Отци, за восхит достојни, вие нѐ збогативте со духовна ризница, бидејќи од вас започна Божествената литургија да се служи на јазикот словенски. И ние, како заедничари на таа благодат до денеска, ве славиме пеејќи: Сите дела Господови, благословете Го Господа.


Слава, глас 8.
Радувај се, свештена двоице, која нѐ озари со светлината на Богопознанието: Кириле, живоносен извору на мудроста духовна, кој ги напои словенските народи кои од жед се топеа: Методие, чесно живеалиште на молитвата! Прилежно молете се на Христа, пред Чија слава стоите, заедно со вас да Го величаме и да Го превозносиме во сите векови.


Тропар, глас 4.
Како рамни по нарав на апостолите и учители на словенските страни, богомудри Кириле и Методие, молете Го Господарот на вселената, да ги утврди сите словенски народи во православие и едномислие, да го смири светот, и да ги спаси душите наши.


Седален на светите, глас 4.
Ти боговдахновени Кириле, Света и Едносушна Троица си ја споредил со видливото создадено сонце на небото, велејќи: сончевиот круг е сличен со Бога Отецот, Кој нема крај ни почеток; и како што од сончевиот круг излегува зрак светлина, кој го осветлува она што е под небото, така и од Бога Отецот се раѓа Синот - Светлината на Отецот; а топлината што ја оживува вселената, која се излева од истиот круг заедно со зракот, е подобие на Светиот Дух, Кој произлегува од истиот Отец. Пазејќи го твоето прекрасно учење, и ние се поклонуваме на Еден Бог во Троица, славејќи го твојот спомен, достоен за восхитување.


Кондак, глас 3.
Почит да ѝ оддадеме на свештената двојка наши просветители, кои со преводот на Божествените Писма ни го дадоа изворот на Богопознание; црпејќи од него до денес неисцрпно, ве славиме вас, Кириле и Методие, кои стоите пред престолот на Севишниот и топло се молите за душите наши.


Икос: Дојдете, верни, да ги восфалиме богоносните отци Методија и Кирила, проповедници на благочестието, кои болснаа со добродетели, вистински столбови и темели на Црквата, божествените труби на Христовите догмати, бидејќи тие, откако го изгонија од нас мракот на неверието, и со огнот на Духот го изгореа безбожието на ересите, со преводот на Светото писмо, словенскиот род од дива маслина го претворија во Богоплодна, и со божественото крштение го приведоа во верата Христова, и целата вселена со мноштво чудеса ја исполнија. Поради тоа, како носители на венци, стојат пред Бога Седржителот. Кон нив да повикаме: Отци божествени и рамноапостолни, молете се на Христа, да им дарува на сите словенски народи цврстина и едномислие во правата вера, да го смири светот и да ги спаси душите наши.


Светилен.
Учители свети, вашиот спомен светло празнувајќи го, од сѐ срце ве молиме: народите што ги збогативте со ризницата на Евангелието, утврдете ги врз каменот на Христовото исповедање, и нашиот живот во мир запазете го.

Слава, глас 6.
Славејќи го споменот на нашите просветители, луѓе, благодарствено да повикаме: Радувајте се, светилници пресветли, кои со светлината на богопознанието ги озаривте словенските страни! Радувајте се, пастири добри, кои ги собравте во едно словесните овци, расеани по шумите на неверието, и ги приведовте кон Пастироначалникот Христа. Него величајќи Го, вас ве именуваме блажени.

 

Подготви: Т.С.