Чудесни исцеленија преку исповедта и светата Причест
Август 10, 2012

Има безброј сведоштва за луѓе кои преку исповедта и светата Причест се излечиле од неизлечиви или тешки болести. Заради просторните ограничувања, овде ќе наведеме само неколку такви чудесни настани, кои Бог ги извршил преку светиот Јован Кронштатски:

 

Исцелување на туберкулоза на грлото:

„Свештеникот Василиј Шустин од Петроград раскажува: ,Кога уште бев млад, мојот татко тешко се разболе. Професорот Симоновски, специјалист за болести на грло, утврди влошена туберкулоза на грлото. Грлото му беше полно со чиреви и гласот целосно изгубен. Во куќата владееше потиштеност. Нас децата не нè пуштаа кај татко ни. Само на Божиќ нè доведуваа кај него. Тој молчешкум ни подари подароци. Симоновски објасни дека неговите денови се изброени.

Отец Јован Кронштатски беше известен телефонски. Дојде пет дена подоцна, влезе во спалната соба, го виде мојот татко и забележа: ,Зошто не ме известивте за неговата вистинска состојба? Веднаш ќе му донесев Причест‘. Мојот татко погледна кон него молитвено и пелтечејќи. Отец Јован долго молчеше и се молеше, а тогаш се сврте кон татко ми: ,Веруваш ли дека со Божја помош можам да ти помогнам?‘ Мојот татко потврдно климна со главата. ,Дојди утре кај мене во Кронштад. Ќе те причестам‘. Отецот отпатува. Вечерта дојде Симоновски со еден колега. Им беше раскажано што се случило. Симоновски одговори дека тоа е бесмислица и дека мојот татко тој пат нема да го преживее. Од Ориниенбаум требаше да се патува со санки преку мразот, а времето беше студено и ветровито. Но, мојот татко му веруваше на отец Јован. Следниот ден, топло облечен, отиде за Кронштад. Отецот дојде во гостилницата каде што беше отседнал татко ми и го причести. Тој и следните денови го посетуваше и долго му зборуваше.

Кога по нецела недела татко ми дојде дома, професорот Симоновски беше потресен; чиревите исчезнале, а гласот му беше нормален, иако уште зарипнат. Професорот јавно изјави дека се работи за чудо. Потоа татко ми живееше уште дваесет и пет години. Неговата туберкулоза на грлото беше сосема исцелена“.

 

Исцелување од воспаление на мозок:

„Кнегињата Јусипова, сопруга и мајка на едно дете, се разболела од воспаление на мозокот, при што го изгубила и видот. Го повикале отец Јован (Кронштатски), и тој дошол, се помолил и им кажал дека таа нема да умре. Потоа кога пак имало влошување, тој дошол и топло и убедливо ì рекол дека со примањето на Светата Причест треба да се подготви за нов живот, било овде, било таму. Кога повторно дошол, таа се исповедала сосема свесно и со радост ја примила светата Причест, и самата таа за овој настан вели: ,Ми беше како сето земно да исчезна за мене и како да сум влезена во Рајот. Чувство на најдлабока радост се разлеа низ мојата душа. Потоа, по повеќенеделна несоница, за првпат заспав длабоко и мирно. Утредента температурата се симна на триесет и седум степени. Се чувствував сосема добро. По една недела почнав да станувам и наскоро бев сосема здрава. Оттогаш поминаа педесет години, а во моето сеќавање тој настан се чува неизбришливо‘“.

 

Исцелување од епилепсија:

„Исцелување на дваесетичетиригодишната селанка Теодосија од Налисов, Тверската област, се случи на 14 март 1902 год. Таа со години страдаше од епилепсија која ја фрлаше на земја. Таа удираше околу себе и викаше, сè додека во пот облеана и со пена на устата не паднеше скршена. Такви напади посебно доаѓаа за време на Божјата служба во црква, или кога ќе ги чуеше црковните камбани. Последните три години нападите толку зачестија, така што Теодосија остана без сила и не можеше да ја работи и најлесната работа. Нејзините роднини ја донесоа во Кронштад.

Теодосија ја внесоа во црквата и ја доведоа до олтарот за време на службата Божја, кога отец Јован излегуваше од олтарот со светиот путир и ги изговараше зборовите: со страв Божји и вера пристапете. Одеднаш почна страшно да вика: лицето ì беше исплашено и тројца со тешкотија ја совладуваа. Отец Јован го постави путирот на светиот престол, се доближи до Теодосија, ја стави раката на нејзината глава, го насочи својот поглед во нејзините очи и строго нареди: „Во името на нашиот Спасител, Исус Христос, јас ти заповедам, сатано, излези надвор“. Теодосија почна да завива: ,Јас не излегувам надвор‘. Во преполнетата црква настана гробна тишина. А силните зборови на отец Јован се повторуваа: ,Сега, веднаш излези надвор‘. Викањето на болната почна да слабее. Таа дишеше тешко, кркорејќи. Таа не се противеше, туку со затворени очи падна на рацете на своите придружници. Со решителна сила отец Јован три пати ì вели: ,Отвори ги очите‘. Со голем напор, полека, болната ги отвора очите. ,Прекрсти се‘. Болната се прекрстува несигурно. Отец Јован ја остава да се прекрсти неколку пати, а тогаш ја прашува: ,Како се викаш‘. Таа изговара: ,Теодосија‘.

Теодосија, прекрсти се уште еднаш“. Таа тоа го прави лесно.

,Оставете ја сега‘, – им рече отец Јован на луѓето од нејзината придружба. ,Таа е сосема здрава‘.

Потоа ја одведе на исповед. По исповедта, по многу години, со мир и стравопочит ја прими светата Причест. По ова, таа беше сосема здрава“.

 

Извадок од брошурата: Како да се подготвуваме за Светата Причест, Повардарска епархија, 2012.

 

http://crkvaveles.wordpress.com/2012/08/10/chuda-preku-ispoved-i-prichest/

 (Обновено)