Задушница

    И ете, уште еднаш, во овие 2015 години постоење на Христијанство ни претходи еден неизбежен ден за целото Православие, меѓу другото и ден посветен на љубов кон оние кои повеќе со телото не се помеѓу нас, односно задушница.

    Многумина и овој пат ќе излеземе со полни кеси со убаво јадење и една скромна пченица, со малку  вино, со кои ќе ги закитиме гробовите од нашите предци, чекајќи го нервозно свештеникот, кој и така доцни и неможе да стигне до нас, за да ги отпее, благоречено, нашите предци кои почиваат во својот, но и наш иден, вечен дом. И така, откако на брзина или не ќе ја заврши молитвата над нашиот гроб и ќе почнеме да го јадеме и раздаваме на блиските, кои исто така понеле многу јадење на гробовите од своите блиски, ќе се запрашаме, зарем се потребни овие непотребни трошоци и зошто го правиме ова? Можеби оти така оставија нашите предци, можеби од срам од средината во која живееме или можеби да покажеме дека сме нешто повеќе? Како и да е, секој ќе толкува од свој аспект, но една е вистината, живееме или умираме, Господови сме (Римјаните 14,8).

    Но, сепак да се запрашаме, зошто излегуваме на гробовите од нашите починати родители, сопружници, браќа, сестри, чеда, роднини или пак пријатели? За да ја покажеме својата љубов кон нив! За, разлика од атеистите, кои својата вера ја темелат на тоа, дека со смртта завршува сè, православните христијани, веруваат дека како што Христос воскресна, така и ние ќе воскреснеме и според нашите дела ќе го добиеме вечниот живот или вечната осуда. Знаејќи го тоа, но и знаејќи дека според своите сопствени сили, ние не би можеле да се спасиме самите себе си, излегуваме пак и пак на гробовите, слушајќи го надгробното ридање, за да се помолиме на Бога, да ја спаси душата на нашите упокоени ближни, а на нас да ни дарува голема милост, оти тоа всушност и ни е потребно.

    Христос вели оти  каде се собрани двајца или тројца во Негово име, таму е и Он, и се што ќе побарат, Он ќе им даде. Токму, соборното споменување на нашите починати и барањето на прошка за гревовите нивни, не е ништо повеќе или помалку, но верно подржување на Неговите зборови, кои до ден денеска ги слуша и исполнува Црквата, која всушност е народот Божји, чија глава е самиот Христос. Таа соборност, пред сè се исполнува на Божествената литургија, каде што небесната и земната Црква го Слават Оној Кој се раѓа, проповеда, Му се суди, страда, се распнува, воскреснува и вознесува, заради нас и нашето спасение - Спасителот Христос Бог. Но освен тоа, ја гледаме и во општите денови посветени на нашите упокоени односно задушниците.

    Ништо, па дури ни задушните денови, не се воведени во богослужението, од чиста случајност или заради срамна корист на поединец или пак на целиот свештен клир. Сè е заради наше спасение, сè е заради наша поука, сè е за да го возљубиме Оној Кој прв не возљуби, иако не бевме достојни за Неговата љубов. Тие служат за наша поука, односно да не потсетат за тоа дека нашите дни се како трева, како полски цвет, кои брзо процветуваат.
Ние, кои се крстивме и облековме во Христа, примивме многу повеќе од нашите предци, кои не Го знаеа Оној Кого што го очекуваа, па затоа и многу ќе ни биде барано на денот на Судот. Сходно на тоа, гледајќи го крајот на оние кои што лежат во гробовите, Црквата богољубиво и човекољубиво не потсетува да го засилиме нашето покајание, да ги отвориме нашите очи и срца, и да притекнеме кон Оној кому што непрестајно му грешиме, дури имаме време за истото. Не залудно и сите задушници, Црквата богомудро ги поставила пред почетокот на постите, било тоа да се божиќните, велигденските или пак апостолските, но со цел, закрепнети од постот, да се припремаме и ние, еден ден, како и упокоените да дадеме непосрамен одговор пред Христа – Праведниот и Вечен Судија.

Но, знаејќи го и тоа, дека Бог не е Бог на мртвите, но на живите, сите ние, со вера во сеопштото воскресение, токму и во овие дни кога Црквата соборно прави помен за сите во верата од века упокоени, сме повикани активно преку молитва и добри дела да си споменеме и за нашите блиски кои повеќе не се меѓу нас, а кои сепак се нараздвоен дел од Црквата. Затоа, Црквата во своето предание, како послушание на верниот народ оставила, секогаш кога се прави спомен за упокоените, да се донесува: варена блага пченица, црвено вино и свеќи. Варена блага пченица, бидејќи таа го означува сеопштото воскресение и победата над смртта. Вино, бидејќи тоа ја означува крвта Христова која се пролеа на крстот и Неговата спасителна жртва. Свеќа, бидејќи тие се нашата бескрвна жртва, која на молитвеното собрание, возглавено од свештеникот, ја принесуваме на Бога.
На крајот, би се потсетил на зборовите на светиот Климент Охридски: „Да се отрезниме и да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела и со кротост и пост да стекнеме смирение и љубов кон сите, зашто тие ги очистуваат душата и телото и не прават рамни на ангелите и не водат на небото. И милост давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвара небесните врати“.

Презвитер Дејан Апостоловски