Архимандрит СЕРАФИМ

ПРАВОСЛАВНО ЧЕТИВО

 

4) ПРИГОВОРИ ПРОТИВ ИСПОВЕДТА

Колку е големо нашето нечестие! Бидејќи ние, не заради тоа што сме ја заборавиле Исповедта како чудотворно лекарство и не прибегнуваме кон неа, туку и тогаш кога ја знаеме не ја практикуваме! Што може да биде понеразумно од ова?
 Исповедта е толку неопходна за нас грешните што смело треба да речеме: без Исповед за нас нема спасение! Истава мисла ава Исаија ја изразил вака: “Ако немаше покајание, никој не би се спасил”. Како што Крштението не мие од првородниот грев и од сите гревови направени до него, така и Покајанието, кое е поврзано со исповедањето на гревовите, н# мие од сите беззаконија извршени по Крштението.
 Но, ние не се исповедаме бидејќи имаме приговори против Исповедта. Кои се нашите најчести приговори?
 1) Еден вели: “Јас  сум многу грешен, може ли Бог да ми ги прости гревовите? Јас не верувам во тоа! Затоа нема смисла да се исповедам”.
 Но, ако човекот искрено се покае, може да му се прости секој грев. “Силата на покајанието е заснована на Божјата сила! Лекарот е семоќен – и Лекот даден од семоќен” (еп. Игнатиј Брјанчанинов).
 Св. Јован Златоуст, размислувајќи за чудотворните последици од искреното покајание, вели: “Покајанието е лек што го уништува гревот. Тоа е небесен дар, чудотворна сила која по Божја благодат ја победува силата и строгоста на законите. Тоа не одблескува од блудникот, не отпаѓа од прељубодеецот, не се одвраќа од пијаниот, не се гнаси од идолопоклоникот, не го занемарува оној што зборува лошо, не го прескокнува хулителот, ниту горделивецот: тоа сите ги пресоздава, бидејќи е пламен за очистување од гревовите. Раната и лекот, тоа се гревот и покајанието (исповедта – во ск. мое).
 Немој да ми велиш: многу сум грешел, па како ќе може да се спасам? Ти не можеш, но твојот Бог може, и тоа така што ќе ги уништи сите твои гревови. Слушај ги внимателно моиве зборови: твојот Бог ги уништува твоите гревови така што од нив не останува ни дамка, ни белег, туку ти го враќа здравјето. Тој ти ја подарува благообразноста кога те ослободува од смрттното наказание, Тој ти дава праведност и оној што грешел го прави еднаков со оној што не грешел. Бидејќи Тој го уништува гревот и прави да исчезне како никогаш и да го немало.
 “Но, ќе речеш, возможно ли е оној што се покајал да се спаси? Совршено возможно! Но, јас целиот свој живот сум го поминал во грев, ако се покајам дали ќе бидам спасен? Се разбира! Од што се гледа тоа? Од човекољубието на твојот Господ. Зарем јас се надевам дека твоето покајание ќе ги уништи твоите тешки гревови? Ако би било само твоето покајание, тогаш ти би требало да трепериш; но, со покајанието се соединува Божјото милосрдие, а Божјото милосрдие нема граница и зборовите не можат да ја изразат Неговата добрина. Твојата злоба има предел, но Лекот против неа е беспределен. Твојата злоба е човечка злоба, а Божјото милосрдие е неискажливо. Затоа надевај се дека Тој ќе ги превиди твоите гревови. Замисли си искра што паѓа во морето: ќе се запали ли? Ќе се појави ли повторно? А она што е искрата за морето, тоа е гревот за Божјото човекољубие, но тој дури ни приближно не е тоа, туку нешто многу помалку! Морето, колку и да е големо, има крај, а Божјото човекољубие е безгранично”.
 2) Друг вели: “Зошто да се исповедам? Јас немам некои особени гревови. Нека се исповедаат оние што убиле, ограбиле, унесреќиле или извршиле некој друг грев”.
 Овој приговор за исповедта е наполно спротивен на првиот. Таму, заради страшното сознавање на својата огревовеност, човекот не верува дека ќе му се прости. А овде умира секакво сознание за огревовеноста. “Немам особени гревови…” Но, дали навистина е така? Кога човекот подолго време престојува во една затворена соба, се навикнува на расипаниот воздух во неа и не чувствува колку е тој непријатен. Но, ако дојде некој однадвор, не ќе може да ја издржи насобраната смрдеа во собата и ќе избега.
 Нека одговорат оние што велат: “Немам некои особени гревови”, дали тогаш Го имаат Христос во срцето? А чисти ли се нивните срца? Едвај! Тие си вообразуваат дека се чисти, но вообразенијата сеуште не се дејствување. “Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас” (1. Јов. 1,8). А каде што е лагата, Таму не е Христос!
 Тогаш, што да правиме? – Да се исповедаме. “Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да н# очисти од секаква неправда” (1. Јов. 1,9).
 Светите отци н# учат дека е многу тешко човек да ги согледа своите гревови.
 Тоа се објаснува со заслепувањето што ни го прави ѓаволот. Ава Исаија вели: “Кога човек ќе се оддели од оние што се наоѓаат од неговата лева страна, т.е. од општожитието со демоните и од учествувањето во нивните гнасотии, тогаш тој ќе ги види своите согрешенија пред Бога во сета нивна полнота; тогаш тој ќе го познае Исуса. Но, човек не може да ги согледа своите гревови с# додека не се раздели од нив преку состојба исполнета со мака и страдања. Оние што ја достигнале оваа состојба се предале на плачот и молитвата и кога ќе се сетат на своето лукаво дружење со страстите не смеат да погледнат кон Бога, туку престојуваат во постојана скрушеност на духот”.
 Да беше лесно согледувањето на своите гревови, св. Ефрем Сирин немаше да моли: “Господи, дај ми да ги видам своите прегрешенија”. Ниту, пак, о. Јован Кронштадски да вели: “Тоа е навистина дар Божји – да ги видиш своите гревови во сето нивно мноштво и во сета нивна гнасотија”.
 Излегува дека оние што мислат дека немаат некои особени гревови се всушност слепи. Тие треба да се молат Господ да им даде да ги видат нивните гревови и да се спасат од крајно погибелното духовно сознание што ги опфатило дека немаат некои особени гревови. Дури и како прашинки да се мали нивните гревови, штом не се чистат со постојана исповед се натрупуваат и ја валкаат собата на срцето, така што таму не може да влезе големиот небесен Гостин.
 Малите гревови се честопати поопасни од најголемите престапи, бидејќи последниве многу $ тежат на совеста и настојуваат да бидат простени, исповедани, измазнети, излечени, додека пак малите гревови не $ тежат многу на душата, но го имаат тоа погибелно својство да ја направат бесчувствителна кон Божјата благодат и незаинтересирана за спасението. Многу помалку луѓе загинале од свирепи ѕверови отколку од малите и за око невидливи микроорганизми. Малите гревови, како незначителни, најчесто се одминуваат без да им се обрати внимание. Тие лесно се забораваат и затрупувајќи го правилното осознавање ја создаваат најстрашната навика кај човекот – навиката да греши. Така непокајаниот грешник стигнува до самозаблудување дека не е грешен, дека со него с# е во ред иако е непокајан и жален роб на гревовите.
