Почитуван…! Со задоцнување ти го честитам роденденот заедно со денот на ангелот пазител. Јас лошо се чуствував во последно време и никако не можев да се принудам себеси да земам перо в рака.

Ти си наполнил 25 години. Веќе си израснат човек. Во младоста сите прават грешки, го одложуваат за иднината она што треба да го направат сега, со напрегање на сите свои сили. Но, времето си поминува, човекот остарува, условите можат да се изменат на потешки, често и здравјето му попушта и не го прави она што бил должен да го стори, на што Господ го повикал, што јасно му било и на разумот и на срцето. Му останува само едно – да жали поради минатиот бесплоден живот и на Бога да му принесе покајание.

Се јавуваат помисли: кога би било можно повторно да се започне живот, јас не би направил многу грешки. Тоа е сосем неточно. Како што во семето на јаболкота е содржано сето јаболко, а не на пр. јасика, така и секоја индивидуалност е „непроменлива“ во својата суштина.

Можно е и треба да се манува надворешната, емпириска, стара страна во нова, по евангелските заповеди.

Затоа може да се постави општо правило: Во кое било животно време да станува збор и во какви било услови и во која било работа, треба да се постапува по Евангелието. Тогаш нема да има грешки, нема да има задоцнето жалење и покајание. Со исполнување на евангелските заповеди возрастува човечката личност, неговиот лик Божји, неговата пневматичка (духовна) суштина и тој ќе постане свесен за себе, како лик Божји, ќе се спротивставува себеси на надворешниот свет, ќе постане поголем од него. Ќе воспостави реална врска со Бога, во која потполно ќе биде свесен и која во потполност ќе ја чувствува, толку цврста врска, па дури и разни ветрови и бури од овој свет нема да ја поколебаат.

Заклучокот од ова мое многусловие е следниот: од денес почни да внимаваш на себе, не ги нарушувај, по можност, ни најмалите евангелски заповеди, ни со збор, ни со поглед, ни со слух, ни со чуство, итн.

Кој е верен во малку, ќе добие власт над многу. И не осудувај никого. Чувај се притоа од суетата како од најотровна змија, која може да убие и уништи се што духовно си стекнал.

Еве го моето ветување на денот на твојот 25-ти роденден за целиот преостанат живот. Каков ќе биде тој однадвор – нека биде волјата Господова, но секогаш треба со делата, мислите и срцето да бидеме со Бога. Тогаш сѐ ќе биде добро. Тоа што важело за најпостојаните… науката денес го одрекува она што вчера го тврдела. Уметноста станала артикл за продажба и им служи на страстите. Не треба да се потпираме на луѓето. Само во Бога е силата, мирот, разумот, радоста и непоколебливата карпа наспроти „морето на животот“.

Колку би сакал да ги прифатиш овие зборови не само со слухот, но и со целиот живот. Тоа би ти донело спасение, слобода од луѓето и од околностите и мирен живот среде „морето на животот“. Ти зборувам од сето срце и со сите сили. Те советувам да размислиш, па потоа да работиш. Тоа го заповедал и Самиот Господ Исус Христос! Јас само ти напоменувам. Ако веруваме во Бога и во Синот Божји, тогаш треба да веруваме во Неговите зборови како непроменлив закон, чие исполнување донесува благосостојба во светот и спасение. Амин.  

Извадокот од книгата на игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, 103-104.

Извор: https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/samo-vo-boga-e-silata-mirot-razumot-radosta/