Nedela.SV.Otci.jpg

Синаксар  во Неделата на светите 318 отци во Никеја

Стих:
Избран Собору од светила, Просветлете ми ги мислите со вашата светлина.
Стих:
Ариј, кој говори дека Синот е туѓ на суштината на Отецот,
Нека и биде туѓ и на славата Божја.

             Во истиот тој ден, седмата недела по Пасха, го славиме Првиот вселенски собор во Никеја, каде што се собрале 318 богоносни Отци, од следнава причина: Бидејќи Господ наш Исус Христос, Кој се облече во тело слично на нашето, неискажливо ја исполни сета промисла и пак се врати кон престолот на Отецот, Светите Отци сакале да покажат дека Синот Божји навистина стана човек и, како совршен човек и Бог, се вознесе и Отци, кои Го проповедаа како вистински Бог и вистински човек, Кој се вознесе во тело.
             Овој Собор се одржа за време на Константин Велики, во дваесеттата година од неговото владеење. Кога престана гонењето, тој владееше најнапред во Рим. Потоа го изгради за себе и сеславниот Константиноград (Константинопол), според неговото име, во пет илјади осумстотини триесет и осмото лето од создавањето на светот. Тогаш почна да се зборува и за Арија. Тој потекнуваше од Либија. Кога дојде во Александрија, беше поставен за ѓакон од свештеномаченикот Петар Александриски. Потоа почна да хули против Синот Божји, велејќи за Него дека е создание, дека е создаден од ништо, и дека е далеку од божественото достоинство. Понекогаш Го нарекуваше Премудрост и Слово Божјо, за да му се спротивстави на безбожниот Савелиј кој тврдеше дека Бог има само едно лице, една ипостас, и дека Он се јавува еднаш како Отец, другпат како Син, и третпат како Свети Дух.
             Бидејќи Ариј ги предлагаше овие хулења, свети Петар Александриски го одлачи од Црквата, откако Го виде Христа во светиот олтар како мало дете, облечен во скината облека, Кој му рекол дека Ариј му ја раздрал. Ахил, пак, кој стана архиепископ александриски по Петра, пак го врати назад Арија, и покрај ветувањата. Освен тоа, го ракоположи за свештеник и му дозволи да држи предавања. По смртта на Ахила, патријарх стана Александар. Гледајќи дека Ариј продолжува да ги говори истите хули, дури и полоши, тој го протера од Црквата и соборски го осуди, како што кажува (Блажени) Теодорит, затоа што учеше дека Христос ја сменил природата, дека Господ примил тело без дух и душа. Тој беше првиот што го велеше тоа. Потоа, додавајќи и други изопачености на овие, Ариј пишува и се измирува со Евсевиј Никомидиски, Павлин Тирски, Евсевиј Кесариски и други, и тргнува против Александра. Тој, пак, (Александар) писмено го изложи еретичкото учење на Арија, и го испрати по целиот свет, и со тоа поттикна мнозина на борба против него. -

 

  • Црквата беше вознемирена и, бидејќи немаше никаков изглед да се најде лек против оваа богословска расправија, Константин Велики, со јавни превозни средства (колесници), ги донесе Отците во Никеја, каде што дојде и самиот тој. Кога сите Отци ги зазедоа своите места, беше поканет и тој, но тој не седна во царски престол, туку во стол со намалено достоинство. И откако расправаа за Арија, на него беше фрлена анатема, како и против сите оние што мислеа како него.
  • Светите Отци прогласија дека Синот Божји е едносуштен и совечен на Отецот, и со еднакво достоинство со Него. Тие го составија Символот на верата до осмиот член: „И во Светиот Дух..." зашто вториот дел од „Символот" беше редактиран од Вториот Вселенски Собор. Првиот собор го утврди и празникот Пасха, кога и како треба да го славиме, и не со Јудеите, како што се правеше тоа порано. Тие ги составија и дваесетте Канони за уредувањето на Црквата.
  • Што се однесува, пак, до Символот на верата, рамноапостолиниот Константин Велики го потпиша со црвено мастило, на крајот од сите. Двесте триесет и двајца од овие Свети Отци беа епископи, осумдесет и шест беа свештеници, ѓакони и монаси, се на се 318. Најпознатите од нив се: Силвестар Римски, Митрофан Цариградски, кој беше болен (тие беа тука претставени од свои заменици). Александар Александриски, со великиот Атанасија, кој тогаш беше архиѓакон, и Евстатиј Антиохиски, и Макари) Ерусалимски, епископот Оссиј Кордовски, Пафнутиј Исповедник, Николај мироточивиот и Спиридон Тримитунтски (кој го победи локалниот филозоф и го Крсти, покажувајќи му Го Тројното Сонце). Кога за време одржувањето на Соборот се упокоија двајца отци, Константин Велики ги стави во нивните погребни ковчези, со соборските одлуки, и ги заклучи, сметајќи дека одлуките се потпишани и од нив со неискажливи Божји зборови.

Nedela.SV.Otci2.jpg

         Кога заврши Соборот, и Цариград беше комплетно завршен, Константин ги покани сите оние свети мажи. Откако го обиколија градот молитвено, тие се согласија дека тој заслужува да се нарече Царица на градовите. По заповед на царот, тие и го посветија на Мајката Божја, и така сите си појдоа во своите домови.
         Туку што Константин си замина при Бога, оставајќи ја власта на својот син Констанциј, Ариј дојде при царот, велејќи: Оставам се, и сакам да се присоединам кон Црквата Божја. Откако ги напиша своите богохулни погледи, ги обеси на вратот и, преправајќи се дека му е покорен на Соборот, ги удираше со рацете и рече дека се потчинува. Царот му заповеди на патријархот на Константинопол да го прими во заедница со Црквата. Тогаш беше патријарх Александар, кој го замени Митрофана. Познавајќи ги лошите намери на Арија, тој не му поверува, па Го молеше Бога да му јави дали е Негова волја да го прими Арија. Кога дојде времето да сослужува со него, тој се молеше уште потопло. Кога доаѓаше во храмот, Ариј се удри од еден столб на плоштадот и неговиот стомак се отвори, и цревата и сета внатрешност на утробата јавно му излегоа надвор, по примерот на Јуда чија внатрешност се раздра поради тоа што Го предаде Словото, поради тоа што Синот Божји Го одвои од Отецот. Тој се раздра самиот себе и беше најден мртов. И така Црквата се спаси од таа опасна закана.
           По молитвите на Светите триста и осумнаесет отци, Христе Боже наш, помилуј не. Амин.

Извор: ПРОЛОГ

  1-ви јуни, лето Господово 2020

 

 Символот на верата

    Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на Небото и на земјата, на сè видливо и невидливо;
    И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлината, вистински Бог од Бога вистински; роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сè станало;
    Кој, заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од Небото и се вплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек;
    И беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше, и беше погребен;
    И воскресна во третиот ден, според Писмото;
    И се вознесе на Небото и седи оддесно на Отецот;
    И пак ќе дојде со слава, да им суди на живите и мртвите, и Неговото Царство ќе нема крај;
    И во Светиот Дух, Господ, кој живот твори, Кој исходи од Отецот, на Кого се поклонуваме и Го славиме заедно со Отецот и Синот, и Кој говорел преку пророците;
    Во едната, света, соборна и апостолска Црква;
    Исповедувам едно крштение, за простување на гревовите;
    Го чекам воскресението на мртвите;
    И животот во идниот век. Амин.

 пп