 Малите гревови создаваат вистинско мртвило во духовниот живот на човекот. Како што камениот часовник запира од напластувањето на ситниот прав, така и духовниот пулс на човекот постепено замира под дебелиот пласт на натрупаните “ситни” гревови. За повторно да проработи часовникот, треба да се издува правот. За да оживи човекот за духовен живот, треба да ги исповеда и најмалите гревови.
 3) Трет, пак, вели: “сето тоа е вистина, но зошто да се исповедам кога знам дека утре повторно ќе згрешам? Има ли смисла таквата исповед? Јас разбирам да се исповедаш, но потоа повеќе да не грешиш!”
 Овој приговор против исповедта содржи нешто правилно, но и нешто неправилно. Правилна е желбата повеќе да не се греши по исповедта. Но, ние сме немоќни луѓе, не можеме одеднаш да достигнеме таква цврстина што го прави невозможно паѓањето во волни гревови. Тогаш, кога не можеме одеднаш да достигнеме таква цврстина во добродетелта, да се оддадеме ли на порокот? Да престанеме ли да се исповедаме? Што е подобро - да лежиш во калта на духовното мочуриште или да се исправаш по секое паѓање и да одиш напред со надеж дека некогаш ќе стигнеш до тврдиот и убав брег на добродетелта? Ако не се исповедаш, остануваш во калта. Ако се исповедаш, се подигаш од калта и се миеш од неа. Ти велиш: “Но, зошто да станувам кога утре повторно ќе паднам?” Штом паднеш, повторно стани! Секој ден започнувај одново! Тоа несомнено е подобро, отколку да се одвикнеш да стануваш.
 Еден млад монах се пожалил кај големиот подвижник ава Сисое: “Ава, што да правам? Јас паднав!” Старецот одговорил: “Стани!” Монахот рекол: “Јас станав и повторно паднав!” Старецот одговорил: “Повторно стани!” А младиот монах запрашал: “И до кога да станувам кога паѓам?”, “До својот крај” – одговорил ава Сисое.
 Овој мал дијалог треба да го запаметиме сите ние што сакаме да се поправиме, но измамени од ѓаволот постојано повторно паѓаме во нашите претходни гревови. Секогаш штом паднеме во некое прегрешение треба да станеме. “Исправено” – тоа е исповедта.
 “Но, зошто да си играме паѓање и станување?” – прашуваат некои. О, тоа не е игра, туку борба во што има голема смисла. Ако како луѓе немоќни паѓаме, но повторно стануваме, голема е веројатноста смртта да н# начека станати. Тогаш, ние сме спасени. Но, ако мислиме да не стануваме, смртта сигурно ќе н# начека легнати во калта. Тогаш сме изгубени за навек!
 Св. Јован Златоуст, вели: “Покајанието го отвара небото за човекот, го воведува во рајот, го победува ѓаволот. Грешен ли си? Не очајувај! Ако секој ден грешиш, секој ден принесувај покајание! Кога во старите куќи има изгниени места, ги заменуваме со нови, но не престануваме да се грижиме за нив. Ти треба да одлучуваш за себеси: ако денес си се осквернил со грев, веднаш очисти се со покајание”.3
 За миење на телесната нечистотија Бог ја дал водата, а за миење на душевните осквернувања Бог ја дал благодатта на Св. тајна исповед. Секој човек што ќе си ги извалка рацете се мие и не вели: “Нема да си ги измијам рацете бидејќи повторно ќе ги извалкам!” А зошто, пак, тогаш многумина велат: “Нема да се исповедам бидејќи утре повторно ќе згрешам!” Така е бидејќи непријателот на нашето спасение ни сугерира да не си ги миеме душите за тој да ја добие власта над нив.
 Но, ние не треба да ги слушаме таквите сатански сугестии, туку треба почесто да се исповедаме бидејќи честото миење всадува во нас љубов кон чистотата.
 Оставете си ја куќата една година неизметена, неисчистена, непроветрена! Зарем нема да се претвори во вистинска кочина? А сега, замислете си во што се претворила душата на оној што не една, туку дваесет, четириесет, шеесет или седумдесет години не ја чистел својата душа со исповед!
 4) Четврт, пак, вели: “Јас се исповедам пред Бога. Каква потреба имам да одам кај свештеникот?”
 Па, ако нема потреба да одиш кај свештеникот, тогаш не оди кај него! Тогаш обрати се кон Бога, Тој дирекно од горе да те крсти. Тој да те миропомаза, Тој да те венча, Тај да ти изврши маслосвет, Тој директно да те причести без некоја небесна Литургија итн. но, тоа ти не го правиш. Зошто  си недоследен? Зошто за сите останати Тајни ти се обраќаш кон свештеникот, а само за тајната исповед, велиш: “Немам потреба од свештеник; јас се исповедам дирекно пред Бога!” Не чувствуваш ли дека непријателот те мами?
 Бог наредил свештениците да ги свештенослужат светите тајни, па преку нив ние да ја добиваме небесната и сеспасителна благодат. И исповедта е тајна. Ако се исповедаш пред Бога, добро правиш, зошто ја раздвижуваш својата совест, си спомнуваш за своите гревови и  можеби и солзи лееш за нив. Но, со сето тоа с# уште не ја добиваш прошката од Божјата благодат. Исто, како кога седиш и размислуваш, како во денот што не заоѓа во Царството небесно Божјите угодници се причестуваат со недостижната за нас небесна причест. Колку и да те исполнуваат со радост и умиление твоите мисли ти реално не се причестуваш с# додека не ја примиш реалната Св. причест, та и тука, с# додека не отидеш кај свештеникот на кого Самиот Исус Христос му ја дал власта да врзува и разврзува, колку и да се исповедаш пред Бога, ти с# уште не добиваш прошка за своите гревови. Бидејќи за свештениците Бог Самиот благоволил да рече: “На кои ќе им ги простите гревовите, на тие ќе им се простат”.
 Покрај ова, исповедањето пред свештеник има огромно воспитно значење. Тоа н# смирува. Тоа ја лекува нашата гордост, тоа н# тера спасително да црвенееме, тоа не исполнува со срам и страв и не запазува од идните гревови. Кога грешиме, грешиме пред семоќниот Бог, но не се срамиме од Него, бидејќи не Го гледаме. Исто е, и кога се исповедаме пред Бога, тоа го правиме со леснотија, бидејќи не Го гледаме Бог и сеедно ни е што зборуваме за себе. Но, каков срам н# обзема кога се исповедаме пред свештеник! Оној што се подчинил на црковниот ред да се исповеда кај духовник, со мака повторно ќе се одлучи да ги повтори своите гревови, кога ќе размисли дека повторно ќе треба да ги разоткрива на исповедта (спореди св.Јован Лествичник, Лествица, 7-мо издание, Сергеев посад, 1908; стр. 41.). Исус Христос премудро наредил покајанието да го правиме пред свештенослужителот, кој е сведок Божји!
