Единствениот преживеан од страшната бура, беше исфрлен од брановите на пуст остров. Секој ден се молеше тој за своето спасение и секој ден гледаше во хоризонтот, но немаше ниту еден брод на повидок за да го спаси. Изморен, реши да си подигне колиба од остатоците на бродот, за барем така да се заштити од обилните дождови на островот. Но, еден ден, враќајќи се од својата потрага по храна, забележа дека колибата беше целата опфатена во пламен и црни облаци чад се креваа кон небото. Го снајде најлошото: изгуби сè.

Обземен од тага и очај, извикна од болка:

– Боже мој , зошто?

Рано следното утро го разбудија звуци од брод што наближуваше до островот, со намера да го спаси.

-Како знаевте дека сум овде? – ги праша човекот своите спасувачи.

-Го видовме твојот сигнал од чад.

Колку лесно е да се препуштиме на очајот кога ќе дојдат неволјите. Но, не губете надеж. Господ нè љуби, можеби најмногу тогаш кога страдаме и поднесуваме болка. Имајте на ум кога ќе ви изгори колибата и на вас ќе навалат неволји: тоа е сигнал од чад што ја привлекува Божјата милост.

 

Извор: Бигорски манастир

10.07 2018 лето Господово