Во периодот на Богојавлението, наречено уште и „празник на Крштението“, се случуваат многу крштевки. Поголемиот број верници кои на овој празник ги крштеваат своите деца велат дека ова го прават затоа што веруваат дека постои врска меѓу Крштението на нивните деца и Христовото Крштение.

Од друга страна, православното богословие, почнувајќи од Библијата, вели нешто друго. Имено, христијаните не се крштеваат затоа што Христос бил крстен, туку затоа што Христос умрел и воскреснал од мртвите.

Постои разлика меѓу Јовановото крштение на Христа, кое било еден очистителен ритуал кој можел да биде повторен неколку пати, и за кое Јован јасно им рекол на неговите ученици: „Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети” (Mk. 1,8), и нашето Крштение. Затоа Исус му рекол на фарисејот Никодим: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото тело од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора“ (Јн. 3,5-7).

Бездруго, светиот апостол Павле бил првиот кој за Крштението говорел како за учество во Христовата смрт и воскресение. Во неговото послание до Римјаните, тој вели: „Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме? И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението“ (Рим. 6,3-5).

Преданието е согласно дека Крштението е учество во Христовата смрт и воскресение, и поради тоа се нарекува и второ раѓање. Во врска со ова, св. Јован Златоуст вели: „Потопувајќи ја главата во вода, стариот човек се закопува, се дави во длабочините, и целосно го снемува. Кога главата се крева од вода, новиот човек се раѓа на местото од стариот“. Златоустиот го потврдува ова и кога вели: „Она што се Крстот и Гробот за Христа, тоа е Крштението за нас.“

Протојереј Георгиј Масух

 

Извор: http://pravoslavie.mk.

Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/krshtenieto-e-smrt-i-voskresenie/ .