 Но, како свештеникот може да ги простува гревовите? – прашуваш ти. – Штом така наредил Бог, може. Но зарем и самиот свештеник не е грешен човек? Ако тој е грешен, што губиш ти со тоа? Тој е грешен за себе и пред Бог ќе одговара за своите гревови. Светите тајни што ги извршил заради неговата гревовност не престануваат да бидат дејствителни за тебе штом ти ги примаш со вера и смирение. Зарем сончевиот зрак што паѓа над калта се извалкува од неа? Така и Божјата благодат не губи ништо од себе со тоа што се предава преку гревовно извалкан свештенослужител. Тој самиот, поради своето недостоинство, веќе следниот ден може да биде лишен од благодатта. Но ти, примајќи ја преку него Божјата благодат, ако самиот се покажеш достоен, нема да бидеш лишен од неа.
 Нема ли свештеникот да ги издаде моите тајни гревови кажани на исповедта? Нема! Ниеден свештеник нема право да го раскажува она што го слушнал на исповедта. Тој е должен тајната на исповедта да ја однесе со себе во гроб. Затоа не беспокојувај се дека срамот од твојата огревовеност може да биде разгласен низ општеството.
 Запомни дека ако бегаш од исповедта поради ревност кон својата чест, самиот ќе го свртиш вниманието на другите кон себе. Ако се срамиш да ги признаеш своите слабости пред еден човек, сите ќе почнат да зборуваат за нив! Таков е духовниот закон. Независно од тоа колку вешто се трудиме да ги сокриеме, луѓето ги чувствуваат нашите недостатоци. Ако ги исповедаш пред еден, Бог заради твоето смирение пред тој еден сведок, ќе те покрие со Неговата благодат пред останатите!
 Ако пред исповедникот внимаваш на своето добро име, ќе се сруши твојот авторитет пред сите! Покај се само пред еден! Твојата исповед ќе те научи да војуваш против своите страсти! А, ако водиш вистинска војна со нив, мнозинството нема да дознае за нив! И ти, со Божја помош, ќе се излекуваш уште пред да го свртиш вниманието на другите кон себе. Но, ако не сакаш да се лекуваш преку исповедта, тогаш и тука својот образ ќе го изложиш на потсмев и на Страшниот суд вниманието на целата вселена ќе го свртиш на себе! 
 5) Петти, пак, вели: “Јас одам кај свештеникот за да ми ја прочита Разрешителната молитва”.
 Ова е најголемото сквернавење и злоупотреба на исповедта! Што значи: “Разрешителна молитва”? – Тоа значи молитва за разрешување на гревовите. Христијанинот оди кај свештеникот и без да се покае го замолува: “Оче, прочитај ми разрешителна молитва” или “Молитва за прошка!” И свештеникот го става епитрахилот над главата на оној што се кае и му ги проштева беззаконијата што тој не ги исповедал, туку ги сокрил.
 Стој, служителу Божји! Што правиш? Знаеш ли какви гревови се кријат во таа душа, па така лесномислено ги простуваш? Знаеш ли каква одговорност имаш ти пред Бога! Ами, ако од тебе е сокриен некој смрттен грев, а ти толку лесномислено му дозволуваш на христијанинот да пристапи пред Св. причест, зарем со тоа нема да ја забрзаш погибелта на таа душа? Зарем не ти се познати зборовите на св. ап. Павле: “Затоа, оној кој недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа” (1. Кор. 11,27). Зошто не го испитуваш верникот?  Зошто му дозволуваш да ја јаде и пие својата вечна осуда? Зошто ја даваш Светињата на непокајан грешник? И Јуда на Тајната вечера се причести со останатите св. апостоли, но бидејќи беше непокајан грешник, наместо Божјата благодат во него влезе сатаната. Сакаш ли од лесномислениот христијанин кој без исповед, а само со разрешителна молитва, пристапува кон Христос, да направиш втор Јуда?  Подобро не дозволувај му на неподготвениот да пристапи кон Св. причест с# додека не се покае и исповеда, отколку да му даваш оган и осуда.
 Читањето на Разрешителната молитва е најголемата неразумност! Тоа е лажење на Бога, лажење и на самите себе. Ананија и  Сапфира платија со своите животи за својот нечесен обид да Го излажат Светиот Дух (Дела 5, 1-10). Христијанину не самозалажувај се! Свештеникот, с# додека не ги слушне гревовите на исповедта не може да ги прости! Тој не може да ги разврзе јазлите на твојата совест с# додека не дојде до нив, притоа никакви приспивни за совеста “разрешителни” молитви не можат да помогнат. Или си ги исповедал своите гревови и си примил прошка за нив, или не си се исповедал и тие останале во твојата душа. Ако можеш да се измиеш без да ја допреш водата, тогаш ќе можеш и да се очистиш од своите беззаконија без да се исповедаш.
 Читањето на разрешителна молитва  за смирување на совеста  е грев и за свештеникот, и за мирјанинот, бидејќи во основата на тоа има заблуда и лага. Оваа пракса не н# води кон духовно оздравуваање, туку кон уште поголемо грешење. Некој си е болен судбоносно. Со сигурност се знае кој е болеста, точно се знае кој е и лекот кој може да ја победи. Но, понекогаш тој е горчлив, па болниот бара нешто попријатно. Тогаш, лекарот дава или морфиум за ублажување на болките, или некаков сладок, но бесполезен сируп. Дали болниот ќе оздрави? Никогаш! И кој ќе ја сноси одговорноста за неговата смрт? Самиот тој, бидејќи сакал слатки сирупи за да се залаже, но и лекарот, кој знаел што треба да му даде, но заради човекоугодие не му го дал.
 Неодамна една добра и ревносна христијанка ми го довери следново: “Се подготвував за Св. причест. Отидов во храмот и го побарав парохискиот свештеник за да се исповедам. Свештеникот беше многу зафатен. А, како што можев да забележам и расположението не му беше добро. Тој ме пречека и малку со досада ми рече: “Е, ти пак за што доаѓаш? Да исповедаш едни и исти мали гревови? Ти немаш големи престапи пред Бог. Дојди ваму, ќе ти прочитам разрешителна молитва!” – “Но, јас сакам да се исповедам, нешто ми тежи на душава!” – “Нема потреба! Клекни овде!” Јас се потчинив и тој ми прочита разрешителна молитва. Станав и си тргнав. А во душата – никакво олеснување! Таму си стои тежината и почнува уште повеќе да ме мачи. Од средината на храмот се вратив кај свештеникот, но тој веќе беше зафатен со други богомолики. Дојде времето за причест. Јас не смеев да се причестам, бидејќи не чувствував дека совеста ми е смирена.
 Следната недела отидов во друг храм. Таму се исповедав и се причестив. Почувствував голема радост од исповедта. Дури тогаш ми олесна.

