АРХИМАНДРИТ  СЕРАФИМ

Драги читатели, ние сме создадени за Бога и единствено во Него  го наоѓаме врховното блаженство, по кое копнее нашето срце. Ништо друго надвор од Бога не може да ја усреќи нашата душа! Дајте му на човек се што посака , тој ќе му се радува на тоа одредено време, но потоа ќе стане рамнодушен бидејќи чувствува  дека му недостасува нешто друго, многу повозвишено. Зарем и детето не и се радува на новата играчка се додека не огладни? Тогаш ја фрла играчката и бара леб. И меѓу најгласните задоволства на животот, и меѓу  најголемите постигнувања на светот, некаква неискоренлива внатрешна глад за правда, и мир и радост во Светиот Дух ( Рим. 14, 17 ) ја мачи нашата душа и не дава мир!
  Тој благословен глад е глад за Бога. Во право е блажени Августин кога во своите “Исповеди пред Бога“, вели: „Ти не создаде за Себеси и нашето растревожено срце е неспокојно, се додека не добие успокојувањењ во Тебе”.
  Единствениот Гостин, Кој може да ја усреќи нашата душа е Бог. А штом Бог е нашето највисоко блаженство и најголемо добро, вистина е дека она, што ни го попречува патот кон Бог, за нас е најголемо зло. А такво зло е гревот.
  Напразно, некои непросветени луѓе го бараат најголемото зло  за човекот на друго место, надвор од гревот. Едни за најголемо зло ги сметаат болестите, други – сиромаштијата, трети – смртта. Но, ниту болестите, ниту сиромаштијата, ниту смртта, ниту пак, која и да е  земна несреќа, не може да биде за нас поголемо зло од гревот. Бидејќи тие земни несреќи не не одвојуваат од Бога ако ние искрено Го бараме, туку напротив, не доближуваат до Него.
  Светите апостоли биле сиромашни, но збогатувале многумина ( Кор. 6,10 ). Па и при сиромаштијата биле богати, бидејќи го поседувале прекрасниот Божји дар – небесната благодат, која уште во овој живот ги направила бескрајно блажени! За нив, сиромаштијата,  можела да биде големо зло, но сепак, тие се здобиле со сокровиште во вечниот живот!
  Болестите не се најголемото зло за човекот, бидејќи болестите на телото, поднесени со смирение, вера и трпеливост, можат да ја излекуваат душата болна од грев и да ја доближат до Бога – најголемото богатство на човекот.
  И смртта, за оние што веруваат, не е страшна, бидејќи преку неа како низ врата се оди кај Бога, Кого Го сакаме и Кој не сака, Кој за оние што Го сакаат го подготвил она, „ што око не виде, уво не чу, ниту на човек на ум му падна“(1.Кор. 2, 9)!
  А, гревот  е најголемата несреќа на срцето – оттргнатост од сокровиштето на благодатта. Гревот е смртоносна  болест на душата. Болест што не лишува од земните и небесните радости. Гревот е страшна и непрежална духовна смрт, што вечно не откинува од радоста на рајските жители и не погребува во темнината на адот!
  Нема, нема поголемо зло за човекот од гревот! Тој ги погубува и телото и душата! Тој го загорчува сегашниот и вечниот живот! Тој ги предизвикува раздорите во семејствата, кавгите помеѓу соседите, недоразбирањата помеѓу роднините! Тој го запалува огнот  на злобата помеѓу народот! Тој ја возгордева и ја ожесточува душата! Тој го труе со завист срцето! Тој го изгонува од градите чувството за светост и ги поканува демоните да се вселат  таму! Тој не откинува од Бога! Тој го гаси сето она што ни свети во срцата. Тој не учи на лагата, стомакоугодување, егоизмот и среброљубието! Тој не тера да зборуваме лошо за ближните и да ги осудуваме! Тој ни ја поттикнува раката на кражба! Тој не исполнува со гнев и лутина! Тој ни шепнува да се одмаздуваме! Тој ги прави сите насилства, блудови и престапи! Тој е причината за сите болести, страдања, неправди, насилства, крвопролевање и војни! Тој ги исполнил душите на сите нас со неподнослива духовна смрдеа! Тој ја разлева таа смрдеа во однесувањето помеѓу нас самите!
  Дали  сте се запрашале, зошто е загушливо во светот? Зошто мачно се живее? Зошто не можеме да се поднесуваме еден со друг? Одговорот е : гревот ја затрул атмосферата на животот. Сите ние сме болни од грев. И ако нелекуваните рани по телото предизвикуваат неподнослива смрдеа, колку пострашна е смрдеата од гревот!
