божја, која е таинствена.

Рафаил  – „исцеление Божјо“ или „Бог исцелува“. Ангелот се појавува во книгата на Товит, во Стариот Завет. Се изобразува како го води Товит со десната рака, и држејќи еден алавастрен сад со лекови во левата (или една кутија како светите лекари).

Уриил (Уриел) – „Оган Божји“ или „Светлина Божја“. Се појавува во древната книга „Ездра“, но и во видението на свети Нифон, како што рековме. Се слика како држи меч против Персијците во десната рака, и еден пламен во левата.

Селафиил (Салатиил, Сеалтиел) – „посредник Божји“ (3. Ездра 5,16) и се смета за надлежен за издигнувањето на човечките молитви кон небото. Се слика со лицето и очите срамежливо, држејќи ги рацете на градите во став за молитва.

Јелудиил (Јегудиел) – „славејќи Го Бога“. Се смета за ангел кој се поврзува со чесноста и моралот на земските цареви и владетели. Се слика како носи златна круна во десната рака и еден троен камшик во левата.

Варахиил (Барахиел) – „благослов Божји“. Се слика како држи еден бел трендафил во раката, пред неговите гради.

Иеремиил (Јеремиел) – „вознесување Божјо“. Се смета за поттикнувач, будител на подигањето на еден човек кон Бога (3.Ездра 4,36). Се слика со терезија во рацете.

Секој понеделник им е посветен на ангелите и на сите небесни сили, па затоа земните ангели – монасите постат во секој понеделник.

Подготвил: Свештеник Јани Мулев

26.07.2018 лето Господово