zaboraveni.lekarstva.jpg

(ПРОДОЛЖУВА)

 Заборавеното лекарство (I дел)

 Заборавеното лекарство (Ii дел)

 Заборавеното лекарство (Iii дел)

 

 

Архимандрит СЕРАФИМ

ПРАВОСЛАВНО ЧЕТИВО

 zaboraveni.lekarstva.jpg


5) ПРАВИЛА ЗА СПАСИТЕЛНА ИСПОВЕДСите христијани без исклучок треба да се исповедаат, ако сакаат да се спасат. Но, како треба да се врши вистинската правилна исповед? Многумина не го знаат тоа. Ете зошто ни се наложува подетално да го разгледаме ова прашање. Овде ќе се задржиме на следниве три моменти од исповедта:
а) Што треба да направиме пред да отидеме кај исповедникот;
б) Што треба да правиме кога сме кај исповедникот;
ц) Што треба да правиме кога ќе си заминеме од него;


а) Што треба да направиме пред да отидеме кај исповедникот?Од Христовите апостоли, првиот и последниот згрешиле многу. Петар се одрекол од Христос, а Јуда Го предал. Но, на Петар му било простено, а Јуда умрел. Петар повторно го примил апостолското достоинство, а над Јуда и денес виси проклетството низ вековите. Што го спаси Петар, а што го погуби Јуда? Што требаше да направи тој нечесник? Откако го направи гревот, требаше ли да се исповеда? Но, формално гледано тој се исповеда кога отиде кај книжниците и фарисеите, и им рече: “Згрешив, оти предадов невина крв” (Матеј 27,4) и заедно со исповедта им ги врати триесетте сребреници. Зарем тоа не е доволно? Очигледно не! Една празна исповед не спасува! Освен скрушеност на срцето, потребна е и жива вера во Божјата милост. А Јуда се посомнева во своето спасение, па затоа по исповедта си замина и се обеси. Телото му висеше на едно дрво, а душата му отиде во адот за вечни маки.
 Зарем така не постапи и Петар? Во дворот на Кајафа тој три пати се одрече од Христос, од својот Добродетел и Учител: “Не Го познавам Човекот” (Матеј 26,74). Но, при треттото одрекување, кога слушна дека запеа петел, си спомна што му беше рекол Христос, го созна својот грев, го скруши своето срце, веднаш излезе од дворот, се оддели од лошата средина на првосвештеничките слуги и, што е најважно, почна да лее горчливи солзи – солзи на искрено, живо, длабоко покајание. Според едно предание, Петар сиот свој живот, кога ќе чуел дека пее петел, си спомнувал за својот тежок грев и очите му се претварале во два извора на најпокајнички солзи. Петар не паднал во очајание, верувал во Божјото милосрдие и заради тоа се спасил.
 Така, св. Петар ни оставил жив пример кој е најголемиот услов на кој треба да одговориме кога по гревопаѓањето сакаме повторно да се обратиме кон Бога. Тоа е верата во Божјото милосрдие, што го одгонува секое очајание. Бог е љубов. Колку и да е тежок нашиот грев, Тој ќе ни го прости, доволно е да го смириме своето срце. Дури и како планини да се високи нашите гревови, ќе пропаднат во океанот на Божјата милост. Кој, пак, очајува, тој е изгубен. Очајувањето е радост за ѓаволот. Затоа, најмногу да се пазиме од очајанието, бидејќи ако паднеме во очај, никој не ќе може да не спаси.
 По тоа, и во другите работи да го имитираме св. ап. Петар. Кога го созна својот грев, тој веднаш излезе од проклетиот двор на првосвештеникот каде што се одрече од Христа. И ти, брате или сестро, кога ќе посакаш да се исповедаш и да се вратиш кон Бога, излези од проклетиот двор на гревот каде што досега си престојувал и каде што досега од најразлични побуди не трипати, туку секој ден по 33 пати си се одрекувал од Христа. Излези надвор и со телото, и со срцето, и со умот! Петар се оддалечи од слугите на првосвештеникот. И ти, остави го дружењето со тие луѓе што те учат на гревови, или пак, без да сакаат ти служат за соблазна.
 Но, најважната поука од однесувањето на покајаниот апостол е следнава: кога остана сам, св. ап. Петар во себе си размисли, повторно го доживеа ужасот на својот грев и од длабоко страдање горко заплака. И ти, кога се подготвуваш да отидеш кај духовникот, не пристапувај кон него без претходна подготовка. Пред тоа оддалечи се од шумата на секојдневието, остави ја секоја друга грижа, собери си ги мислите, кажи кратка, но срдечна молитва, спомни си за сите гревови, па дури и запиши си ги на еден лист, за кога ќе појдеш да ги исповедаш, во својата збунетост да не ги заборавиш и да останеш неочистен од нив. Потсети се на десетте Божји заповеди, види која од нив си ја нарушил, потсети се да не си направил некој смрттен грев, испитај ја својата совест, осуди се себеси, заплачи за своето паѓање и со такво расположение отиди кај духовникот! Тогаш биди уверен дека ќе добиеш вистинска прошка, бидејќи “срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлаш“ (Псал. 50,17).
 Ако сакаме да примиме Божја прошка, апсолутно неопходно е тагувањето поради извршените од нас гревови. Па, токму во тоа се состои покајанието – да пролееш солзи, да почувствуваш длабока скрушеност поради своите паѓања. Според сведоштвото на св. Исак Сирин, Бог нашата покајничка понизност ја прима како подвиг .
 Ете, ова треба да го направиме пред да појдеме кај исповедникот.


