Едни говорат дека треба да ги пееме често, други – дека не треба да ги пееме често, а трети – дека воопшто не треба да ги пееме. А ти, пеј ги, ни често – за да ја избегнеш збунетоста, ниту да го изоставаш сосема пеењето, за да ги избегнеш раслабеноста и мрзливоста, но угледај се, на оние што не ги пеат почесто, зашто умереноста во сѐ е прекрасна, според зборовите на премудрите. За оние што живеат дејствителен живот – добро е да пеат многу, затоа што тие не ги знаат духовните вежби и поради нивниот труд, но ова не е препорачливо за безмолвниците, кои треба да бидат само во Бога, молејќи се во своето срце и воздржувајќи се од своите помисли. Зашто, според зборовите на свети Јован Лествичник безмолвието е отфрлање на помислите за светските и телесните работи. Ако безмолвникот ја истошти сета своја сила во пеењето, тогаш неговиот ум не ќе може силно и трпеливо да престојува во молитвата. Свети Јован Лествичник поучува дека треба ноќе повеќе време да ѝ се посветува на молитвата, а помалку на пеењето. Така треба и ти да постапуваш. Кога ќе видиш дека, додека седиш, твојата молитва не престанува да дејствува во твоето срце, не оставај ја, за да станеш и да почнеш да пееш, сѐ додека таа самата, по Божја волја не те остави. Зашто, во спротивно, ти би Го оставил Бога, Кој е во тебе, ќе застанеш и од надвор ќе почнеш да му се обраќаш со зборови, преминувајќи од погорното – кон подолното. Со тоа ќе предизвикаш збрканост во својот ум, изведувајќи го вон мирното затишје. Безмолвието има во себе такви работи, кои можат само во мир и во тишина да се извршуваат. Зашто, нашиот Бог е Бог на мирот, далеку од секаква врева и обеспокојување. Според нашиот начин на живеење, кој е ангелски, и нашето пеење треба да биде ангелско, а не телесно. Гласното пеење укажува на внатрешно умствено извикување, а ни е дадено само за случај кога сме напаѓани од мрзливоста и нечувствителноста, за да нѐ воведува пак во исправно духовно расположение. Тие што уште не ја познаваат молитвата, што уште не ја доживеале нејзината сила и нејзиното дејство, која е според свети Јован Лествичник, извор на добродетелите, кој ги наводнува нашите душевни сили, - тие треба да пеат многу, да пеат без мерка и секогаш да бидат зафатени со некакви работи и никогаш да не бидат без нив, сѐ додека од тешкиот труд не дојдат во состојба на созерцание, додека не ја придобијат умствената молитва, која ќе дејствува внатре во нив. – Еден е начинот на дејствување на безмолвието, а друг е на заедничкиот – манастирски живот; секој од монасите – во што е повикан, во тоа и ќе се спаси. Затоа и се плашам да пишувам поради немоќните, знаејќи дека си во нивната средина. Попусто се труди оној што сака да се научи да се моли само според она што го слуша и што го чита, што го учи, ако нема свој духовен раководител и учител. Оној што ја вкусил благодатта, тој треба умерено да пее; тој е должен, според зборовите на духовните учители повеќе да се вежба во молитвата, а тогаш, кога го напаѓа мрзливоста, тогаш нека пее и нека чита дејствителни глави на духовните отци. Коработ нема потреба од весла тогаш кога ќе дувне ветер, зашто тогаш ветрот ги надувува едрата и му дава доволно сили за да може лесно да го преплива соленото море на страстите; а кога ќе престане ветрот, и кога коработ ќе сопре да плови, тогаш треба да почнеме да го движиме со силата на веслата.

Некои укажуваат на светите отци, кои стоеле по цели ноќи и за сето време пееле. Но ова ќе речеме дека сите тие оделе по ист пат и до крајот на својот живот се раководеле од едно исто правило. Многумина од оние што живееле дејствително, преминувале кон созерцание, па кога ќе престанеле со делата, почнувале да празнуваат во духовниот живот, според духовниот закон и само на Бога Му се радувале, насладувајќи се со духовната сладост, но тогаш благодатта не им допуштала да пеат и да помислуваат за нешто друго, туку секогаш биле во духовна восхитеност, како да стигнале до крајот на своите желби, па макар и делумно. А други, до крајот на својот живот дејствително живееле и добиле спасение; се упокоиле со надеж дека ќе ги добијат наградите во идниот живот. Некои од нив, на смртниот час добиле уверување дека се спасени, а по смртта, за потврда на тоа, од нив излегувала благопријатна миризба. Тоа се оние што ја добиле благодатта на крштевањето, на кои, поради тоа што биле пленети, или поради незнаењето на нивниот ум, не го вкусиле најсаканото, иако, додека биле живи, биле во таинствено општење со него. Има и такви, кои многу вешто го извршуваат и едното и другото – и пеењето и молитвата; и, живеејќи така имаат богата благодат, која постојано се движи и во ништо не среќава пречки. А други, до крајот на својот живот останале во безмолвие, иако биле прости и неучени, потполно се соединиле со Единиот Бог и само од молитвата го црпеле сето свое задоволство. Совршените можат сѐ со Исуса Христа, Кој ги укрепува во секое добро, на Кого нека Му е слава сега, во сите векови и во сета вечност. Амин.

Свети Григориј Синаит

Подготви.Т.С.