Светиот старец се однесуваше со особена љубов и благо расположение кон болните од рак. Со големо внимание ги разгледуваше поединечните случаи. Се трудеше да им помогне по пат на поставување дијагноза и особено потенцираше колку тешка болест е ракот за нашето време. И самиот тој се бореше со таа болест. Таа беше распространета внатре во него, и како што самиот кажуваше, успеал да ја смири за десет години. Како лек ја користеше само непрестајната молитва кон Исус и изучувањето на Светото Писмо. При една дискусија во болницата „Сингру“ со еден универзитетски професор старецот рече:

– И јас сум правел истражувања за оваа болест и сум собрал доволно докази за нејзината појава. Ракот воглавно се појавува во конфузните души, кај луѓето што живеат под стрес и измачени од разни нешта и кај луѓе што се потиснуваат себеси.

Кога страдаш од нешто и дознаеш дека е од рак, треба да се предадеш со многу љубов на Бога, да се смириш, да се успокоиш, да ги засакаш сите луѓе и да возљубиш сè околу себе. Сиот да си со љубов и славоловење кон Бога, за да ти се освети душата, да си полн со радост, а не да велиш: „јас од оваа болест ќе умрам“. Кога ќе се освети душата, кога ќе се прилепи до Бога и ќе стане спокојна и кротка, сите телесни системи на организмот ќе се успокојат; ако тогаш ракот не се исцели, тогаш барем ќе остане таму каде што се наоѓа. Изучувајте го Писмото и ќе видите дека не постои смрт и дека, кој верува во зборовите на Бога – не умира.


Извор: http://agapi.mk/sveti-porfirij-bolesta-na-modernoto-vreme/

26-ти јули 2015 год.