б) Што треба да правиме кога сме кај исповедникот?Се наложува да внимаваме на следниве работи: 1) Да запаметиме дека сме дојдени во Христовата болница. Тука свештеникот е видливиот лекар, а невидливиот – Самиот Христос; 2) Да не ги исповедаме гревовите со лажен срам; 3) Да не бараме оправданија за нив; 4) Намерно да не сокриваме апсолутно ништо; 5) Да не се исповедаме со општи фрази што не значат ништо; 6) Кратко, но јасно и точно да го кажеме карактерот на секој наш грев; 7) Да не разоткриваме туѓи гревови и по можност да ги премолчуваме имињата на лицата што нe довеле во грев, или кои по наша вина згрешиле заедно со нас; 8) Пред духовникот да не се фалиме со некои наши добродетели; 9) Да не ја префрламе вината на други, туку само врз нас самите, и 10) Да имаме искрена желба понатаму да не грешиме веќе.
1) Кога одиме на исповед, влегуваме во Христовата болница. Тука Самиот Бог е Лекарот, бидејќи единствено Тој може да умртвува и да оживува, да суди и да помилува, да казнува и да проштева. Свештеникот е само сведок и Божји полномошник. Затоа, исправени видливо пред свештеникот, а невидливо пред Самиот Христос, треба со голем трепет да пристапиме кон големото таинство на духовното очистување! Свештеникот ја слуша нашата исповед, а Бог ќе ја прими! Свештеникот ќе ја прегледа нашата душа, а Бог ќе ја излекува! Свештеникот ќе ги напише рецептите, а Бог ќе го направи чудото на духовното обновување!
 Внимавај понатаму, христијанину, во каква болница си дошол! Да не би поради лесномисленост или негрижа, поради твојата неопитност или неумесен страв да си отидеш неизлекуван!
 Ако вистински се плашиш од Бога, биди бестрашен кога ќе застанеш да ги исповедаш своите гревови! Не плаши се! Судијата пред Кого стоиш е бескрајно милостив! Тој е страшен само за оние што не се плашат од Него и лесномислено се откажуваат од покајанието.
 2) Твојата исповед треба да биде без лажен срам. Во овој свет, ние пред сe  живееме во едно фарисејско лицемерие! Едно сме, а сакаме да поминеме како нешто друго; однадвор не се покажуваме онакви какви што сме однатре. Сакаме луѓето да имаат добро мислење за нас, затоа ги сокриваме лошите особини, а ги покажуваме добрите. А, ако немаме добри, тогаш се фалиме со измислени добродетели. Затоа не ретко во својот живот ќе сретнеме луѓе на кои од лицето им блика добрина, но не и од срцето. Зарем сите ние не се лажеме вака взаемно во животот? Но, треба ли да лажеме кога сме дошле на исповед?
 Навистина, не е лесно да ја покажеш својата грешност пред духовникот, кога пред луѓето се претставувуваш добар. Срам ти е да ги разоткриеш своите недостатоци. Но како ќе се излекуваш ако ја криеш својата болест? Ти го победуваш срамот кога ќе отидеш кај лекар да те прегледа – ти го лекуваш своето тело. А зошто се срамиш кога одиш кај духовникот за да ја лечиш својата душа? Не гледаш ли  дека срамот е пречка за твоето спасение? Затоа, отфрли го срамот и прегрни ја решителноста! Треба да се срамиш кога грешиш, а не кога го исповедаш својот грев! Бог го сврзал срамот со гревот, а решителноста со исповеданието. Не слушај го ѓаволот што го извртува Божјиот ред и ти сугерира да се срамиш при исповедањето на гревот, а да си решителен при правењето на истиот. Тој превртил сe наопаку за да те погуби!
 Кога учениот Сократ одел по една атинска улица, видел еден свој ученик како излегува од куќата на една блудница. Младото момче се засрамило од својот учител и сакало набрзина да се сокрие внатре. “О, младо момче, - му рекол Сократ, - не е толку срамота да излезеш од таква куќа, срамно е да престојуваш во неа!” О, христијанину! - ќе речам јас, - не е срамно да излегуваш надвор од својот грев при исповедта, срамно е да стоиш во него, т.е. да го криеш од својот духовник. Св. Василиј Велики вели: “Прикриениот грев е неизлекувана болест на душата”. Како можеш да се излекуваш од болеста кога ја криеш од лекарот?
 Некои се срамат да се исповедаат бидејќи се наоѓаат на високи функционерски места и се сметаат за големи луѓе. Но, погледнете го примерот со епископот Потамиј! Тој бил на постара возраст, прочуен по своите добродетели, образец на целомудрието. Но, се случило и тоа, тој паднал во грев. Но, веднаш повторно станал и решил да се покае пред соборот на сите епископи што набргу требало да се соберат во неговиот град. Кога започнал соборот, општопочитуваниот епископ Потамиј бил избран за негов претседател. Заради тоа, тој во своето срце почувствувал страшна борба меѓу срамот и срдечното сокрушение. – Потамиј, му велел од една страна срамот, - нема зошто јавно да се исповедаш. – Потамиј, од друга страна му велела понизноста, зошто оддолжуваш, зошто не го направиш она што си го намислил? – Зарем не ти е срам од луѓето? – му сугерирал срамот. – Ти срамувај се од Бога! – го советувала понизноста. – Но, ти си архиереј! Ќе станеш соблазна! – сугерирал срамот. – Токму заради тоа што си архиереј, треба на светот да му дадеш еден голем пример! – велела понизноста. На крајот таа победила, а срамот се повлекол. Потамиј станал од столот и пред сите го исповедал својот грев. И ангелите на небото се зачудиле на таквата исповед!
 Ако еден архиереј пред цел собор не се срамел да го исповеда својот грев, зошто пак ние да се срамиме тајно, пред еден свештенослужител Божји, да ги исповедаме своите гревови?  Штом ги кажеме, тие престануваат да бидат гревови. Кога Давид ги исповеда своите гревови пред Натан, веднаш ја слушна утехата: “Господ го симна од тебе гревот твој” (2. Цар. 12,13). А, неисповеданиот грев останува неизлечена, смртоносна рана на душата. Затоа смело да се исповедаме!
 3) Кога веќе сме застанале пред судот на доброволната исповед, не треба да бараме оправдување за своите гревови. Малку да се помачиме со доброволно самоизобличување! Таа мака е искупителна! Да поцрвенееме од непријатен срам! Во пламените на самоизобличувањето изгоруваат нашите гревови. Но, ако почнеме да бараме извинување, да бараме оправдување, завршено е со спасителноста на нашата исповед. Што значи исповед? -Покајание! А оној што вистински се кае знае само за едно: да плаче и да бара милост. Почне ли да се оправдува, да итрува, сето покајно расположение ќе испари. Во тајната исповед покајното расположение е нешто многу суштествено!