  Како што болестите на телото може да бидат надворешни (видливи) и внатрешни(сокриени), така и гревовите, како болест и на душата, може да бидат видливи и невидливи. Ние честопати се успокојуваме, што можеме да ги сокриеме гревовните рани на нашата душа од очите на тие околу нас. Во очите на оние околу нас, изгледаме како добри и пристојни луѓе. Но, од Бог ништо не можеме да сокриеме. Неговите очи се посветли од Сонцето и проникнуваат насекаде. Кога би можеле да ја фотографираме или пак, со помош на некакви духовни рентгенски леќи да ја видиме скриената духовна состојба на секој од нас, или пак, на целиот човечки раод, тогаш би не опфатил ужас!
  Гревот е едно бескрајно зло, што е навреда за бескрајниот Бог. Господ ни заповедал да не грешиме. А ние грешиме, и со тоа го навредуваме бескрајното величие на Творецот.
  Словото Божјо рече: “Гревот е беззаконие“(1. Јов. 3,4). Тоа значи: гревот  е нарушување на Божјиот закон. Секој нарушен закон, било граѓански или природен, со себе повлекува и казна. Гревот како задушување на највисокиот закон – светата Божј воља – води кон најтешки казни. Тие казни, можат да бидат, времени и вечни. Времените Бог ги праќа за вразумување и исправање. Ако се покаеме и се измириме со Бог, ќе се избавиме од вечните казни. Но, ако останеме во нашите гревовив со ожесточеност, ако не сакаме да се покаеме за нив, ако сме упорни во богопротивното расположение, Бог ќе не остави да одиме каде што сакаме.
  Крајот на гревот е конечно раскинување со Бога, и бидејќи Бог е радоста на човечкото срце, раскинот со Бога е лишување од таа радост, т.е. вечна мака. Штом гревот во својата суштина е толку страшен и според последиците толку погибелно зло, како тогаш, сите ние, толку лесномислено грешиме? Како сме стигнале дотаму, толку интимно да се спријателиме со нашите гревови, да свикнеме на нив до тој степен, што мнозина, ако не и сите, претпочитаат да мислат дека гревот е нешто неизбежно во животот! И како сме можеле и се уште можеме, да ги трпиме нечистотиите, правот и пајажината во одаите на нашите срца, живеејќи со  таква безчуствителност во тоа безредие, во смрдеата  на нашите беззаконија! Сето тоа е едноставно необјасниво, но тоа е факт. Огрубени, морално затапени, сме станале глуви кон повиците на нашата сопствена совест и кон грижата за нашето спасение. И таа безличност стигнала дотаму што ја потценуваме тежината и судбоносноста  на нашите злодела. Сметаме кога грешиме не правиме ништо особено. О, кога би можеле да ја измериме сета тежина на нашите гревови и кога би можеле да ја измериме сета тежина на нашите гревови и кога би можеле јасно да почувствуваме дека тој товар не влече кон дното на адот, попрво би се согласиле земјата да не проголта и скалите да не потупаат, отколку  да грешиме и да Го гневиме Бога!
  Ако си замислиме една вага и на едниот тас да ги ставиме човечките гревови, а на другиот – светоста на сите светли духови кои се на небото и на сите праведници што живееле на земјата, таа севкупна светост на небесата и земјата не би можела да го подигне тасот со човечката огревеност. Само Божјата сила може да го подигне. Затоа Бог Го испрати на земјата Својот Единороден Син, па Он, со Својата голготска жртва, го искупи човечкиот  грев. Оттогаш, нема грев што е потежок од тежината на Божјото милосрдие.”Бог толку го засака светот што Го даде и Својот Единороден Син, па се што верува во Него да не погине, но да има живот вечен“. „ И еве Го Агнецот Божји Кој го зеде на Себе  гревот од светот“.
  Брзајте, грешници! Има и за нас избавување! Исус Христос, Кој на Своите плеќи го понесе гревот на целото човештво и Кој со Својата смрт на крстот  плати за нашите долгови кон Бога, може да ги понесе  и нашите гревови на Своите рамења. Нели, за тоа св. Андреј Критски, во името на сите нас што згрешивме пред Господа, се моли: “Земи  го од мене моето тешко бреме и дај ми солзи на покајание!” Но, ние треба да лееме вистински солзи на покајание! Бидејќи има само два вида на вода што ја мие нечистотијата од гревовите: водата на крштението и солзите на покајанието. При тоа, како што тврди св. Јован Лествичник: “Иако овие зборови звучат малку смело, извирањето на солзите  по крштението се повеќе од крштението. Бидејќи крштението сме го примиле на детска возраст, сите ние сме го осквернавиле, а со солзите повторно го очистуваме. И, ако Божјото човекољубие не ни беше дало такви солзи ( солзи на покајание ), тешко ќе се најдеа луѓе што ќе се спасат”


 Подготви: Стојанка  Тежак


:{moshits}