 На сето ова треба да се потсетиме, бидејќи има многу христијани кои кога се исповедаат с# нешто сакаат да се оправдаат себеси. Иако го кажуваат гревот, се обидуваат да го омаловажат и да го омекнат, и бараат некои средства и причини за да испаднат поневини! Тие треба да знаат дека небесната судница се разликува од земната. Пред земниот судија обвинетиот се обидува да се претстави што поневин, за да биде оправдан. Но, пред Божјиот суд е обратно: кој повеќе се укорува, повеќе се оправдува.
 Па, зарем не за тоа Исус Христос нe  повикува кај Себе, да ни ги прости сите волни и неволни гревови! Ниедна вера не проповеда толку човекољубив Бог како нашата!
 Се раскажува дека блажен Ероним, кога живеел во Палестина и се подвижувал во Витлеемската пештера каде што се роди Спасителот, на Рождество Христово имал чудно видение. Му се јавил Исус Христос како дете и го прашал: “Ерониме, сега кога сите Ми подаруваат по нешто, ти што ќе ми дадеш?” “Моите добродетели и молитви!” – одговорил св. Ероним. “Добро тоа, но што друго?” “Моето срце, душата и целиот себе!” “И тоа ќе го примам, но Јас сакам уште нешто од тебе!” “Но, што друго да ти принесам Господи?” – во недоумица прашал подвижникот. “Дај Ми ги твоите гревови!”
 Блажен Ероним скрушено заплакал. Тој низ солзи прашал: “Зошто Ти се, Господи, моите гревови?” – “Сакам да ги земам на Себе!”
 Слушнавте ли? – “Дај Ми ги твоите гревови!” Исус Христос ги бара од нас нашите гревови! Да му ги дадеме во Светата тајна исповед и Тој ќе ни ги прости!
 4) Пред духовникот не смееме апсолутно ништо волно да сокриеме. Ако не сакајќи заборавиме да исповедаме некој наш грев, тогаш треба да го исповедаме наредниот пат. Но, да сокриеме нешто во кое јасно се изобличува нашата совест, тоа значи нашиот грев да го направиме двоен: двоен, поради тоа што првиот сме го извршиле, а вториот сме го сокриле!
 Не сокривај го гревот во својата душа! Тој е смртоносна болест. Тој е болка што, ако не се оперира, може да те однесе в гроб. Со прикривањето на гревовите му правиме најголема услуга на ѓаволот, кој всушност не тера да ги вршиме безаконијата, а потоа да ги чуваме во душата како негово скривалиште, за тие подоцна да му послужат како обвинителен материјал против нас. Исповедај с# што ти ја мачи совеста! Колку ѓубре самиот ќе изнесеш од душата, толку ќе биде исчистена од Божјата благодат. Оној што греши влегува во сојуз со ѓаволот. А, оној што се исповеда го прекинува пријателството со бесовите. Исповедта е предавство, кога се однесува на ѓаволот. Таа е единственото оправдано предавство.
 Св.епископ Игнатиј Брјанчанинов прекрасно поучува: “Преку исповедањето на гревовите се растура дружењето со демоните. Независноста од гревовите е предзнак на вистинското покајание и на решеноста човекот да води добродетелен живот. Ако си се здобил со навика да грешиш, почесто исповедај ги своите гревови и набрзо ќе се ослободиш од гревовното ропство. Лесно и радосно ќе го следиш Господ Исус Христос.  На оној што постојано ги предава своите другари, тие му стануваат непријатели, се оддалечуваат од него како од предавник кој постојано ја бара нивната погибел, а од оној што ги исповеда своите гревови од него тие отстапуваат бидејќи гревовите се основаат и се зацврстуваат преку гордоста на паднатата личност и не поднесуваат разобличување и внимание” .
 5) На исповедта не треба да се користиме со општи фрази што ништо не значат. Многумина, особено меѓу оние што се исповедаат за прв пат, претходно учат што да речат кога ќе отидат кај духовникот. Дали поради срам, дали поради неопитност, честопати кажуваат работи што не се на место и си заминуваат од исповедта без полза.
 Една христијанка решила да се исповеда, но не знаела како да постапи. Се обратила за совет кај друга жена и таа вака ја поучила: “За сe сум виновна!”, и готово. А, па тоа е многу едноставно, си рекла првата христијанка и охрабрена застанала пред Божјиот служител.
 Кога свештеникот ја прашал за нејзините гревови, таа спокојно му рекла: “Оче, за сe сум виновна!” и помислила дека со тоа завршила исповедта. “Си крадела ли коњи?” – неочекувано ја запрашал тој. “Како да крадам коњи?!” – се зачудила таа. “Не ми паднало на ум да направам таков грев!” “А, значи ти не си виновна за сe! – и  рекол мудро духовникот. “Има луѓе  што крадат и коњи. А ти, се покажа дека не си го направила тој грев. Ајде подетално да видиме во што си грешела!” – така тој да довел до вистинската исповед.
 6) Кога се исповедаме треба кратко и јасно да го кажеме карактерот на секој наш грев. Видовме дека општите фрази не се од корист на оној што се исповедува. Тој треба одделно да го каже секој свој грев пред Бога. Се разбира, тоа не значи да почне да раскажува долги и детални истории. Духовникот е постојано многу зафатен човек. За време на постите, а особено пред причестувањето, многумина чекаат ред да се исповедаат кај него. Затоа е нужна збиеност, точност и краткост. За да се постигне ова, се препорачува претходно на еден лист да се запишат гревовите и да се читаат за време на исповедта. Не чекај свештеникот да те прашува! Од многу голема полза е кога самиот ги кажуваш своите гревови. Ако исповедникот те запре, за да разјасни некоја твоја духовна состојба, те праша нешто, должен си точно и без заобиколување да одговориш.
 Некои на исповедта мудруваат, сметајќи дека ќе можат да Го надитрат Бога, па наместо кратко да го определат карактерот на својот грев, на пр.: “го мразам својот сосед”, од неумесна желба да не се извалкаат себеси, почнуваат да раскажуваат долги и излишни истории, како соседот ги мразел, им пакостел, итн. Или наместо да речат: “Украдов тоа и тоа”, започнуваат да раскажуваат како во нив се појавил некој чуден нагон. Тоа не е исповед, тоа е глупаво итрување пред Бог.
 7) На исповедта не треба да разоткриваме туѓи гревови, туку само своите и по можност да ги премолчуваме имињата на лицата што н# навеле на грев или што ние сме ги соблазниле да грешат заедно со нас.
 Многумина не го запазуваат ова суштествено правило и затоа излегува следнава нелогичност: кога ќе појдат да ги исповедаат своите гревови, цело време зборуваат само за туѓите: “Таа, снаа ми, го направи тоа и тоа! Мажот ми е еден невозможен насилник!” или “Жена ми не ме слуша, има многу лош карактер и постојано е во кавга со мене и со домашните. Еден мој пријател, се вика така и така, - оче, ти го познаваш, - многу ме налути. А еден друг, оче, го направи тоа и тоа!”
 Тоа не е исповед, да ги обвинуваш другите наместо себеси. Ова повеќе наликува на осудување на другите. Оние што постапуваат вака одат кај духовникот грешни, а си заминуваат уште погрешни!
 8) Некои, пак, кога ќе дојдат на исповед, наместо самите себе да се разобличуваат, што всушност е суштествено, потребно и полезно при исповедта, неочекувано почнуваат да се фалат: “Јас, оче, никого не сум убил, ниту пак сум украл! Не сум пијаница! Си живеам најспокојно! Соседите и пријателите ме почитуваат! А, како човек можеби некогаш нешто и сум згрешил, но сега веќе не се сеќавам на тоа! Совеста ми е спокојна!”
 Ова ужасно самозадоволство е поголем грев и од оние ужасни гревови со кои се фали ваквот човек дека не ги извршил, бидејќи тој веќе ја затворил бездната на гревот со тапата на самозадоволната гордост.
 Многу луѓе стигнуваат до затапување на природното чувство и до сознанието дека не се грешни, заради нивното долго престојување далеку од Божјата благодат која се дава преку Тајните на Христовата Црква. За еден таков човек ми раскажуваше ревносниот Христов служител од с. Чепеларе, покојниот протоереј Евстатиј Јанков:
 “Мојот парохјанин Бочо беше пијаница. Се скара со Црквата и постојано беше во кафеана. Долго време го немаше ниту да се исповеда, ниту да се причести. Една вечер ме повика сестра му, која беше многу благочестива христијанка.
 - Дојди, оче, да го исповедаш и да го причестиш Бочо. Не е болен, но бидејќи знам дека нема да дојде кај тебе, дојди ти кај него!
 Одам. Му објаснувам колку е убаво за него да се исповеда. А тој, само молчи. Го прашувам што има на совеста. Го мачи ли нешто?
- Немам ништо. Мојата совест е спокојна – вели тој.
- Ама, како немаш. Зарем не си грешен човек!
- Ништо лошо не сум направил.
- А, сакаш ли да се причестиш?
- Зошто да не! Да се причестам, - равнодушно одговара тој.
- Добро! Утре ќе дојдам кај вас со Св. причест.
 Се враќам дома. А, на душава нешто ми тежи, тежи!
 Сестрата на Бочо го подготвила за Св. причест, му помогнала да се измие, му дала чисти алишта за да се пресоблече.
 Наредниот ден, јас ги носам Св. дарови кај Бочови. Но, ме сретнуваат познати и ми велат:
- Ноќва ненадејно Бочо почина!
 Јас целиот отрпнав од ужас. Се гледа, Бог не му дозволи да се доближи до Св. причест, бидејќи не сакаше да се исповеда и да се смири пред Бога, исто како што не сакаше да признае дека е грешен”.
 9) Кога се исповедаме, вината треба да ја префрламе на себе, а не на другите.
 Во рајот, нашите прародители Адам и Ева згрешија: јадеа од дрвото со забранетите плодови. Бог, готов да им прости, ги повика: “Адаме, каде си? Ево, што си направила?” О, ако доблесно го беа исповедале својот грев! Да ја беа признале својата вина! Да не беа ја префрлале вината еден на друг! Адам да беше рекол за себе си: “Боже, прости ми! Јас сум виновен!”  И Ева, да беше побрзала и да признаеше: “Не, Господи. Адам не е виновен, бидејќи јас му дадов да јаде од забранетиот плод!” Ако така беа постапиле, немаше да бидат избркани од рајот.
 Наместо тоа, што направија тие? – Кога Бог ги побара, тие почнаа да се правдаат и да ја префрлаат вината еден на друг. “Адаме, што си направил?” – “Не јас, Господи, туку жената, таа е виновна!” – “Ево, што направи?” – “Не јас, Господи, змијата, таа ме прелажа”. И двајцата ја криеа својата вина. Поради тоа без избркани од рајот.
 Не, зарем мнозина меѓу нас не постапуваат како Адам и Ева?
 Кога ќе појдеме на исповед, духовникот не прашува: “Адаме, во каква состојба си? Ево, што си направила?” Ние се самооправдуваме, ги криеме нашите гревови, ја префрламе вината на други. Тоа не е исповед! Вистинската исповед е доброволно себеизложување пред исповедникот, бестрашно себеобвинување, усрдно себеизобличување, добродетелно себеразоткривање, длабоко сокрушение, нелицемерно сожалување за гревовите и вистинска желба за поправање со Божја помош.
 10) Венец на вистинското покајание е тврдата намера понатаму да не грешиме.
 Има луѓе што се исповедаат само за да можат да се причестат. Тие се раководат со мислата дека примањето на Причеста без Исповед е тешко огрешување на душата, но во срцето не земаат решение да започнат нов живот. Па, си мислат: ќе грешам до следната исповед и повторно ќе се покајам. Штом има исповед, гревот веќе не е толку страшен! А, некои дури и брзаат да ги направат саканите, но ненаправени гревови, додека не се исповедале, за да можат да ги кажат на претстојната исповед. Сето ова е гнасно и долно пред Бог! Исповедта не е од полза на оној што свесно врви по гревовните патеки на својата извртена волја и намерно ги погазува Божјите заповеди. Таков човек, кој во себе создава гревовни навики, попусто се чуди зошто кога веќе се исповедал, подоцна не може да се поправи! Не може да се поправи бидејќи самиот не го сака тоа.
 Св. Василиј Велики, вели: “Не оној што вели: “Згрешив”, го исповеда својот грев, а потоа продолжува да си стои во гревот, туку оној што според зборовите од псалмот го согледал и го замразил својот грев. Каква полза ќе му донесе на болниот грижата на лекарот за него кога оној што страда од болеста цврсто се придржува до она што е погибелно за животот? Исто така, нема никаква полза од проштевањето на неправдите на оној што продолжува да ги прави. А од отпуштањето на гревот на распуштеноста нема полза оној што продолжува да живее распуштено… Премудриот Домостроител на нашиот живот преку Покајанието  сака оној што живеел во гревот, а потоа дал ветување дека ќе почне нов живот, да стави крај на минатото и по извршените гревови да почне од почеток како обновен за нов живот.
 За да имаме вистинска полза од исповедта треба цврсто да решиме да не грешиме понатаму. Вистинското покајание, според св. отци, се состои токму во тоа, да не го повторуваш гревот! “Кој со надеж дека ќе се покае си дозволува да греши произволно – вели св. Исак Сирин – тој подло постапува во однос на Бога. Него смртта неочекувано го поразува и тој не го доживува времето што мислел да го посвети на добродетелта” .
 За да имаме вистинска полза од исповедта, треба цврсто да решиме да не грешиме понатаму. Вистинското покајание, според св. отци, се состои токму во тоа повеќе да не го повторуваш гревот.
 За да се случи тоа со нас, при исповедта треба од се срце да посакаме да започнеме нов живот. Ако имаме таква спасителна желба, тогаш да бидеме сигурни дека Бог сигурно ќе ни помогне


.ц) Што треба да правиме кога ќе заминеме од кај исповедникот 
 Откако правилно сме се исповедале треба да го исполниме она што ни е речено, што ни е наложено: поклони, зачестена молитва, пост, усрдно читање на словото Божјо, давање милостина, посетување болни, грижа за постари лица и сл. Особено внимание треба да посветиме на следниве три работи:
1) Ако си скаран со некого, прости од срце за и Бог тебе да ти прости (Матеј 6,14-15). Инаку твојата исповед ќе отиде напразно!
 Темистокле и Аристид, видни атински државници, постојано биле скарани меѓусебе. Но, државата ги задолжила заедно да извршат една работа. Како пак сега да ја прекинат кавгата? Тогаш, Аристид рекол: “Сакаш ли, Темистокле, да ја оставиме кавгата овде на границата? Ќе отидеме, ќе ја заршиме работата и, ако сакаш, кога ќе се вратиме, ќе продолжиме со кавгата!” – така и направиле. Откако успешно ја завршиле работата, се вратиле и повторно почнале да се караат.
 Зарем ова не се случува и со христијаните кога се во непријателски односи? Се исповедаат, се причестуваат од една чаша, ги оставаат кавгите на прагот од храмот, но кога ќе излезат од него, повторно ја продолжуваат кавгата… И ова, исповед ли е? Тие всушност прават поголем грев кога се исповедаат и причестуваат без да сакаат да се откажат од неслогата со своите лични непријатели. Затоа, да прекратиме со кавгите!
 2) Други, пак, кои на исповедта признале дека го нарушиле целомудрието или семејната чест, треба веднаш да се откажат од својот лош пат. Па, не може да се сака и гревот и Бог!
 Еден философ тргнал еднаш да се прошета со кајче по морето. Почнала силна бура која се заканувала да му го преврти кајчето. По некое чудо, тој се спасил. Се вратил дома и веднаш го соѕидал оној прозорец  што гледал кон морето за повторно да не дојде во искушение да посака да се шета со кајче по него!
 О, христијанину, колку пати малку недостасувало да ги изгубиш животот и душата во морето на бесрамната љубов! Си се спасил со чудо! Одбегнувај ги причините! Не минувај веќе по тој пат! Не влегувај во тој дом! Не гледај веќе кон тој прозорец! Затвори ги очите соблазната да не влезе во твоето срце, инаку ќе загинеш!
 3) Најпосле, си присвоил туѓа облека, си ограбил некого, врати го туѓото, инаку нема прошка за тебе!
 Ако го хулиш името Божјо, ако се одрекуваш од Православието, ако се гневиш, ако се гордееш, ако завидуваш или правиш други тешки гревови, штом се покаеш, с# ќе ти се прости. Зошто? Бидејќи, со сите останати гревови го гневиш Бог, Бог за тие гревови, со кои го гневат луѓето го поставил свештеникот за Свој полномошник. Штом се каеш, свештеникот како Божји помошник може да ти ги прости гревовите што си ги направил против Бога.
 Но, ако имаш кај себе нешто туѓо и го исповедаш тоа, но не го враќаш, свештеникот нема да ти прости. Ако во своите раце го имаш имотот на некој сиромашен, како за тоа да ти прости духовникот? Сиромавиот не го поставил духовникот за свој застапник и не му дал власт да ти прости во негово име, за она што си го украл од кај него.
 Но, ти ќе речеш: јас давам милостина на манастирите и бедните! Молчи! Ниеден закон, ни Божјиот, ни човечкиот, не дозволува некој да подарува туѓа облека. Следствено на ова, за да добиеш прошка од Бога, врати го туѓото…!
 И така, видовме кои се правилата на спасителната исповед: прво, пред да отидеме кај духовникот, треба добро да ја испитаме нашата совест; второ, кога сме кај духовникот, треба искрено, скрушено, без срам и оправдувања да се исповедаме; трето, кога ќе си заминеме од кај духовникот, треба да ги исполниме наложените епитимии, да ја прекинеме расправијата, да се откажеме од нечесниот живот и да го вратиме туѓото.
 Според зборовите на св.Василиј Велики, оној што преку исповедта не го поправа својот живот, тој не се исповеда, туку празнослови .
(пордолжува)